Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Научниците ја разоткрија мистеријата за африканските слонови кои умираат еден до друг

Кога 35 африкански слонови во Зимбабве умреа кон крајот на август и ноември 2020 година, научниците беа збунети. 11 од нив починале во рок од 24 часа, па било јасно дека причината не може да биде природна. Но, тие не знаеја за што се работи. Истражувањето сега е при крај, а во извештајот што го објавија се вели дека е поголема веројатноста да се појават епидемии во условите создадени од тековната климатска криза.

– Тие загинаа еден до друг и тоа е многу мистериозно. Да, многу животни умираат доста блиску еден до друг, но не толку случаи за толку краток временски период. Тоа беше уникатен случај – изјави за Си-Ен-Ен Крис Фогин, ветеринар во Фондацијата за диви животни во Викторија Фолс во Зимбабве, кој е коавтор на студијата за причината за смртта.

Претходно истата година, околу 350 слонови исто така ненадејно умреа во период од три месеци во соседната северна Боцвана. Експертите не знаеле за што се работи – го вперувале прстот кон ловокрадците (иако слоновите имале заби), се прашувале дали можеби станува збор за труење (иако наоколу немало мртви животни од кој било друг вид, што обично секогаш се случува при труење) или сушата е виновна за се. Смртта на слонови во Боцвана се припишува на цијанобактериски невротоксини, но не се објавени дополнителни детали, се вели во студијата. Фогин рече дека нема докажана врска помеѓу смртта на слоновите во Зимбабве и Боцвана.

Резултатите од анализата беа објавени на 25 октомври во списанието Nature Communications и тие наведуваат дека наодите откриле дека се работи за инфекција со малку позната бактерија наречена Bisgaard таксон 45 која го предизвикала труењето на крвта. Фактот дека ресурсите на храна и вода се намалиле во текот на сушната сезона ги натерало слоновите да патуваат на поголеми растојанија.

Авторите сметаат дека топлината, сушата и густината на населеност во областа веројатно придонеле за оваа несреќна ситуација, а најлошо од сè, сметаат дека ваквите ситуации ќе се случуваат се почесто како што нашата планета се загрева.

– Прерано е да се каже дека климатските промени влијаеле на ова, но доколку во иднина има повеќе долготрајни суши и годишните времиња се поостри, веројатно е дека таквите ситуации ќе се повторат, изјави Фогин.

Таксонот 45 на Бисгард претходно беше поврзан со рани од каснување од тигар и лав кај луѓето. Бактеријата е пронајдена и кај верверички и здрави папагали во заробеништво.

Микроорганизмот, кој нема официјално име, е тесно поврзан со друга, почеста бактерија позната како Pasteurella multocida, која може да предизвика хеморагична септикемија кај други животни, вклучително и азиските слонови.

Бактеријата, според студијата, била поврзана и со масовното изумирање на 200.000 критично загрозени антилопи саига во Казахстан во 2015 година.

Фогин рече дека истражувачите го следеле дивиот свет во областа за присуство на бактеријата, но од 2020 година, не е потврдена натамошна смрт на слон од таксонот 45 на Бисгард.

Подготви: Ј. Ѓ.

(FrontLine)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново