„Македоника литера“ ја објави книгата „Социолингвистика“, со поднаслов „Македонски јазик: јазичното планирање и јавната комуникација“ од Александра Ѓуркова.
-Книгата претставува научна обработка на основите на социолингвистиката како дисциплина којашто се дефинира како изучување на јазикот во општеството, а ги опфаќа и социологијата на јазикот, јазикот во јавната комуникација, јазичните контакти и интерференцијата, комуникативната компетенција, јазичните политики во светот и социолингвистичките прашања за македонскиот јазик. Во делот посветен на социолингвистиката на македонскиот јазик посебно се проучени процесите на јазичното планирање, стандардизацијата на македонскиот јазик, историските процеси поврзани со стандардизацијата, статусот на македонскиот јазик и употребата на македонскиот јазик во сите сфери на општествениот и културниот живот, соопшти „Македоника литера“.
Книгата е поделена во три дела. Првиот дел е „Пристап кон социолингвистиката“ (основите на социолингвистиката; социолингвистички термини, поими и концепти; словенските јазици – меѓусебни контакти и влијанија; прагматиката и социолингвистиката; форми на обраќањето и јазичната варијација и стилот). Вториот дел е „Јазикот и општеството“ (јазичната политика – дефинирање и терминологија, јазично планирање, планирање на јазиците и јазичен менаџмент; видовите и домените на јазичната политика; јазичните политики во Европа и во светот; јазичната политика и лингвистичко-политички коректниот говор; менаџирањето на јавниот јазичен простор; јазичниот пејзаж; јазикот и образованието; јазични образовни политики). Третиот дел, кој е најобемен, е со наслов „Социолингвистика на македонскиот јазик“, во кој се обработени темите: македонскиот јазик од аспект на историската социолингвистика, промените во општеството одразени во македонскиот јазик, јазичните ставови и јазиците во јавната комуникација во Македонија, македонскиот јазик и европската интеграција, законите и јазичната политика, и – македонскиот јазик и медиумите: стилистички и социолингвистички аспекти.
Книгата содржи и табели и индекс на поими и термини.
-Со сериозноста, сеопфатноста и, првенствено, со компетентноста на авторката, книгата „Социолингвистика“ се вбројува во фундаменталните дела на македонски јазик. … Досега, во македонската научна средина, нема книга од оваа област со такво ниво на систематичност и опфатност на темите, воедно поткрепена и со пристап кон горливите прашања од особена важност за македонистиката. Книгата претставува драгоцен придонес кон областа на социолингвистиката и несомнено ќе придонесе за зголемување на интересот кон обработените теми, претставени на автентичен и инспиративен начин, пишува рецензентот на книгата проф. д-р Татјана Гочкова-Стојановска.
Александра Ѓуркова (1971) ги завршила студиите на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, постдипломски студии по македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што и докторира. Работи во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, во Одделението за историја на македонскиот јазик.
Нејзин примарен научен интерес се историјата на македонскиот јазик и социолингвистиката. Има објавено над 80 библиографски единици од областа на црковнословенската синтакса, на социолингвистиката и на стилистиката во домашни и странски славистички списанија.
Автор е и на книгите „Декларативните зависносложени реченици во Крнинскиот дамаскин“ (2002), „Синтакса на сложената реченица во македонските црковнословенски ракописи“ (2008) и на „Поетиката на Григор Прличев – Стилскиот израз во Арматолос и Сердарот“ (2009).