Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Правда или одмазда: На Блискиот Исток, како и во грчката трагедија, правдата мора да надвладее над моралниот апсолутизам

Разликувањето на одмаздата од правдата: Правдата нè внесува во доменот на политиката и дозволува разумни промени и искупување

Пишува: Кенан МАЛИК*

Додека гледам како се одвива трагедијата во Израел и Палестина, понекогаш се чувствувам како да ја читам „Орестија“ наназад. Трилогијата на Есхил, напишана во петтиот век п.н.е., зборува за трансформацијата на античка Грција, од општество вкоренето во крв и одмазда, во општество обликувано од правда.

„Орестија“ започнува со враќањето на Агамемнон, водачот на победничките Грци, од Тројанската војна. Неговата сопруга Клитемнестра брутално го убива од одмазда, бидејќи пред битката ритуално ја жртвувал нивната ќерка Ифигенија за да ги смири боговите.

За да се одмазди на својот татко, синот на Агамемнон, Орест, ја убива Клитемнестра. Прогонет од Фуриите, антички божества чија улога е да ги казнуваат големите гревови, Орест бара засолниште во Атина. Божицата на мудроста, Атина, свикува порота да му суди. Поротата е неодлучна и Атина го дава одлучувачкиот глас за ослободителна пресуда, со што се отвора можноста за свет надвор од оној со кој владеат Фуриите.

„Орестија“ е сложено дело кое обработува многу теми, од патријархатот до демократијата. За Есхил, човечката состојба е трагична; Агамемнон, Клитемнестра и Орест редоследно се соочуваат со невозможни избори. Составен дел од процесот со кој луѓето стануваат цивилизирани и учат да живеат со трагедијата на нивната состојба е, предлага Есхил, разликувањето на одмаздата од правдата. Правдата нè внесува во доменот на политиката и дозволува разумни промени и искупување.

Иронијата денес е што односот меѓу Израел и Палестинците се чини дека се движи во спротивна насока, во свет во кој повеќе владеат Фурите отколку Атина. Свет во кој ерозијата на политичките решенија за конфликтот доведе до тоа дека стремежот за одмазда доминира над потрагата по правда.

Тоа најјасно се гледа во бруталноста на Хамас, организација која не е израз на палестинскиот отпор, како што гледаат некои од левицата, туку дегенерацијата на тој отпор, „изгубената надеж во успех на моралните стратегии“, како што вели американскиот писател Питер Бејнарт.

Владеењето на Хамас е обележано со брутални пресметки со противниците, негирање на правата на жените, тортура и убивање на хомосексуалци. Земајќи ја предвид дури и израелската блокада, владетелите на Газа направија малку за да го подобрат животот на жителите. Имагинацијата на Хамас се потпира не толку на визијата за палестинската слобода колку на омразата кон Израел и Евреите.

Оние кои ги слават нападите на Хамас како „отпор“ и замислуваат дека касапењето на израелските цивили е она како што изгледа „деколонизацијата“, имаат жално гледиште за палестинските права. Тоа е перспективата која минимизирајќи ја вредноста на животите на Израелците, само го поттикнува растот на антисемитизмот.

Дехуманизацијата на „другиот“ и желбата за одмазда пред правдата не е само карактеристика на политиката на Хамас. Вткаена е во израелските перспективи, и тоа од самиот врв.

Израелскиот претседател Исак Херцог тврди дека „целата нација“ на Палестина е „одговорна“ за злосторствата на Хамас. Министерот за наследство на Израел, Амичај Елијаху, пишуваше за Газа и цитираше еден војник со одобрување: „Разнесете сè и срамнете со земја. Вистински празник за очи.“ Галит Дистал Атбарјан, пратеник на Ликуд и до пред две недели израелски министер за јавна дипломатија, бара „Газа да биде збришана“ и додава: „Потребна е одмаздољубива и брутална ИДФ [Израелски одбранбени сили] овде. Сè помалку од тоа е неморално“.

Тоа е јазикот на Фуриите, а не на Атина, што се потпира на оружјето. Тоа е и јазик на многу западни поддржувачи на Израел. Американскиот конгресмен Брајан Маст, за време на дебатата за неговиот обид да ја забави хуманитарната помош за Газа, ја отфрли самата помисла на невините палестински цивили: „Не верувам дека би зборувале толку лесно за невините нацистички цивили“.

Не се промени само израелската реторика, туку и воената стратегија. Почнувајќи со бомбардирањето на Либан во 1990-тите, како што забележуваат Венди Перлман и Боез Ацили во нивната книга „Тријада на принудата“, израелските лидери почнаа да ги третираат воените дејствија како тие да поседуваат „вродена, а не инструментална корист“, каде што употребата на „недискриминирачката и бруталната сила“ се оправдува како на морални, така и стратешки основи. Со ова сега се соочуваат жителите на Газа.

Израел не се стремеше да најде политички решенија за палестинскиот конфликт, туку да го загуши и управува со него. Тоа беше цинична помош за развојот на Хамас, а особено поддржана од Бенјамин Нетанјаху како пречка за независна Палестина. „За да се спречи опцијата за две држави“, забележа Гершон Хакоен, поранешен израелски генерал и академски истражувач, „тој го претвора Хамас во свој најблизок партнер. За јавноста, Хамас е непријател. Тајно, Хамас е сојузник.“ Израел сега прави хаос во Газа, барајќи го чудовиштето што помогна да се создаде.

Иако слушнавме многу оправдани критики за левичарите кои го слават нападот на Хамас, ретко се говори за многу помоќните политички фигури кои промовираат запаллива, дехуманизирачка реторика во име на одбраната на Израел, како и за улогата на таквата реторика во оправдувањето на злосторствата во Газа. Покрај тоа, во Европа и Америка има координирани напори за маргинализирање на пропалестинските чувства.

Во Франција се забранети демонстрации за поддршка на Палестинците, додека навредата на Израел би била кривично дело според предлогот за новиот закон. Во Германија, како што е наведено во отвореното писмо на еврејските писатели, уметници и академици, во регионите каде што живеат големи турски и арапски заедници, „оклопни возила и вооружени полициски единици за немири патролираат по улиците барајќи какво било спонтано прикажување на поддршка за Палестинците или истакнување на палестинскиот симбол на идентитетот“. Во Америка, на оние кои изразуваат пропалестински чувства им се заканува отказ.

Во Британија, министерката за внатрешни работи, Суела Браверман, сугерираше дека веењето на палестинското знаме може да се смета за кривично дело и дека „не се само експлицитните про-Хамас симболи и скандирања… причина за загриженост“. Министерката за наука Мишел Донелан, самопрогласена шампионка на слободата на говорот на универзитетите, посочи двајца академици поради нивните ставови за Израел и конфликтот во Газа.

Има тука многу повеќе од едноставно лицемерие за слободата на говорот. Тоа е обид да се преобликува конфликтот во Газа како морално, а не како политичко прашање, и да се делегитимираат палестинските перспективи, пристап што може само да го направи политичкиот ангажман на тешок терен уште потежок.

„Што ќе се случи на крајот, каде ќе застане бесот на проклетството?“, се прашува Хорот во „Покајниците“, вториот дел од трилогијата „Орестија“, откако Орест ја убива Клитемнестра. Денес, одговорот зависи од тоа дали ние – и политичките лидери во Израел, Палестина и Западот – сакаме да ги слушаме Фурите или Атина.

Кенан МАЛИК е британски писател од индиско потекло. Неговиот авторски фокус е на филозофијата на биологијата и на современите теории на мултикултурализмот, плурализмот и расата. Текстот изворно е објавен во Гардијан.

Извор: Пешчаник 

Најново