– Неопходно е да се зголеми бројот на силите на НАТО во Косово и да се гарантира границата помеѓу Косово и Србија, граница која е вон контрола и е во служба на илегални активности, шверцување оружје, наркотични средства и активности кои што во понатамошниот тек се вмешуваат во политичката активност, со ултранационалистичка позадина, а кои што предизвикуваат големи пореметувања, порача премиерот на Албанија, Еди Рама на прес-конференција во Скопје по неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот.
Тој изрази жалење што, како што рече, без оглед на повторените обиди значително да се зголеми, не само вниманието, туку и бројот на трупи кои треба да обезбедуваат и неприкосновеност на Косово, се случи трагичен настан кој, според него, треба да служи како наговестување, а не да биде спорадичен настан. Таков настан, порача, не смее никако да се повтори.
Рама на прес-конференцијата појасни дека еден од тие случаи е и настанот во косовското село Бањска, каде што припадник на косовската полиција го загуби животот.
– Со овој настан излезе на виделина големиот потенцијал од дестабилизација и ескалација на одреден конфликт за кој што беше кажано дека местото да се реши и да се третира е само на една точка, да се отвори дијалог и преговори помеѓу Косово и Србија, рече премиерот Рама.
Хрватскиот претседател Зоран Миловановиќ, одговарајќи на новинарско прашање рече дека после инцидентот на северот на Косово останал многу воздржан кон воведување санкции кон Белград.
– Бев многу воздржан во однос на потребната реакција кон Белград и воведување санкции за што се залагаа многумина. Сметам дека санкциите како инструмент на надворешната политика се промашени. И тоа не го направив за да ја аболирам Хрватска од некаква одговорност за некое недозволиво однесување, тоа го направив од убедување, без да очекувам каква било против услуга, рече Милановиќ.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прес-конференцијата претходно кажа дека во НАТО постои загриженост за развојот на настаните во одредени држави во Западниот Балкан и затоа мора да се препознае силата и важноста на Алијансата во регионот.
– НАТО е присутен во овој регион со години. Во Косово го зголемивме нашето присуство со околу 1 000 дополнителни војници и со потешко вооружување. Секогаш сме претпазливи, од блиску ја набљудуваме состојбата и секогаш ќе го направиме она што е потребно за да се заштитат и одбранат сите сојузници, рече Столтенберг.