Израелските одбранбени сили (ИДФ) целосно го опколија градот Газа и стигнаа до морето, со што појасот Газа практично е поделен на север и југ, изјави на брифинг портпаролот на армијата, бригадниот генерал Даниел Хагари.
И началникот на Генералштабот на израелската армија, Херзи Халеви, синоќа изјави дека армијата е подготвена „во секој момент да почне офанзива на север“, каде Израел се граничи со Либан и во последните недели се бори секој ден против ракетните напади на либанската милитантна група Хезболах.
– Силите на ИДФ од пешадиската бригада Голани денеска го опколија градот Газа, стигнаа до морето и држат позиции. Градот Газа е исто така опколен од југ, и всушност сега постои север на Појасот Газа и југ. Се уште постои коридорот по кој жителите од северот на енклавата и Газа можат да се движат кон југ, рече тој, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Тој додаде дека армијата во моментов изведува опсежни напади во Појасот Газа.
– Сега има обемни напади против терористичката инфраструктура, под земја и над земја, рече Хагари.
Претходно вчера, израелската армија соопшти дека напредувала длабоко во Појасот Газа од север и зазела позиции долж брегот. Се наведува дека за време на борбите биле погодени повеќе од 1.600 објекти на Хамас.
Началникот на Генералштабот Халеви рече дека армијата е подготвена „во секој момент да почне офанзива на север“, каде што е „поставена цел значително да се врати безбедносната ситуација на границите, не само кон Појасот Газа“. Халеви додаде дека израелската армија е подготвена во секој момент за офанзива на север, каде Израел се граничи со Либан.
– Сфаќаме дека тоа може да се случи и веруваме дека нашата одбрана е силна, додаде Халеви. ј