Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Неопходни се цврсти темели за европска надградба на нашиот дом

Степенот на искористување на дел од средствата на ЕУ наменети за државите – членки е обусловен со видливи и измерливи резултати во примената на овој механизам за владеење на правото. Оттаму не смееме да бидеме „изненадени“ дека еден од условите за искористување на средствата од новиот План на ЕУ за раст на Западниот Балкан е да се придвижат на подобро првенствено реформите поврзани со владеењето на правото кај нас.

Тони ПОПОВСКИ

Согласно со новата Методологија за преговори, критериумот за владеење на правото е интегриран во првиот кластер на поглавја од европското право наречен „Темели на пристапниот процес“. Оттаму, сосема природно и логично е дека најголем дел од реакциите на објавениот Извештај на Европската Комисија за нашиот напредок во пристапувањето кон Европската Унија беа фокусирани на оваа тема. Притоа, покрај бинарното, црно – бело толкување на наодите за владеењето на правото претежно од страна на политичките партии и одредени амбивалентни, политичко – граѓански поединци и кругови,  имаше и низа непристрасни и сеопфатни анализи на причините за овие оценки кои не смее да не остават рамнодушни. На овие анализи немам некое специфично дополнување, но притоа, од полза е да се потсетиме зошто владеењето на правото е врвен приоритет за Европската Унија и да објасниме зошто фокусот врз владеењето на правото е реобновен и во рамки на ЕУ од 2020 година, наваму.

Нашата јавност треба да биде запознаена дека започнувајќи од 2020 година, Европската Унија започна со публикување на Извештај за владеење на правото, во кој се содржани оценки и препораки поврзани со владеењето на правото и поврзаните тековни реформи во секоја членка на ЕУ. Непосредна причина за воспоставување на овој првенствено надзорен механизам беа сознанијата за постоење на тренд на уназадување на владеењето на правото кај дел од членките на Унијата но и поврзани предизвици во безмалку сите членки на Унијата. Неодамна беше објавено четвртото издание, за 2023 година, каде на почетокот е нагласено дека  владеењето на правото заедно со демократијата и фундаменталните човекови права претставува темелна вредност на Унијата и суштински фактор за политичката стабилност и економскиот просперитет на Европа.

Од неговото започнување во 2020 година, овој едногодишен циклус на известување и оценка на состојбите овозможува информирана дискусија и размена на најдобри практики меѓу земјите-членки на ЕУ, на политичко и на техничко ниво, како и во Европскиот парламент и во националните парламенти. После четири години, овој Извештај и поврзаниот процес на негова подготовка, се наметна како главен двигател во напорите за промовирање и практична заштита на владеењето на правото во ЕУ.

Извештајот продуцира наоди и препораки поврзани со четири столба: правда, антикорупција, слобода на медиумите и плурализам, и пошироки институционални прашања поврзани со механизмите за контрола и рамнотежа помеѓу различните облици на власт. Притоа, се оценува напредокот во спроведувањето на препораките за секоја држава – членка,  кои биле наведени во претходниот Извештај. Во Извештајот за 2023 година се заклучува дека речиси 65% од конкретните препораки од минатата година (2022) до земјите-членки се веќе спроведени. Констатиран е позитивен тренд, но и факт дека одредени реформи на владеењето на правото може да потраат подолго време за да вродат со плод.

Во продолжение, за илустрација на комплексноста на оваа материја, може да согледаме неколку примери на воочени предизвици кои не се соодветно адресирани во дел од членки на ЕУ кои се наши соседи или се географски поблиски до нас.

Во Бугарија нема напредок во преземањето на чекори за прилагодување на составот на Врховниот судски совет, на начин кој е усогласен со европските стандарди за судски совети како и поврзано со потребата од подобрување на ефикасноста на истрагите и стабилно досие на резултати од покренати обвиненија и пресуди во предмети поврзани со висока корупција, вклучувајќи и институционално реформирање на Комисијата за борба против корупцијата и специјализираните судски органи.

Во Грција има само одреден напредок во воведувањето на заштитни мерки за подобрување на условите за работа и физичката безбедност на новинарите, но треба да се воведе дополнителна законска заштита согласно со европските стандарди за заштита на новинарите.

Во Хрватска има само одреден напредок во воведувањето на комплетно законодавство во областа на лобирањето, вклучувајќи ги лицата на топ-извршни позиции, и воспоставување на јавен регистар на лобистите. Констатирано е и дека нема дополнителен напредок по однос на подобрувањето на рамката за фер и транспарентна распределба на средства за државно рекламирање, со воведување на јасни критериуми, добри практики и мерки за надзор. Има само одреден напредок во адресирањето на проблемот со стратешките судски постапки против јавното учество насочени кон новинарите, вклучувајќи го разгледувањето на злоупотребата на правните одредби за клевета и стимулирање на свесноста, со внимание на европските стандарди за заштита на новинарите.

Во Унгарија, чија оценка е меѓу најнеповолните, констатирано е дека нема напредок во примената на целосни реформи поврзани со лобирањето и засилувањето на системот на изјави за имот, обезбедувајќи ефикасен надзор и спроведување. Нема напредок во создавањето на стабилен регистер на истраги, обвинувања и конечни судски пресуди за случаи на висока корупција. Нема напредок во воведувањето на механизми за засилување на функционалната независност на регулаторот за медиуми, усогласен со европските стандарди за независност на регулаторите за медиуми. Нема напредок во засилувањето на правилата и механизмите за независно управување и уредничката независност на јавните медиуми, усогласен со европските стандарди за јавни медиуми. Нема напредок во примената на законодавство за обезбедување на фер и транспарентна распределба на трошењето за рекламите од државата и државните компании. Нема напредок во отстранувањето на пречките што влијаат на организациите на граѓанско општество.

Во Романија, нема напредок во воведувањето на правила за лобирање за членовите на парламентот. Нема напредок во засилувањето на правилата и механизмите за независното управување и уредничката независност на јавните медиуми.

Во Словенија, е нотиран одреден напредок со донесувањето и започнувањето на спроведување на Стратегијата за борба против корупцијата но и немање напредок по однос на воведување на законски мерки за заштита на новинарите, посебно на оние кои работат во онлајн медиуми.

Степенот на искористување на дел од средствата на ЕУ наменети за државите – членки е обусловен со видливи и измерливи резултати во примената на овој механизам за владеење на правото. Оттаму не смееме да бидеме „изненадени“ дека еден од условите за искористување на средствата од новиот План на ЕУ за раст на Западниот Балкан е да се придвижат на подобро првенствено реформите поврзани со владеењето на правото кај нас.

Зачлени се на нашиот е-билтен