ЕКСКЛУЗИВЕН коментар на Амбасадорката на Украина, Н.Е. Лариса Дир, според резултатите од Третиот состанок на советниците за национална безбедност и советниците за надворешна политика во врска со имплементација на Формулата за мир, што се одржа во Малта на 28-29 октомври 2023 година
Пишува: Амб. ЛАРИСА ДИР, Вонредна и Ополномоштена Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија
На 28-29 октомври 2023 година, во Малта се одржа третиот состанок во врска со реализација на Формулата за мир на Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на ниво на советници за национална безбедност и советници за надворешна политика. Во дискусијата за клучните принципи на мирот во Украина и светот учествуваа претставници на 66 држави и меѓународни организации, вклучително за првпат во дискусијата се вклучи и претставник на Република Северна Македонија.
Овие меѓународни консултации се продолжение на неодамнешните состаноци на претставниците на Украина и државите партнери во Копенхаген (24 јуни) и Џеда (5 август).
За време на средбата во Малта, страните ги разгледаа следните области на реализација на Украинската формула за мир: „Нуклеарна и радијациона безбедност“, „Безбедност на храната“, „Енергетска безбедност“, „Ослободување на сите заробени и депортирани лица“ и „Обновување на територијалниот интегритет на Украина“. Учесниците на дискусијата суштински дискутираа за клучните принципи врз кои треба да се постигне и да се заснова сеопфатен, праведен и одржлив мир за Украина.
Согласно резултатите од средбата во врска со клучните принципи на мирот во Украина и светот, беше усвоена Изјавата на копретседавачите (Украина – Малта). Во документот се наведува дека постигнувањето на таков мир за Украина би бил значаен придонес во зајакнувањето на меѓународниот мир и безбедност, со оглед на тоа дека мирот треба да се заснова на принципите на Повелбата на ОН, почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, соодветните резолуции на Генералното собрание на ОН и меѓународното право.
Дополнително, се дискутираше иницијативата за одржување на инаугуративниот Глобален самит на мир на ниво на шефови на држави и влади, и страните планираат да ги преземат неопходните чекори за подготовка на овој настан.
Ја изразуваме нашата благодарност до Република Северна Македонија за учеството на состанокот на советниците за национална безбедност и надворешна политика во Малта, како и за вклучувањето во активностите на работните групи за различни аспекти на мирот на ниво на амбасадори акредитирани во Украина.
Се надеваме на продолжување на блиската и ефикасна соработка со цел да се обезбеди најширока можна меѓународна поддршка за постигнување на сеопфатен, праведен и одржлив мир за Украина и за целиот свет. (ЦивилМедиа)