На свечена вечер со концерт во Кралскиот колеџ во Лондон, синоќа беше одбележана 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи на нашата држава со Обединетото Кралство, во организација на Амбасадата на Северна Македонија и со поддршка на Министерството за култура. Пред концертот, на кој настапија пијанистот Дино Имери и хрватскиот пијанист Ведран Јањанин, се обратија министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и специјалниот пратеник за Западен Балкан на британскиот премиер, Лорд Пич.
Како што соопшти Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска истакна дека чинот на воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји „отвори ново поглавје во нашето пријателство, заемно почитување и искрена поддршка која ја добиваме од денот на нашата независност“.
-Обединетото Кралство, како постојан член на Советот за безбедност, драгоцен поддржувач на нашиот прием во Обединетите нации, вложи искрени напори во надминување на спорот со соседна Грција и беше силен поборник за нашиот кандидатски статус во Европската Унија. Тоа и се случи. Статусот го добивме во 2005 година, за време на британското претседавање со Унијата. Во Лондон, практично, станавме и 30-тата членка на НАТО, рече Костадиновска-Стојчевска.
Посочи дека во изминатите 30 години се остварени голем број соработки во сите области, а дека Лондон, „како моќен светски политички и економски центар“, е предизвик и за соработка во културата.
-Да се освои и да се остави трага во него, е повеќе од престиж. Оттаму, нема да ја сокријам амбицијата дека сакаме да ја продолжиме и зајакнеме соработката во културата и уметноста, да ги исползуваме можностите од Спогодбата за соработка и во областа на културата, спогодба која е во сила од пред две децении, како и ползата од бројните билатерални договори за соработка во културата. Британската публика, позната по својот истенчен и пребирлив вкус за уметноста, со забележлив интерес ја проследи поставката на Археолошкиот музеј на изложбата „Религиите во големите империи“ во музејот „Ашмолеан“ во Оксфорд, истакна министерката за култура.
Потсети дека македонската современа ликовна сцена беше претставена на изложбата „ Made in Macedonia“ во Лондон. На фестивалот „Globe to Globe“ настапи Народниот театар од Битола со „Хенри VI“ на македонски јазик, а организаторите го оценија како еден од најдобрите на фестивалот.На Катедрата за славистика на престижниот Универзитетски колеџ во Лондон, пак, беше промовирана и едицијата „130 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик.
Додаде и дека во лондонските престижни концертни сали, настапите на нашиот виртуоз Симон Трпчески секогаш се наградени со долготраен аплауз.
-Земјата на Шекспир беше дом и на нашиот модерен Шекспир, Горан Стефановски. Тој, и оваа вечер би ја направил посебна. Но, Северна Македонија во изминатите години со задоволство беше домаќин и на бројни британски уметници на ликовната колонија во Галичник, Скопскиот џез фестивал, во Националната филхармонија, на Охридско лето, на Струшките вечери на поезијата, рече Костадиновска-Стојчевска.
Како што наведува Министерството за култура во соопштението, таа го истака и значењето на преводите на делата кои од англиски јазик, преку Министерството за култура, се поддржуваат и се достапни на македонски, како и соработката во кинематографијата преку Агенцијата за филм.
-Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска зборуваше за големиот број македонски иселеници и студенти кои престојуваат во Обединетото Кралство и додаде: „На наше големо задоволство, на една од најпрестижните образовни институции во Обединетото Кралство, каде се изучуваат словенски јазици – Универзитетскиот Колеџ во Лондон, по пауза од 18 години, од 2019 година повторно се изучува македонскиот јазик. Им изразувам благодарност на сите кои работеа и успеаја во овој предизвик, особено на тогашните наши дипломати во амбасадата во Лондон. На оние кои ја посетуваат наставата им посакувам со лесно да го научат убавиот македонски јазик“, информира Министерството.
На свечената вечер за билатералните односи со Обединетото Кралство, гостите ги поздрави и специјалниот пратеник за Западен Балкан на британскиот премиер, Лорд Пич, кој е одличен познавач на состојбите во земјава и во регионот.
-Во изминативе 30 години, исто така ве поддржуваме и во сериозните активности, како што е приклучувањето на земјата во НАТО. Имав огромна привилегија да бидам присутен и на тој чин на приклучување во НАТО во 2020 година. Тој е ден којшто никогаш нема да го заборавам. Значи, станува збор за една многу сериозна релација помеѓу нашите земји, којашто постојано се развива, меѓу кои се трговската размена и постојаното зајакнување на соработката во делот на културата. Како што е, на пример, Програмата за културна размена којашто е извонредна и многу малку земји се на нивото на оваа соработка и размена што имаат нашите две земји. И ова е израз на почитта која ние ја имаме кон жителите на вашата убава земја. Јас ја имам таа првилегија често да ја посетувам вашата земја и секогаш сум импресиониран од квалитетот којшто младите луѓе го поседуваат, на нивната енергија, на ентузијазмот на работата. И секако дека вечераниот концерт ќе биде уште еден дополнителен настан на долгиот список на успешна соработка и големи успеси, рече Лорд Пич во своето обраќање.
Вечерта продолжи со концертот на пијанистот Дино Имерии со хрватскиот наградуван пијанист Ведран Јањанин. На програмата беа дела од македонски автори, Дијана Имери-Илкоска, како и дела од Густав Холст, Сергеј Рахмањинов и Витолд Лутославски.
-Културната програма беше заокружена во Македонската амбасада во Лондон, со изложба на 17 уметнички дела на уметницата Жанета Гелевска-Жани, создадени во последниве неколку години во оваа светска културна метропола, информира Министерството за култура.