Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФЕЉТОН: Духовната бисексуалност во политичката мисла на Арент, „сирачето“ во машкиот пантеон на филозофијата

Животот и филозофските трудови на Хана Арент (Hannah Arendt) сигурно спаѓаат меѓу најголемите контроверзи на дваесеттиот век. Исклучителниот есеј на американскиот новинар и писател Адам Кирш (Adam Kirsch) објавен во магазинот „Њујоркер“ во 2009 година, насловен „Чувајте се од сожалување“, е камче во мозаикот кој светските интелектуалци го склопуваат последниве половина век трудејќи се да го разветлат ликот и делото на Арент.

Рацин.мк во неколку продолженија го приопштува овој есеј за контроверзиите што го обележаа животот и интелектуално-филозофскиот опус на Арент, еврејството и антисемитизмот, релациите со филозофот Мартин Хајдегер, тоталитаризмот, нацизмот и раѓањето на Државата Израел од пепелта на холокаустот, судењето на Адолф Ајхман и создавањето на поимот „баналност на злото“ што го обележа тој период и се провлекува до ден денешен, на сите светски меридијани…

Во 1999 година, хрватската писателка Славенка Дракулиќ го посети Хаг за да ги види судењата за воени злосторства извршени во поранешна Југославија. Меѓу обвинетите беше и Горан Јелисиќ, 30-годишен Србин од Босна, кој ѝ изгледаше како „човек на кој може да му се верува“. Неговото „чисто, светло лице, живи очи и широка смирувачка насмевка“ ја потсетија на пријател на нејзината ќерка.

Многумина од хашките сведоци на ист начин го гледаа обвинетиот, дури и многу муслимани, кои во судницата раскажуваа како Јелисиќ му помогнал на еден постар сосед муслиман да го поправи прозорецот што бил разнесен од бомба и како му помогнал на друг пријател муслиман да избега од Босна со семејството. Но, босанските муслимани кои го познаваа Јелисиќ седум години порано, кога тој беше чувар во логорот Лука, раскажуваа различни приказни. Тие сведочеа дека Јелисиќ сам убил повеќе од сто затвореници за осумнаесет дена во текот на 1992 година.

Како што пишува Дракулиќ, тој ги избирал своите жртви по случаен избор. „Тој им нареди на луѓето да клекнат и да ги стават главите на одводната метална цевка од канализација. Потоа ги убивал со два куршума во задниот дел од главата, од пиштол со придушувач.“ Сакал да се претставува со зборовите „Хитлер беше првиот Адолф, јас сум вториот.“ Осуден е на 40 години затворска казна.

Искуството што го има Славенка Дракулиќ во создавањето измислени ликови не и помогна да го разбере таквиот ум, несфатлив поради привидната нормалност и пријатност на Јелисиќ. „Колку повеќе сфаќате дека воените злосторници можат да бидат обични луѓе, толку повеќе се плашите“, пишува таа. Со други зборови, она што го откри Славенка Дракулиќ е истото што Хана Арент го нарече „застрашувачка, неискажлива и неразбирлива баналност на злото“ на судењето на Адолф Ајхман во Ерусалим четириесет години претходно. Дракулиќ нејзината книга ја нарече „Не би згазнале ни мравка“, по тоа како Хана Арент опишала типичен нацистички функционер, кој „не се смета себеси за убиец, бидејќи тоа го направил не од личен афинитет, туку заради професионалниот капацитет. Како што вели и самиот, никогаш не би згазнал ни мравка“.

Хана Арент

Концептот на Хана Арент денес е толку познат што е тешко да се присетиме колку беше контроверзен кога таа првпат го користеше. Многу од нејзините читатели се спротивставија во тоа време, бидејќи тоа изгледаше како обид да се банализираат нацистите. „Човечката баналност не можеше толку добро да го спроведе толкавото зло“, напиша еден критичар. Но, дури и оние кои ги оспоруваат заклучоците на Хана Арент, го признаваат нејзиното влијание врз нашето расудување за политичкото зло. Сè додека обичните луѓе можат да се претворат во масовни убијци, ние ќе живееме во светот на Хана Арент.

Факт е дека Хана Арент денес е повлијателна од кога и да е по нејзината смрт на шеесет и девет години во 1975 година. Во изминатите неколку години, издавачката куќа Schocken Books, каде што таа беше вработена како уредник во 1940-тите, објави многу нејзини дела. „Потеклото на тоталитаризмот“ е проследено со неколку збирки есеи, од кои најважна е книгата „Еврејски записи“, уредена од Џером Кон и Рон Фелдман, во која може да се најдат нејзините извештаи за време на војната. Експерти ширум светот пишуваат студии – Арент и меѓународните односи, Арент и човековите права, Арент и еврејското прашање. Тешко е да се замисли некој мислител од дваесеттиот век кој е повеќе баран како водич за дваесет и првиот.

Хана Арент со нејзината мајка

Но, не се само политичките теоретичари фасцинирани од Хана Арент. Во последниве години, најголемата љубопитност за неа не се нејзините дела, туку нејзиниот живот. Пред сè, тука е преписката со Мартин Хајдегер објавена во 2004 година на англиски јазик, која го обнови интересот за нејзиниот интимен живот.

Самата Хана Арент веруваше дека личниот живот на поединецот нема никаква врска со неговата политичка вклученост. Таа се потсмеваше на „псевдонаучниот апарат на длабинска психологија, психоанализа, графологија итн“. А сепак, крајно амбивалентниот однос на Хана Арент со Хајдегер – нејзиниот љубовник, учител и пријател – го надминува значењето на епизодата во нејзиниот личен живот, бидејќи го објаснува најспорното прашање во нејзината работа: нејзиниот комплициран однос кон сопствениот еврејски и германски идентитет.

Легендата за Хана Арент – или, можеби подобро кажано, нејзиниот имиџ – со текот на времето стана важна како и нејзините теории. Делумно, се разбира, затоа што Арент е една од ретките жени во традиционално машкиот пантеон на политичката филозофија. Логично е феминистките да најдат најмногу материјал во нејзиниот имиџ – иако Хана Арент негираше дека е феминистка. Јулија Кристева посветува неколку страници од својата книга за Хана Арент за промените во нејзиниот изглед, што се гледаат на фотографиите: од младоликата „заводничка“ од дваесеттите години која сонливо гледа во камерата, до решителната интелектуалка од педесеттите, чија „женственост… брзо опаѓа“ бидејќи нејзиното лице станува „карикатура на… воените лузни“ што ги заработи за време на нејзината јавна кариера.

Елаборациите на Кристева за духовната бисексуалност на Хана Арент не се типични за проучување на делата на машките филозофи. Тие покажуваат дека Хана Арент станала нешто повеќе и нешто помалку од нејзината работа. Можеби е најисплатливо да ја читаме на начинот на Мишел-Ирен Брудни во „Хана Арент: Есеј за интелектуалната биографија“: „Ја гледам Хана Арент не како политички филозоф, туку како автор во подлабока смисла на зборот.” Кристева смета дека делата на Хана Арент се означени „не толку со пишаниот збор, туку со дејството“.

Како и многу други еврејски писатели од нејзината генерација, Арент се обиде интелектуално да ја осветли длабоката темнина што ја преживеала. Нејзиниот избор да го стори тоа преку најбезлични жанрови – филозофија и историја – наместо мемоари, па дури и поезија (која сакаше да ја чита и повремено ја пишуваше), сам по себе е знак на огромните психолошки притисоци што ги обликуваа нејзините дела и на крајот делумно ги изобличија.

Моќта на безличноста е нејзината голема тема, со која најпрво се занимава во нејзината најмалку теоретска книга „Рахела Варнхаген: Животот на една еврејка“. Тоа е првата книга што ја напишала (не сметајќи ја нејзината докторска дисертација). Објавена е речиси две децении подоцна и до ден-денес останува еден вид сираче во нејзиниот опус. Читателите на „Ајхман во Ерусалим“ и „Изворите на тоталитаризмот“ имаат тенденција да ја игнорираат оваа импресионистичка биографија на хостеса и авторка на писма од крајот на 18 век, чиј салон во Берлин бил едно од средиштата на германскиот романтизам. Сепак, биографијата на Рахела, како што вели Кристева, е „вистинска лабораторија на политичката мисла на Хана Арент“.

Рахела (Левин) Варнхаген

Арент зборува за нејзината длабока приврзаност кон Рахела Варнхаген, моминско презиме Левин, и ја опишува како „моја најблиска пријателка, која за жал е мртва сто години“. Заедничко им е тоа што и двете се талентирани Еврејки во културата каде што и жените и Евреите живеат под голем психолошки притисок. Во времето на Француската револуција, некои од најголемите умови на Прусија биле пријатели на Рахела. Ги привлекувала нејзината ослободеност од општествените конвенции, нејзиниот сензибилитет обоен со култот на Гете, нејзината обемна кореспонденција и нејзините љубовни врски.

За време на Наполеоновите војни, кога прускиот национализам почнал да цвета, многу пријатели ја напуштиле: вереникот, кој бил нејзиниот билет за високото општество, одбил да се ожени со неа. Останала сама жалејќи над „она што цел живот ми се чинеше дека е најголемиот срам, беда и несреќа во мојот живот – дека сум родена како Еврејка“. Дури кога умирала, сфатила дека, без разлика на сè, еврејството е „нешто од што никогаш не би сакала да бидам лишена“.

Кога Арент ја открила Рахела во доцните дваесетти години, таа во неа го препознала нејзиниот ментор и опомена. Арент е родена во 1906 година во семејство кое, како и многу германско-еврејски семејства, сесрдно ги следело идеалите на Рахела за култура или bildung (германски: обфразование, форматирање). „Поради нас Евреите од Германија“, горко пишува таа за време на Втората светска војна, „зборот ‘асимилација’ доби ‘длабоко’ филозофско значење. Тешко може да замислите колку сериозно го сфативме тоа“.

Слично како и рахела, Арент уште од раната младост привлекувала внимнание со нејзината интелигенција; како девојче ја викале Атина (Pallas Athene), според старогрчката божица на мудроста и цивилизацијата. Кога отишла на Универзитетот во Марбург во 1924 година, започнала да студира теологија и филозофија, иако сфаќала дека овие теми би можеле да бидат непријатни за една Еврејка. Кога се пријавила на курс за Новиот завет, таа строго го предупредила професорот Рудолф Бултман дека „нема да толерира антисемитски забелешки“.

Подготвил: С.С.

(Продолжува)

Зачлени се на нашиот е-билтен