Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Како Полска си ја врати демократијата

Пишува: МАЧЕЈ КИСИЛОВСКИ / Project Syndicate

Победата на продемократските партии на парламентарните избори во Полска минатиот месец стана пример за другите демократски движења. Но, неверојатната комбинација на поволни услови што доведе до пад на владејачката партија Право и правда ги истакнува предизвиците со кои се соочуваат демократските сили кои функционираат во рамките на авторитарни системи.

Застапниците на продемократијата ширум светот го свртеа своето внимание кон неодамнешните парламентарни избори во Полска во потрага по сребрениот куршум што им овозможи на Полјаците да се спротивстават на глобалните трендови и да ја соборат нивната авторитарна популистичка влада. Но, подеталното разгледување на кампањата што водеше до гласањето минатиот месец покажува дека неверојатната победа на демократската опозиција беше овозможена со малку веројатен спој на пет клучни фактори кои не можат лесно да се реплицираат на друго место.

Прво, лидерството одигра клучна улога. Политичкото враќање на поранешниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, кој беше премиер на Полска од 2007 до 2014 година, ја подмлади опозицијата. Слично како и американскиот претседател Џо Бајден и бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, Туск е ветеран инсајдер кој успешно го предизвика авторитарниот актуелен претседател.

Товарот од повеќедецениската политичка кариера на Туск беше повеќе од неутрализиран со придобивките од неговото огромно искуство. Како и поранешниот американски претседател Доналд Трамп и поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, Јарослав Качињски, лидерот на партијата во заминување, Право и правда (ПиС), беше немилосрден во напаѓањето на своите противници, особено Туск, неговиот долгогодишен најголем противник.

Помалку познат политичар без цврсто воспоставена јавна личност можеби ќе подлегнеше на упорните напори на партијата ПиС за поткопување на неговата кампања. Меѓутоа, со Туск, оваа стратегија создаваше намалена делотворност. Со текот на време, се чинеше дека на партијата ПиС ѝ недостасува позитивна платформа, додека Туск почна да добива поддршка од јавноста. Во мај, кога партијата ПиС се обиде да протурка скандалозен закон во парламентот со кој ќе му се забранеше на Туск да извршува каква било јавна функција, се предизвикаа масовни протести во Варшава, поддржани од сите големи опозициски партии. Нападите на Качињски против Туск се чинеа сé повеќе хистерични и бесни.

Второ, со оглед на тоа дека опозицијата победи откако се кандидираше како три одделни изборни блока, исходот може да се гледа како побивање на експертскит консензус дека демократските сили мора да се обединат пред авторитарна закана. Но, ова толкување ја занемарува тесната соработка меѓу левичарските, либералните и централнодесничарските групи кои ја сочинуваа опозицијата. Со извонредна дисциплина и генијалност, опозициските партии им овозможија на Полјаците да гласаат со своја свест во пропорционалните области со повеќе кандидати, додека се обединија за изборите за Сенатот со мнозински изборен систем истиот ден, обезбедувајќи две третини од расположивите места.

Самовоздржаниот и соработнички дух на левичарскиот блок беа особено клучни. За разлика од американските демократски социјалисти, како што е конгресменката Александрија Окасио-Кортез, полските прогресивци се воздржаа од забелешките што партијата ПиС можеше да ги искористи протиц целата опозиција. Тие во голем дел избегнуваа да го критикуваат вирулентниот расизам на антибегалскиот став на партијата ПиС и дури и ги намалија нивните вообичаени критики за Католичката црква. Оваа воздржаност му помогна на Трет пат, демохристијанскиот блок на опозицијата, што се фокусираше немилосрдно на придобивање на социјално конзервативните гласачи назад од кампусот на партијата Право и правда. Сепак, тоа беше штетно за самите левичарски партии. Борејќи се да се разликуваат од центристичката Граѓанска платформа на Туск, тие се претставија полошо од другите опозициски блока.

Третиот одлучувачки фактор беше единствениот фокус на опозицијата на демократската иднина на Полска.

Политиколозите често се жалат дека граѓаните имаат тенденција да ја препознаат авторитарната природа на партиите, како ПиС, само кога веќе е предоцна. Полските опозициски партии напорно работеа да го надминат овој проблем, при што Туск и другите лидери постојано ги нагласуваа потенцијалните импликации од демократскиот пад за обичните Полјаци, особено за младите гласачи. Песната со забавен рефрен „Слобода, ја сакам и разбирам“, стана неофицијалната поп химна на кампањата.

За да ги илустрира последиците од демократска ерозија, кампањата на опозицијата се фокусираше на сé поочајната тешка ситуација на жените кои се соочуваат со компликации од бременоста по забраната за абортус од 2020 година од страна на Уставниот суд заробен од ПиС. Потоа, во неделите пред изборите, нафтениот конгломерат во државна сопственост, Орлен, донесе неразумна одлука да ги постави цените на бензинот значително под пазарните нивоа. Ова доведе до широко распространет недостиг, будејќи спомени од комунистичката ера.

Тоа нé доведува до четвртиот критичен фактор зад тримуфот на полската опозиција: падот на режимот беше забрзан од сопствените грешки. Најзначајно, само еден месец пред изборите, независни медиуми открија масовна корупциска шема во министерството за надворешни работи што се однесуваше на продажба на десетици илјади Шенген работни визи на мигранти од Азија и Африка. Скандалот го исцрпи кредибилитетот на тврдокорната антибегалски позиција на ПиС

Парадоксално, ПиС, исто така, плати политичка цена за тоа што не беше доволно цинична. Релативно одговорната политика на владата за КОВИД-19 и помошта за украинските бегалци отуѓија дел од нејзината конзервативна националистичка база. Одлуката за абортус од 2020 година, во извесна смисла, беше исто така прашање на принцип. Како и Трамп, Качињски наводно бил загрижен за изборните последици  од далекусежната забрана за абортус од страна на Уставниот суд, но ПиС на крајот даде приоритет на својата посветеност на католичката догма пред политичката соодветност.

На крај, додека експертите се фрустрирани од неконзистентните одговори на Европската унија и САД на демократското назадување во Полска, Унгарија и Турција, полските избори сугерираат дека дури и спорадични интервенции можат да направат разлика. Одлуката на ЕУ да задржи над 35 милијарди евра (38 милијарди долари) како средства за закрепнување од пандемијата, наменети за Полска, ја попречи способноста на ПиС да обезбеди придобивки за гласачите. Тоа беше и мошне симболично, поттикнувајќи стравувања за потенцијално излегување на Полска од ЕУ доколку ПиС остана на власт.

Успешните напори да се спречи преземање на жестоко независната, ТВН станица во американска сопственост во 2021 година од страна на ПиС, исто така, одигра значајна улога. Без професионалната, ангажирана и широко достапната програма на ТВН, критични информации за агендата на опозицијата и бројните скандали на ПиС можеби никогаш немаше да стигнат до доволен број гласачи.

Полска стана пример за други демократски движења кои се соочуваат со популистички администрации. Но, нејзиниот пример не смее да доведе до удобност. Поклопувањето на поволните и единствените услови кои ја движеа полската опозиција до победа ги истакнува пречките со кои се соочуваат продемократските партии кои функционираат во рамките на системи насочени кон актуелните функционери. Сé до последните денови од кампањата, се чинеше сосема можно ПиС да извлече тесна победа. Да преовладаше, ниту една преостаната линија на демократска конкуренција немаше да биде безбедна.

Мачеј Кисиловски е вонреден професор по Право и стратегија на Централноевропскиот универзитет во Виена

Превод: Н. Цветковска (FrontLine)

Зачлени се на нашиот е-билтен