„Имаме 334.971 корисници на пензија, согласно последниот извештај на ПИОМ за месец октомври 2023 година, помножено со 5.000 денари, кои ВМРО – ДПМНЕ ги предлагаат, е еднакво на 1.674.855.000 денари, односно 27,2 милиони евра месечно, што е вкупна сума од 326,8 милиони евра на годишно ниво“, напиша вицепремиерот Фатмир Битиќи одговарајќи на колумна на Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ и предлогот на опозициската партија за линеарно зголемување на пензиите за сите пензионери.
Вицепремиерот истакна дека ваквото зголемување е 2,5 отсто од БДП, но 27,1 отсто од предвидениот буџет на ПИОМ.
„Ова значи дека ВМРО – ДПМНЕ со бројки истресени од ракав за зголемување на пензиите, сакаат дупката во фондот за ПИОМ да ја прошириат за 27,1%, што за добрите познавачи на финансиите, не значи само проширување на дупката во фондот за ПИОМ, туку тоа е буквално креирање на ЦУНАМИ кое за само една година комплетно ќе го збрише фондот за ПИОМ“, појаснува Битиќи.
Тој додаде дека фондот за ПИОМ изминативе години константно ги зголемува пензиите на неговите корисници, во исто време намалувајќи го оптоварувањето на централниот буџет кој од година во година префрла се помалку средства кои се неопходни за исплата на пензиите на нашите пензионери.
„Во налет на економиски мисли, ВМРО – ДПМНЕ исто така најавува дека добивката на компаниите ќе биде ослободена од оданочување!? Во нашата држава, реинвестираната добивка не се оданочува“, истакнува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Вицепремиерот додаде дека одговорно кон граѓаните не умее секој и затоа таа привилегија се дава на оние кои знаат, сакаат и можат.