Деновиве во Скопје беше промовирана книгата „Гласот од тишината” на Амела Мемиш Апостоловска, во издание на издавачката куќа „Збор“.
На претставувањето на книгата Проф. Д-р.Мирослав Пендароски, како рецензент на делото, истакна дека „во време кога продуцираат многу книги, прирачници, текстови, филмови, спотови и што ли уште не кои се однесуваат на квалитетен живот, надминување на кризи и досегнување среќа, книгата „Гласот од тишината“ на Амела Мемиш Апостоловска е дело кое пркоси на неавтентичното себеизнесување од себични причини, книга која им пркоси на лицемерните обиди да се прикаже сопствената несреќа или дури, несреќата на своето дете се со цел да се себепромовира, да се стане славен, да се привлече внимание!
„Нејзината книга е реткост од аспект што говори нешто толку интимно, толку болно, толку тешка тема, ама со еден човечен, хуман и нежен глас, не-викајќи а привлекувајќи, не-судејќи ами приближувајќи, не-навредувајќи туку соочувајќи! Оваа книга е пример на мајчинска љубов, на пријателска посветеност, на човечки подадена рака кон сите, особено кон оние кои таква подадена рака ретко добиваат“, истакна на промоцијата Проф. Д-р. Мирослав Пендароски.
Пендароски за книгата на Амела Мемиш Апостоловска вели дека е „опредметена надеж која се вика – верба, книга за страна од нас што не очајува туку вели – стани и продолжи! Ова е книга во која – црното се обидува да ја види светлината.
„Низ внатрешен дијалог со себеси преку едно самоприсутно себесозерцание се доведуваат на виделина феномените на душата… Приодот е чисто интимен и интроспективно психолошки, во кој авторкaта си игра со внатрешните согледувања и доживувања во комбинација со вешто избрани позитивни насоки за пошироката околина, како да тоа што е доживеано се сака да се сподели! Сето тоа е изнесено низ интересна комбинација на кратки текстови кои се тематски, стихови и поеми и полуесејски делници со чисто интимни лични согледувања. Авторката зборува за внатрешниот глас на секој од нас, гласот од нашата тишина, од најскриените и најискрените делови на нашиот внатрешен свет“, оценува проф. д-р Мирослав Пендаровски, рецнезент и промотор на книгата.
Авторката на книгата „Гласот од тишината” Амела Мемиш Апостоловска за своето дело вели дека е „напишана е од сопствено веќе доживеано искуство кое кај мене разви сопствен систем теориски постулати кои претставуваат основа за планирање, иницирање и реализирање на конкретни истражувања пред се со внатрешното јас и аутизмот кај син ми“.
„Толкувањето на добиените наоди и емпириски основи ги проширив со сопствените сознајни хоризонти. Кратките текстови, поеми, поезијата во книгата „Гласот од тишината“ ќе им посочи на сите читатели на оваа книга смерници за тоа кои проблеми да бидат подложени на емпириска верификација и со кои релевантните методи да се изберат модели за нивно толкување. Со тоа можам да констатирам дека сѐ уште не постои конзистентен систем кој може да биде означен како научна, односно психолошка теорија, за човековите вредности и погледот на децата со попречености како што е аутизмот. Оттука, како основни психолошки диспозиции на човековата практична дејност оваа книга, книгата „Гласот од тишината“, ги обединува намерите, мотивите, карактерот, моралот и останатите динамизми на аутизмот како негови предности, а не попречености“, вели авторката.
Амела Мемиш Апостоловска е дипломиран педагошки едукатор, смер психологија. Во фокусот на нејзините истражувања и специјализации е и аутизмот. Мајка е на дете со аутизам.