Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Шкријељ: Пандемијата влијаеше на намалување на емпатијата, менталното здравје и булингот се најголемите проблеми кај младите

„Пандемијата ги исфрли на површина сите недоследности и празнини кои ги имавме и само ги потенцираше и зајакна. Многу влијаеше и на намалување на емпатијата и нарушување на меѓучовечките односи. Не бевме свесни колку ќе наштети на менталното здравје“, рече пратеничката од СДСМ, Санела Шкријељ во нејзиното гостување на утринската програма на „Слободен печат“ во соработка со „Градска.мк“.

Таа додаде дека учениците бараат пгорами со поддршка за менталното здравје, бидејќи менталното здравје и булингот ги истакнуваат како најголеми проблеми со кои се соочуваат.

„Ако имате деца изложени на насилство во формативните години, а не може да најдат поддршка во училиштето, таму каде што треба да се безбедни, не може да очекувате да имаат здрави обрасци на однесување понатаму. Програмите за ментално здравје треба да станат задолжителни и законска обврска“, рече Шкриељ.

Пратеничката додаде дека треба да се работи на јакнење на емпатијата и солидарноста во општеството и да се инвестира во едукација.

„Не смее да се даваат примери на неказнивост. Кога станува збор за насилство врз жени имаме примери и ситуации со професионално постапување на институциите, но и ситуации кога насилник и по втор пат ќе изврши дело, но повторно добива условна казна“, рече Шкријељ.

„Кај нас се манипулира со зборот патриот. Не верувам дека патриоти се луѓе кои промовираат омраза кон се што е поразлично. За мене патриоти се луѓе кои се трудат да допринесат нешто во заедницата и да креираат општество во кое сите подобро живееме“, рече Шкријељ.

Таа додаде дека во кризни моменти, со какви што светот се соочува последните години, секогаш има пораст на етнонационалистичка реторика, говор на омраза, но порача дека јавните личности имаат одговорност да не ги пренесуваат таквите пораки.

„Дури и во овој страшен случај со убиството на Вања, некои луѓе се обидоа да манипулираат и да го искористат за партиски препукувања. Недозволиво е и добар дел од медиумите не ги пренесуваат тие пораки, но видовме примери на неетичко известување и ширење на дезинформации“, рече Шкријељ.

„Собранието треба да биде храм на демократијата, каде се разговара аругментирано, но за жал, гледаме насилни сцени. Нема да се согласам со реакциите на дел од јавноста која поддржува такво однесување. Наша улога како политичари, кои имаат пристап до медиумите, не треба да биде да реагираме така како што јавноста сака“, рече пратеничката Шкријељ.

Таа додаде дека понекогаш јавноста е бесна и бара агресивна реакција, но политичарите не треба да се обидуваат да ќарат политички поени и лајкови на социјалните мрежи со промовирање на насилно однесување.

„За жал, во Собранието имаме поттикнување на говор на омраза и нетрпеливост кон различни групи. Тоа е недозволиво. Исто како што е недозволив говорот на омраза на социјалните мрежи. Мора да научиме дека има разлика меѓу слобода на говор и говор на омраза“, рече Шкријељ.

Пратеничката додаде дека многу фактори влијаат на зголемувањето на агресивното однесување и аргументирање –разни шоуа и емисии и тоа што се пласира како вредност.

Најново