Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕУ ги засилува мерките против ширењето илегални содржини и говор на омраза на интернет

Европската комисија подготви пакет препораки за земјите членки на ЕУ за да им помогне во координирање на нивниот одговор на ширењето на незаконски и терористички содржини или говор на омраза во дигиталниот простор, пред оваа појава да прерасне во сериозна закана за јавната безбедност.

Целта на препораките, како што јави дописникот на МИА од Брисел, е земјите членки да дадат свој придонес во напорите на Еврокомисијата за целосно усогласување на „многу големите онлајн платформи“ со нивните нови обврски од Законот за дигитални услуги (ДСА).

Комисијата смета дека во контекст на „невидениот период на конфликт и нестабилност што влијаат врз Европската Унија, прво со руската агресивна војна против Украина, а сега и со терористичките напади на Хамас врз Израел“, земјите членки мора да ги здружат силите за да се овозможи брзо спроведување на Законот за дигитални услуги.

Овој Закон воспоставува збир на правила чија цел е да овозможи безбедно, предвидливо и доверливо онлајн опкружување во ЕУ, базирано на почитување на основните права, особено на слободата на изразување и информирање.

Со ДСА, што стапи во сила во август годинава, социјални мрежи Фејсбук, Инстаграм, ТикТок, Икс (поранешен Твитер), Јутјуб, Снепчет, Линкедин и Пинтерест, потоа Амазон, Букинг, АлиЕкспрес, Заландо, Гугл Шопинг, Гугл Срч, Гугл Мапс, Бинг, Википедија, како и на онлајн продавниците за апликации на Гугл и Епл, кои добија ознаки на „многу големи онлајн платформи“, мораат да воведат мерки за ублажување на специфичните системски ризици што ги носат нивните системи, вклучувајќи ги ризиците што произлегуваат од ширење на илегални содржини.

Во контекст на подготвените препораки, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен оцени дека тие ќе помогнат за координирање одговорите на ЕУ и земјите членки на илегалните содржини и дезинформациите и за заштита европското општество.

– Терористичкиот напад на Хамас, резултираше со онлајн напади со грозоморни и илегални содржини што промовираат омраза и терор, посочи Фон дер Лајен.

Сепак, според неа, со Закон за дигитални услуги, ЕУ има силни правила за заштита на корисниците, вклучително и ранливите групи на населението, од заплашување, како и за обезбедување на основни слободи на интернет.

– Големите платформи подлежат на нови обврски за ублажување на таквите ризици од нивните услуги, додаде Фон дер Лајен.

Членките на ЕУ имаа период за приспособување на своите законодавства со одредбите од ДСА, меѓу кои едно од барањата е и да формираат независен орган за следење на интернет содржините. Со препораките, ЕК им сугерира на членките да го формираат тој независен орган уште сега, како дел од мрежата на потенцијални координатори на дигиталните услуги.

Комисијата предлага и воспоставување механизам за одговор на инциденти предизвикани од ширењето на илегални онлајн содржини, особено кога тие претставуваат јасен ризик од заплашување на групи на население или дестабилизирање на политичките и општествените структури во Унијата.

Механизмот би вклучувал редовни состаноци за одговор на инциденти за да се разговара за воспоставување на добри практики и методологии и за редовно известување и размена на информации собрани на национално ниво. Ваквите информациите може да и обезбедат докази на Комисијата при вршењето на нејзините надзорни и истражни овластувања во согласност со ДСА.

– Онаму каде што вонредните околности, како меѓународен вооружен конфликт или терористички напади, го оправдуваат тоа, Комисијата ги охрабрува многу големите онлајн платформи и многу големите онлајн пребарувачи да изготват протоколи за инциденти, релевантни за конкретниот инцидент, се наведува во препораките.

ЕК потсетува и на можностите за користење на овластувањата што произлегуваат од останатите инструменти од законодавството на Европската Унија за справување со илегалните содржини, меѓу кои е и Регулативата за справување со ширењето на терористичка содржина на интернет, која е во сила од јуни 2022 година.

Комисијата, посочува дека ќе продолжи да се потпира на постоечките структури, како што се Кризниот протокол на ЕУ кој ги координира одговорите на онлајн случувањата кои произлегуваат од терористички или насилен екстремистички чин, како и на одлуките на Самитот за повик на акција од Крајстчерч и на Глобалниот интернет форум за борба против тероризмот.

Препораките ќе важат до 17 февруари 2024 година, кога треба да почне целосно спроведување на одредбите утврдени во ДСА.

Минатата недела во рамки на Групата на високо ниво за борба против говорот на омраза и кривичните дела мотивирани од омраза, заврши дискусијата иницирана од Европската комисија за потребите од надградба и усогласување на Кодексот на однесување за справување со омразата и нетолеранција со одредбите од Законот за дигитални услуги на ЕУ.

Целта на иницијативата е изработка на нов Кодекс на однесување+, со кој би се зајакнала борбата против говорот на омраза на интернет и кој би претставувал алатка која не само што ќе биде реактивна и фокусирана на отстранување на содржините со говор на омраза, туку и ќе ги поттикнува онлајн платформите да ја подобрат превенцијата и да ги предвидат евентуални закани.

Согласно одредбите од ДСА, Европската комисија неделава испрати формални барања до Мета и ТикТок да достават информации за мерките што ги презеле за нивно усогласување со обврските што ги имаат согласно Законот.

Од Мета, ЕК побара информации за обврските поврзани со проценката на ризикот и мерките за заштита на интегритетот на изборните процеси, како и по однос на ублажување на ширењето незаконски содржини и дезинформации по терористичките напади на Хамас врз Израел.

Од ТикТок, пак, се побарани информации за обврските поврзани со проценката на ризикот и мерките за ублажување на ширењето на илегални, терористички и насилни содржини, говор на омраза и дезинформации, како и за одредбите што се однесуваат на онлајн заштита на малолетници.

Двете компании мора да ги достават бараните информации поврзани со ширењето илегални содржини и дезинформации до Еврокомисијата до 25 октомври. Дополнително, до 8 ноември, Мета треба да ги достави бараните информации за заштита на интегритетот на изборите, а ТикТок за заштита на малолетниците.

Врз основа на добиените одговори на бараните информации, Еврокомисијата може да покрене формални истраги против компаниите за непочитување на одредбите од ДСА. ЕК, исто така, има право да им изрече казни на компаниите за неточни, нецелосни или погрешни информации доставени како одговор на барањата за информации. Во случај да не добие одговор на барањата до крајниот рок, Комисијата може им одреди парични казни.

Откако го добија статусот на „многу големи онлајн платформи“, социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм на Мета и ТикТок мораа целосно да се усогласат со одредбите ДСА, вклучително и со оние поврзани со проценка и ублажување на ризиците поврзани со ширење на илегални содржина и дезинформации и со какви било негативни ефекти врз основните права.

Претходно, слично известување беше доставено и до Икс (поранешен Твитер) со барање компанијата да ја информира ЕК со мерките што ги презела против ширењето илегални содржини и дезинформации.

Европскиот комесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон дури и го предупреди сопственикот на Икс, Илон Маск дека платформата е преплавена со дезинформации за војната во Израел. – По терористичките напади на Хамас врз Израел, имаме индикации дека вашата платформа се користи за ширење нелегални содржини и дезинформации во ЕУ. Дозволете ми да ве потсетам дека постојат многу прецизни обврски за уредување содржина според Законот за дигитални услуги, наведе Бретон во писмо до Маск.

Зачлени се на нашиот е-билтен