Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Крвави геостратешки игри (1): Мрачниот талент на Путин

Хаосот, несигурноста, конфликтите и војните се секогаш добредојдени за Путин. Особено сега, кога неговите војски се длабоко вкопани во понижувачки одбранбени позиции на Крим и во тоа што им преостанува од окупираните територии во источниот дел на Украина. Дури и да немаше никаква врска со терористичкиот напад на Хамас, по која почна бруталната воена одмазда на Израел, Путин сега може да здивне, барем за момент.

Разузнавачките сознанија и анализи упатуваат на тоа дека Хамас ужива во благословот на Техеран и Москва, почнувајќи од политичката Поддршка, сѐ до испорака на оружје и пружање друг вид техничка и воена помош и обуки за припадниците на една од најголемите терористички организации во светот.

Октомври 2023. Мора да се признае мрачниот талент на Путин да произведе или барем да поттикне и забрза криза што ќе предизвика поларизација во светот.

Израелско-палестинскиот конфликт, кој трае повеќе од седум децении, отсекогаш бил поларизирачки и имал потенцијал да ги разместува фигурите на политичката шаховска табла на светот.

Што предизвика крвавиот конфликт во Израел?

Крвавиот конфликт кој започна на 7 октомври, на 50-годишнината од Војната на Јом Кипур, го предизвика токму тој ефект што на Путин му беше потребен:

  • прекин на кревкиот мировен процес меѓу Израел и арапските земји;
  • поларизација во јавноста на Западот;
  • зголемени тензии меѓу арапскиот свет и САД;
  • несогласување во редовите на НАТО (Турција во однос на Израел, а Унгарија и Словачка во однос на Украина);
  • дефокусирање (одвлекување) на вниманието од војната во Украина;
  • колебање околу размерот на воената и економската помош за официјален Кијив.

Освен сето тоа, продолжува операцијата на поддршка на ултрадесничарските и екстремистичките ентитети и јакнење на и либералните и авторитарните тенденции во земјите на Западот.

Путин и неговите сојузници (особено Иран) добро знаат како функционира израелската држава и нејзиниот воено полициски апарат во териториите што ги држи под сурова окупација повеќе од пет децении. Особено по еден таков масовен терористички напад со ужасни злосторства против цивилите, каков што изврши Хамас, реакцијата на израелската држава – иако е за осуда – не е изненадувачка. Затоа, Путин и неговите истомисленици во Техеран, со децении ги подгреваат потенцијалите за конфликти, а не за решавање на палестинското прашање со кое се занимаваат генерации на политички лидери од регионот и од целиот свет.

На крајот на 2023 година, на Хамас, Хезболах и други есктремистички и терористички организации, помогнати од своите поголеми и моќни спонзори во Москва и Техеран (и неколку други центри на моќта низ светот), конечно, ја постигнаа својата цел – запирање на сите мировни процеси. Крвавиот конфликт во Газа и сѐ поголемите тензии во Западниот Брег, како и размената на оган со Хезболах на границата со Либан, имаат потенцијал да го продлабочат конфликтот и да го претворат во конфликт со огромни размери, како на регионален план, така и во глобални размери.

Тоа му дава бришан простор на Путин, во пресрет на зимата, да ја нападне Украина со сите сили што му се на располагање и на тој начин да ги принуди Украина и Западот на преговори со подобри преговарачки позиции за него – за да постигне статус кво и да ја избегне или да ја одложи одговорноста за воените злосторства во геноцидната војна против Украина.

На Путин му е потребно време за да го обезбеди сопствениот политички опстанок и да собере сила, во првата наредна прилика, да ја продолжи својата мрачна војна против Украина, започната во 2014 година.

Руската воена машинерија посрамотена, но пропагандата и разузнавањето – успешни

Обновените колебања и скепса околу воената, политичката и економската поддршка на Украина во борбата за ослободување од руската чизма, за Путин се повеќе од добредојдени.

Руската империјалистичка клика, со сиот свој аресенал од ракети и артилерија, со сета своја солдатеска на втора глобална суперсила, со месеци е во срамна дефанзива. Впрочем, неговата гигантска машинерија под негова команда му донесе само срам.

Но затоа неговата пропагандна машинерија и подземните шпионски и криминални инсталации со кои управува, на Путин му донесоа далеку поголем успех отколку што демократскиот свет сака да признае.

Безбедносниот инцидент во Косово и српско-косовските тензии, воените „игри“ во Нагорно-Карабах и најновиот, жесток воен судир во Израел, се поддржани, ако не и директно „спонзорирани“ од Кремљ.

За злосторникот во Кремљ, чии отпечатоци од прстите јасно се гледаат и во војната што ја предизвика Хамас, сега е извонреден момент за дефокусирање на светската јавност.

Хамас на Путин му даде индиректна, но исклучително значајна воена поддршка, односно можност воената и политичката поддршка за Украина да се намали. Воедно, Хамас му даде на Путин и аргументи во жестоката пропаганда и хибридна војна што ја води против Западот. Колку и да изгледа апсурдно и гротескно, сега Русија се појавува како миротворец. Во ОН предлага и поддржува апели за прекин на огнот во Газа, иако токму таа го подметна пожарот. Русија не се придржува кон ниту една резолуција или иницијатива на ОН, ЕУ, Европскиот парламент, Г20 и други меѓународни форуми.

Сонот на диктаторот од Кремљ

Путин го вложи сиот свој живот и сите ресурси на земјата што ја држи во своите железни полициски канџи, да го промени светскиот поредок и да го устрои според моделот на државата што тој ја води повеќе од две децении. Свет во кој тој владее како император, налик на стремежите на диктаторите кои го испровоцираа почетокот на Втората светска војна. Тој е свесен дека, за да му се оствари тој сон, прво мора да го ослаби и разедини Западот, па ако треба и да го запали целиот свет.

Скептиците во политичките и интелектуалните кругови на Западот, претежно со десничарска ориентација, едноставно, не ја гледаат или не сакаат да ја прифатат реалноста, а на тој начин стануваат дел од неговата долга игра.

За спас на мирот, но и за спас на демократијата во светот, Западот мора да научи од сопствените грешки во минатото и да ги мобилизира сите свои сили да го победи путинизмот. Првото сознание со кое мора да се соочи демократскиот свет е дека Украина е пресудно – иако не и единствено – поглавје од глобалната, крвава и трагична игра на рускиот деспот.

Џабир Дерала (Цивил Медиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен