Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вечерва се обрати на настанот организиран од Делегацијата на ЕУ по повод 60 – годишнината од земјотресот во Скопје и 4-тата година од отворањето на „Јуроп Хаус“ -Скопје, посочувајќи ја во својот говор нераскинливата врска помеѓу културното наследство и иднината што колективно ја коваме.
„Европската Унија вложува и е наш партнер не само во обликувањето на урбаниот пејсаж на Скопје, туку и во зачувувањето на нашето духовно и културно наследство. Нека ова денешно одбележување инспирира на континуиран дијалог меѓу нашето културно наследство и динамичните аспирации на новата генерација што ќе го обликува европско Скопје“, истакна Костадиновска Стојчевска.
Во рамки на настанот беше објавен и конкурс „Скопје на новата генерација“, на кој 12 тимови од студенти на факултетите по архитектура учествуваа во напреварот и чии дела ќе бидат изложени во текот на следната седмица во објектот „Пошта“. Министерката за култура упати честитки до сите млади архитекти кои учествувале во натпреварот, посочувајќи дека тие дале иновативни и одржливи решенија за скопските скапоцени културни знаменитости.
„Конкурсот „Скопје на новата генерација„ оди чекор напред и го премостува минатото со аспирациите за иднината. Ги активира имагинативните умови на младите архитекти да дадат иновативни и одржливи решенија за скопските скапоцени културни знаменитости, вклучувајќи ја и „Пошта“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Во своето обраќање министерката Костадиновска-Стојчевска ја истакна посветеноста за зачувувањето на нашето културно наследство додека се прифаќа трансформативната моќ на архитектонска визија.
„Ни местото каде се одржува денешниот настан не е избран случајно. Изборот да се стави во центар на внимание Пошта, која со својата единствена форма и стил стои како симбол на сила и издржливост, е повик на нејзино повторно раѓање. И го слушаме нејзиниот глас. Водиме процес во кој очекуваме на одговорност и поголема активност од сите“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката изрази благодарност до евроамбасадорот Гир, што на ваква значајна пригода за Европската куќа Скопје ѝ даде културен карактер и како што рече „успеа да ги зближи историјата и иднината со креативноста на студентите по архитектура“.
Осврнувајќи се на резултатите од натпреварот, министерката за култура посочи дека тие ќе го обликуваат, не само физичкиот пејзаж на Скопје, туку и ќе придонесат за зачувување на културно наследство со кое ќе можат да се гордеат идните генерации.
„Иднината се гради во сегашноста, а ние сакаме европска иднина во која македонските културни обележја се на сигурно, како дел од европскиот културен мозаик, заклучи Костадиновска-Стојчевска.