Летното сметање на времето беше воведено за да се заштеди енергија, иако еден од првите предлози за ставање крај на проблемот со живеење во темница беше – да се станува порано.
Иако на шега, еден вид летно сметање на времето беше предложен од американскиот пронаоѓач и политичар Бенџамин Френклин уште во 1784 година. Неговиот предлог не беше да се поместат сказалките на часовникот, туку во писмо до уредникот на Журналот на Париз, со наслов „Економски проект за намалување на цената на светлината“ тој сугерираше дека Парижаните можат да заштедат на свеќи – ако се разбудат порано.
Конкретен предлог за сезонско поместување на сказалките на часовникот напред или назад дојде нешто повеќе од сто години подоцна. Имено, во 1895 година, новозеландскиот научник Џорџ Вернон Хадсон предложил времето на часовникот да се помести 2 часа напред во октомври и 2 часа назад во март. Иако постоеше интерес за неговата идеја, таа никогаш не беше реализирана.
Во 1905 година, Британецот Вилијам Вилет предложи времето на часовниците да се поместува по 20 минути нанапред од четирите недели во април, и сказалките повторно да се поместат назад за 20 минути секоја од четирите недели во септември. Во книгата „Загубата на дневната светлина“ (“The Waste of Daylight”), напишана во 1907 година, Вилет подетално ја објаснил потребата од воведување на летно сметање на времето. „Сонцето сјае на Земјата по неколку часа секој ден додека спиеме“ и во парламентот се заложи за воведување на оваа промена бидејќи луѓето подолго ќе уживаат во сончевата светлина, но и значително ќе заштедат на енергија за осветлување.
Малиот град Порт Артур, Онтарио, Канада (сега Thunder Bay) експериментираше со сезонски промени на сказалките на часовникот уште во 1908 година, но цели држави почнаа да го прифаќаат концептот откако Германија го спроведе во пракса во 1916 година за време на Првата светска војна. По Европа, овој тренд брзо се прошири и во Австралија и Северна Америка. Но, по само неколку години, речиси сите, освен Обединетото Кралство, Ирска и некои градови како Париз, престанаа да ги движат сказалките на часовниците.
Практиката беше повторно воведена во Втората светска војна, првенствено заради поекономично користење на ресурсите, но сите земји под германска окупација, како Данска и Полска, мораа да воведат летно сметање на времето.
Во годините по таа војна, повеќето земји во светот се вратија на стандардното, зимско сметање на времето – до раните 1970-ти, кога Организацијата на арапските земји извознички на нафта воведе ембарго на нафта, а цените на енергијата дивееја. До крајот на таа деценија, поголемиот дел од Европа ги враќаше сказалките на часовниците наназад двапати годишно. Во поранешна Југославија летното сметање на времето беше воведено во март 1983 година, пишува Дневник.хр.
Денес, летното сметање на времето стандардизирано од ЕУ во 1996 година сè уште е на сила. На 26 март 2019 година, Европскиот парламент гласаше за трајно прекинување на летното сметање на времето во Европската унија (ЕУ) во следните неколку години, при што секоја земја-членка треба да одлучи дали трајно ќе остане на „летното сметање на времето“ или на стандардното зимско сметање на времето.