ЕУ нема да прифати исход на КОП28 на кој би биле постигнати договори само за помалку спорни теми, како зголемена употреба на обновливи енергетски извори, но не и за покомплицираните прашања, како што е постепеното исфрлање од употреба на фосилните горива, порача еврокомесарот за климатска акција Вопке Хоекстра во Абу Даби, каде учествува на подготвителниот состанок во пресрет на Самитот за климата (КОП28), што ќе започне на крајот на следниот месец во Дубаи.
Според него, справувањето со климатските проблеми не е мени, па да се избере што од него би сакале да исполниме.
– Сè што е на менито мора да се испорача, додаде Хоекстра.
Тој потенцира дека дополнителен проблем се „геополитички многу предизвикувачките времиња“, кои како никогаш досега го отежнуваат постигнувањето договор за климата.
– Потребата за договор за справување со глобалното затоплување е поголема од кога било, но и никогаш не било потешко да се дојде до него, бидејќи геополитичките случувања ја усложнуваат меѓународната соработка, додаде Хоекстра.
Покрај конфликтот на Блискиот Исток и војната во Украина, влијание врз резултатите од Самитот во Дубаи може да имаат и зголемените тензии меѓу ЕУ и Кина, по одлуката на Европската комисија за започнување истрага за кинеските државни субвенции за електрични возила.
Кина изрази жалење поради одлуката на ЕК, оценувајќи ја како „неоправдана“, и предупреди дека политичките конфронтации би можеле да ја загрозат соработка во справувањето со климатските промени.
– Глобалното менаџирање со климата не се случува во вакуум. Не може од една страна да се поттикнува политичка конфронтација, од друга да се очекува безусловна соработка, изјави кинескиот амбасадор при ЕУ, Фу Конг.