Синоќа во Галеријата „КО-РА“ во Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје беше отворена самостојната изложба на Славица Танеска – „По трагите на разлевањето“. Ова е нејзина осма самостојна изложбата која претствува избор на дела од повеќе разнородни тематски циклуси посветени на акварелот, кој уметницата го истражува подолг период.
Проектот е поддржан од Град Скопје и од Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје во рамки на Годишната програма од областа на визуелните уметности, дизајн и архитектура и во рамки на Скопје 2028 – Европска престолнина на културата.
Изложбата ја отвори Виолета Калиќ, историчар на уметноста, стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура. Славица Танеска е учесник на преку 45 групни изложби од меѓународен карактер, ликовни колонии, симпозиуми, фестивали во земјата и надвор. Добитничка е на повеќе награди и признанија и автор на книгата „По трагите на времето“. Учесник е на бројни годишни тематски изложби во Галерија „КО-РА“.
Танеска дипломира сликарство во класта на проф. Благоја Маневски на Факултетот за ликовна уметност во Скопје на Универзитетот„ Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Сега е асистент од областа на визуелните уметности на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје.
Дизајнот и подготовка на каталогот кон изложбата е на Славица Танеска.