Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Објавен најновиот роман на Томислав Османли

„Заборав“ и според содржината, градбата и изразот е нов вид прозно четиво

Книгоиздателството „ВиГ Зеница“ ја објави најновата книга на Томислав Османли, романот насловен „Заборав“. Книгата на Османли говори за Алцхајмеровиот синдром на ова време на патолошки амнезии. Тоа е проза фокусирана на суштествените проблеми на современоста, од интимните до општествените аспекти на заборавот како битно својство на ова, и локално и универзално, сѐ подехуманизирано време. Тоа гледиште му овозможува на писателот, познат по длабоките книжевни нурнувања во проблемските аспекти на историјата и современоста, да изгради ново, жестоко видување на современото општество, низ сплет од впечатливи приказни што се случуваат кај нас и низ светот.

„Заборав“ е роман на смел, ангажиран и критички, често и духовито интониран поглед врз ова време во кое системите на моќ и пари го потиснуваат обичниот човек, нашиот современик, но и на нашиот сограѓанин. Сочувствен кон бројните ликови на својата прозна книга, Османли пишува роман за доминирањето на егоизмот, отуѓеноста, техницизмот и за тивките драми на неговите книжевни јунаци, осамените единки што тонат во лични, но и во различни видови, колективни заборави. Низ дејствувањата на живи, ововремени карактери и низ мноштво, живописно доловени ситуации, романот „Заборав“ говори за изумирањето на сочувственоста на психолошко, на либералните етички и на традиционалните вредности на општествено рамниште; за ништењето на социјалните ангажмани и нивните замени со лажни, потрошувачки дефокуси, создавајќи реалност на неразбирливи хибриди и збунувачки контроверзии. Ни сложен и возбудлив фабуларен пристап, Османли во својата најнова прозна книга, говори за цивилизациската морална регресија и за глобално активираниот системот на произведување севозможни видови заборави…

Романот „Заборав“ е проследен и со содржаен предговор на Глигор Стојковски, издавач, писател и книжевен критичар: „Заборавањето – се вели во неговиот опсежен текст насловен „Време на амнезии“ – е модерен, феномен што ги надминува вообичаените индивидуални, медицински рамки, покрај другото, и затоа што веќе е инструмент за политичка, за манипулација од (по)широки размери, вглобена во досегашните, доволно проверени и успешни поигрувања и изигрувања со и на, безмалку, целото општество“.

Османли се занимава, колку со амнезиите во интимниот свет на ликовите што, без оглед на сѐ, авторот ги слика со топли тонови и сентименти и тогаш кога говори за трагичните отуѓувања во нивните животи; толку и низ изострени критички разгледи на современоста во која моќни структури индуцираат технолошки и политички заборави на вредностите и на слободите, инаку високо досегнати во претходната историска епоха. Во својата најнова книга, Османли опишува состојба во која систематично се произведува општество на лажни слики и на масовно осамени единки. Таа современост, од една страна функционира како технолошки напреден, од другата, како конзервативен забран на моќните структури што цивилизацијата ја туркаат во различни видови амнезии. Заборавот во неговата книга станува еден вид литературна дијагноза за цивилизацијата канализирана кон различни форми на деменции: егоизмот како повод за омасовените медицински; репресијата на секој вид субверзивен ангажман и хиперкапитализмот, за масовните социјални амнезии.

„…На тој инструмент, на феноменот на заборавањето укажува (не е ли прв!?) нашиот еминентен, раскошен раскажувач, во случајов и есеист и теоретичар Томислав Османли…“ -подвлекува Глигор Стојковски во својот аналитичен предговор.

Според принципот по кој овој автор ги гради своите прози, и романот „Заборав“ има повеќе раскажувачки испреплетени текови, поголем број, карактерно и социјално различни ликови во својот – просторно, дејствено и карактеролошки – паноптички наратив. Сложен во расказноста, романот на Османли е и изразито иновативен; не ги следи традиционалните романескни форми и узанси: нагласувајќи ја заробеноста на ликовите во еден вид апсолутна сегашност, речиси целиот е раскажан во сегашно време; вклучува и документарна научна цитатност, но и уверлива фикција на научност: во романот Османли креира ракопис за социолошка докторска теза што, во либерален германски универзитет, ја испишува еден од главните ликови на романот, докторантка од Скопје во која подробно ги анализира аспектите на патологијата на општествено и политички мотивираните локални, балкански и светски социјални амнезии…

Во тој нагласено постмодернистички зафат авторот нуди еден сосема нов вид прозно четиво: роман со бујна јазична фактура со воведувањето раскажувачка како и дијалошка повеќејазичност, дијалектност и наратив што е нетрадиционален, интерактивен со воведувањето, за дејствието битни интернет изразни средства: web-адреси, содржајни фусноти, компјутерски QR-кодови што писателот сам ги создал и во кои на читателот му се нудат музички нумери вплетени во временските аспекти на дејствието и неконвенционалните атмосфери со кои оддишува романот.

Ова е петтиот по ред роман, одново сосем различен во темите и пристапите, на современиот македонски писател Томислав Османли.

Дизајнот на кориците на книгата е на арх. Славчо Данаилов, а компјутерската обработка на Методија Ачевски и Sprint studio.

Објавувањето на романот е подржано од Министерството за култура на минатогодишниот конкурс. Деновиве романот треба да се најде во книжарниците на „Или-или“ како и на „Литература.мк“ во Градскиот трговски центар, Сити мол, Ист Гејт и Буњаковец во Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен