Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Празни ветувања и последици

Ова денес е 21 век, никој не треба да се обидува да дојде на власт. Не е повеќе модерно да се владее, туку треба да се управува со системот

Ненад ЈОВАНОВИЌ   

Една од најважните работи за локалните самоуправи, а тоа го има во секоја jавна етика за „осмоодделенци“: не смеете граѓаните да ги оставите без одговор, а ароганцијата и нетрпеливоста мора да се изместат од вообичаеното однесување. Локалните самоуправи се места во кои се организира секојдневниот живот на граѓаните. И ништо повеќе и ништо помалку.

Локал-патриотизмот, пак, е ништо друго освен простор за „здрава конкуренција“ која треба да го подигнува стандардот на граѓаните, а не да го снижува или потценува. Едно од таквите потценувања, за кое сведочиме овие денови, погодувате и сами: Христијан Мицкоски дели милиони евра на ресенчани, прилепчани, битолчани… Ама не сега, оти сега е само лидер на партија, ами кога ќе станел премиер „на сите граѓани“. Јак, виц, од срце се насмеав.

Па, добро, прво си велам, нели е тоа корупција на јавен подиум: кога ќе станам „прв баја“ во државата, ќе ви дадам милиони? Потоа вака си велам: чекај, па јас ќе им дадам три пати повеќе од тоа што Мицкоски им дава на ресенчани, прилепчани, битолчани… Зошто јас да не се кандидирам за премиер? Аууу, шит, заборавив: јас сум предавник, шпион, дојденец, во мене не тече крвта на „војводите“, така си реков, и се откажав од таквите мрачни примисли.

Потоа ми текна дека еднаш реков, ќе повторам уште еднаш. Ова денес е 21 век, никој не треба да се обидува да дојде на власт. Не е повеќе модерно да се владее, туку треба да се управува со системот. За управувачи треба да зборуваме кои ќе го управуваат системот, а не за оние кои ќе го владеат. Во таквата констелација, во констелација на „владетел и поданици“, граѓаните може да бидат само тесто за месење или топовска храна за властодршците- предатори.

Сега, сосема логично, ми се поставува друго прашања. Каков е тој кодекс на однесување на еден човек што претендира да биде премиер, оди помеѓу луѓето и се расфрла со милиони евра кои ги нема? Можете ли да ја замислите таа ароганција – им фрлаш в сурат милиони евра, за кои, притоа, ниту имаш разработено методологија, ниту имаш свест што нив им треба, ниту ги слушаш нивните реални потреби… Не, ништо од тоа. Само: еј, видете ме колку сум добар, кога ќе станам главна фаца на сите ќе ви давам пари… Ма, какви пари, ќе ви дадам милиони евра, море, еј!

Секој нормален човек, знае, дека парите не растат на дрво. Парите се заработуваат со конкретна работа. Некој е чевлар, па работи на поправка на чевли, друг е тишлер, молер, шивач, доктор, учител… И секој заработува онолку колку што дава дел од својот сервис, знаење, компетенции. Приказната за етичноста не се завршува преку празните „приказни за етичноста“; целта во конечноста е промена на менталниот склоп – власта, било локална или извршна, врши за јавен интерес. И тоа е сè.

Сигурен сум дека секој од вас се затекнал во кафана кај што оној другиот му вели: јас ако сум власт, на сите ќе им помогнам, нема да крадам, само ќе им давам на луѓето. Сигурно ја знаете онаа сцена: седите во некој ќош од кафаната, пиете „бокалче и сифонче“ и слушате како некој „мартир“ (читај, страдалник!) кука над себе и својата судбина.

Кога политиката, драги мои, ќе се сведе на лажење, однапред зададени матрици, предубедувања и проекции, порано или малку подоцна таквата политика се руши во допир со реалноста.

(Frontline)

Зачлени се на нашиот е-билтен