Во рамките на настанот „Дебата за Европа“ кој што започна вчера во Скопје, денеска во Чифте Амам на Националната галерија во Старата чаршија ќе се одржи тематскиот панел „Моќ и права. Улогата на малцинствата и мнозинствата во Југоисточна Европа“.
Односот меѓу малцинствата и мнозинствата е клучот за многу конфликти во Југоисточна Европа, а инструментализацијата и „вооружувањето“ на малцинските групи како од домашните, така од странските политичари останува закана за стабилноста. Истовремено, моќта на мнозинството доаѓа со голема одговорност и правата на малцинствата мора да бидат заштитени. Како може да се размислува за поконструктивен однос меѓу мнозинствата и малцинствата? Кои се столбовите на инклузивното општество? Овие прашања ги надминуваат границите на етничките, јазичните и религиските групи, а се однесуваат и на правата на жените и на ЛГБТК лицата.
Говорници на панелот се Роберт Алаѓозовски (Северна Македонија), Линда Гусиа (Косово), Горана Пебиќ (Србија) и Манол Пејков (Бугарија), а модератор е Кристоф Бендер (Австрија).
Денешната програма на „Дебата за Европа“ ја вклучува и дискусијата и книжевното читање на тема „Литературата во време на конфликт“, исто така во Чифте амам, со почеток во 18.30 часот. Модератор на настанот е Владимир Јанковски, а учествуваат Никола Маџиров, Елифе Красниќи од Косово, Сергеј Лебедев од Русија и Аријан Лека од Албанија.
Кое е местото на литературата во светот раскинуван од војни, општествени судири и политички превирања? Колку литературата може да биде слободна во светот кој интензивно станува не-слободен? И што уметноста и литературата всушност прават со својата слобода?
Ова се дел од прашањата на настанот кој е дел од „Дебатата за Европа“ во Скопје, во кој по „Дебатата за Европа во Софија“ одржана во февруари и „Разговорите за војната и мирот“ во Белград оваа есен, водечки експерти, писатели и создавачи на јавно мислење ќе се сретнат во Скопје за да разговараат за некои од најитните прашања поврзани со европската перспектива на земјите од регионот и нивната важност за иднината на Европа.
По разговорот, четворицата писатели ќе прочитаат извадок од свои книжевни дела во кои на книжевен начин се осврнуваат на некои од прашањата и темите отворени во дискусијата.