Третото ниво на опасност од терористичка закана во Белгија, што беше воведено по вооружениот напад во Брисел на 16 октомври, при кој беа убиени двајца Швеѓани, останува во сила и во наредниот период, соопшти раководителот на белгиското Координативно тело за анализа на закани (ОЦАД), Герт Веркаутерен.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, третото ниво, кое означува „сериозна“ закана од тероризам, е продолжено поради конфликтот меѓу Израел и Хамас на Блискиот Исток.
Според Веркаутерен, ваквата одлука е донесена од причина што конфликтот претставува „емоционално активирачки настан со високо емотивно влијание врз населението“.
– Во такви услови постојат поголеми ризици поединци својот гнев или фрустрации да ги изразат насилно, изјави Веркаутерен за Фламанското радио 1.
Тој додаде дека последниве недели службите „секојдневно се соочуваат со сериозни случаи“, кои вклучуваат и закани против еврејската заедница на социјалните мрежи и од поединци кои тврдат дека се огласуваат во име терористички групи.
– За да се реши оваа ситуација, важно е да останеме будни и да се подготвиме на подолг рок. Треба проактивно да се справуваме со овие ситуации, со зголемена будност и дополнително полициско присуство, но притоа да останеме смирени, додаде Веркаутерен.