За Хенри Кисинџер, за кој беше соопштено дека починал вчера на 100 години во неговиот дом во Конектикат, има поделени мислења.
Како посветен практичар на „реализмот“ во односите во меѓународната политика и на односите на САД, тој беше награден со Нобеловата награда за мир, но и остро осуден како воен злосторник.
Беше советник за национална безбедност на САД и државен секретар, кој енергично ја водеше политиката на детант – што ги одмрзна односите со Советскиот Сојуз и Кина.
Неговата шатл-дипломатија помогна да се стави крај на арапско-израелскиот конфликт во 1973 година; и преговорите за Парискиот мировен договор ја извлече Америка од долгиот кошмар во Виетнам.
Но, она што неговите поддржувачи го опишаа како „Реалполитика“, неговите критичари го осудија како неморално.
Тој беше обвинет, во најмала рака, за премолчена поддршка на крвавиот пуч што ја собори левичарската влада во Чиле и за замижување пред „валканата војна“ на аргентинската војска против нејзиниот народ.
Бегство од нацистичка Германија
Хајнц Алфред Кисинџер е роден во еврејско семејство од средната класа во Баварија на 27 мај 1923 година.
Неговото семејство се приклучило на германско-еврејската заедница во Њујорк во 1938 година, по бегството од нацистичкиот прогон.
Хенри бил срамежлив тинејџер, кој никогаш не го изгуби акцентот и љубовта кон фудбалот.
Посетувал средно училиште ноќе, додека дење работел во фабрика за четки за бричење. Планирал да студира сметководство, но бил повикан во војска.
Бил распределен во пешадијата, но неговите интелектуални и јазични вештини набргу биле ставени во служба на военото разузнавање.
Кон крајот на војната, тој се приклучил на контра разузнавањето. На 23-годишникот му бил доделен тим за да ги лови поранешните офицери на Гестапо, со апсолутна моќ да апси и приведува осомничени.
Мали нуклеарни војни
По враќањето во САД студирал политички науки во Харвард и го започнал сопственото напредување во академската средина.
Во 1957 година ја објави книгата „Нуклеарната војна и надворешната политика“ во која се вели дека со ограничена атомска војна може да се победи. Тој тврдеше дека „тактичката“ и „стратешката“ употреба на нова вид помали проектили може да биде рационална.
Книгата го стави во фокусот на вниманието и така започна долгиот марш на Кисинџер кон славата и влијанието, а теоријата за „мала нуклеарна војна“ сè уште е влијателна.
Тој му стана помошник на гувернерот на Њујорк, кој беше и претседателски кандидат Нелсон Рокфелер. Кога Ричард Никсон ја освои Белата куќа во 1968 година, на Кисинџер му беше понудено работно место: советник за национална безбедност.
Тоа беше сложен однос. Претседателот се потпираше на советите на Кисинџер во меѓународните односи, но беше склон кон антисемитски испади и негуваше сомнеж кон американските Евреи.
Тоа е период кога студената војна беше на врвот: Армагедон само што беше избегнат над Куба, американските трупи сè уште беа во Виетнам, а Русија ја окупираше Прага.
Détente (Детант)
Никсон и Кисинџер тргнаа да ја спуштат тензијата со Советскиот Сојуз, да ги обноват разговорите за да се намали големината на нивните нуклеарни арсенали.
Истовремено, беше отворен дијалог со кинеската влада, преку премиерот Џоу Енлаи (поранешна транскрипција: Чу Енлај). Ова ги подобри кинеско-американските односи и изврши дипломатски притисок врз советското раководство – кое се плашеше од нивниот огромен сосед.
Напорите на Кисинџер доведоа директно до историското патување на Никсон во Кина во 1972 година, кога ги запозна Џоу и Мао Це Тунг – и стави крај на 23-годишната дипломатска изолација и непријателство.
Виетнам
Во меѓувреме, САД се обидуваа да се извлечат од Виетнам.
„Чесен мир“ беше клучното изборно ветување на Никсон. И тој и Кисинџер заклучиле дека каква било победа на САД е бесмислена бидејќи тие нема да ја преживеат „политичката реалност од конечното повлекување од Виетнам“.
Тој влезе во преговори со Северен Виетнам, но се согласи со Никсон за тајни бомбардирања на неутрална Камбоџа – во обид да ги лиши комунистите од дополнување на воените редови и залихи.
Политиката резултираше со смрт на најмалку 50.000 цивили во Камбоџа, а дестабилизацијата на земјата доведе до граѓанска војна во земјата и брутален режим на Пол Пот.
За време на напорната серија преговори со Виет Конг во Париз, Кисинџер, сега како државен секретар, преговараше за повлекување на американската војска од Јужен Виетнам.
Тоа му ја донесе Нобеловата награда за мир – заедно со Ле Дук То од Северен Виетнам – одлука која што жестоко ја осудија мировните активисти.
Кисинџер ја прими наградата „со понизност“, а паричната награда ја донираше на децата на американските војници загинати во конфликтот.
Реалполитика
Неговата шатл-дипломатија донесе прекин на огнот по арапско-израелската војна во 1973 година.
Видеата снимени од тајните камери коишто Никсон одобрил да бидат поставени во Белата куќа ја доловија големата благодарност на израелската премиерка Голда Меир за начинот на кој тој и Кисинџер се однесуваа кон нејзината земја.
Снимките ја открија и темната страна на нивната реалполитика. Ниту Кисинџер ниту Никсон немаа намера да вршат притисок врз Советскиот Сојуз да им дозволи на руските Евреи да бараат нов живот во Израел.
„Емиграцијата на Евреите од Советскиот Сојуз не е цел на американската надворешна политика“, рече Кисинџер. „И ако ги стават Евреите во гасни комори во Советскиот Сојуз, тоа не е американска грижа. Можеби хуманитарна грижа“.
Изборот на марксистот Салвадор Аљенде за претседател на Чиле, сепак, ги вознемири Соединетите држави. Новата влада беше прокубанска и ги национализираше американските компании.
ЦИА спроведе тајни операции во Чиле, во обид да им помогне на опозициските групи да ја соборат новата влада. Кисинџер претседаваше со комитетот кој ја одобри акцијата.
„Не гледам зошто треба да стоиме на страна и да гледаме како една комунистичка земја се однесува неодговорно кон нејзиниот народ“, рече тој. „Прашањата се премногу важни за чилеанските гласачи да бидат оставени сами да одлучуваат“.
На крајот се вклучи и чилеанската, а Аљенде умре во насилен државен удар со кој генералот Пиноче ја презеде власта. Многу од неговите војници се испостави дека биле платени од ЦИА.
Во подоцнежните години, самиот Кисинџер ќе биде прогонуван од голем број судови кои ќе истражуваат злоупотреба на човековите права и смртта на странски државјани под воениот режим.
Една година подоцна, Кисинџер гледаше како расплаканиот Ричард Никсон ја напушта Белата куќа „скршен“ од скандалот Вотергејт. Неговиот наследник Џералд Форд го задржа како државен секретар.
Тој изврши притисок врз владата на белото малцинство во Родезија да се откаже од власта, но беше обвинет дека ги игнорирала „исчезнувањата“ на нејзините критичари од страна на аргентинската хунта.
Моќта како ултимативен афродизијак
Контроверзите продолжија да го следат Кисинџер и откако ја напушти позицијата државен секретар во 1977 година. Понудата на универзитетот Колумбија да биде професор мораше да биде повлечена заради силниот протест на студентите.
Тој стана моќен критичар на надворешната политика на Џими Картер и Бил Клинтон, тврдејќи дека претседателите сакаат пребрзо да постигнат мир на Блискиот Исток. За Кисинџер, тоа може да се случи само чекор по чекор.
По 11 септември 2001, Џорџ Буш побара од него да раководи со истрагата за нападите врз Њујорк и Вашингтон, но тој беше принуден да се повлече во рок од неколку недели – откако одби да ја открие листата на клиенти на неговата консултантска компанија и да одговори на прашања за конфликт на интереси.
Тој одржа состаноци со претседателот Буш и со потпретседателот Дик Чејни, за да ги советува за политиката во Ирак по инвазијата во 2003 година. „Победата над бунтот“, им рече тој, „е единствената стратегија за излез“.
Секогаш влијателен, тој го информираше Доналд Трамп за надворешните работи по неговиот избор во 2017 година – предлагајќи, меѓу другото, прифаќање на окупацијата на Крим од страна на Владимир Путин.
Во 2023 година, кога наполни 100 години, Кисинџер го промени својот став за Украина по руската инвазија и изјави дека земјата на претседателот Зеленски треба да се приклучи на НАТО откако ќе се обезбеди мир.
Хенри Кисинџер имаше огромна листа на контакти. „Моќта“, сакаше да каже, „е врвниот афродизијак“.
Поголем дел од животот тој беше во центарот на моќта за време на најважните настани од минатиот век.
Предизвика гнев од многумина, но тој остана доследен на интересите на САД според неговите принципи.
„Земја која бара морално совршенство во својата надворешна политика“, изјави тој еднаш, „нема да постигне ниту совршенство ниту безбедност“.
Преземено од Би-Би-Си