Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Затворената иранска активистка Мохамади штрајкува со глад за време на церемонијата на доделување на Нобеловата награда

Мохамади, потпретседателка на Центарот за човекови права во Иран, моментално отслужува 10-годишна затворска казна. Беше апсена вкупно 13 пати, пет пати осудена и осудена на вкупно 31 година затвор. Таа беше осудена и на 154 удари со камшик

Активистката Наргес Мохамади, затворена во Иран, утре ќе штрајкува со глад, кога во Осло ќе се одржи церемонијата на доделување на Нобеловата награда за мир, чиј добитник е таа.

Наградата наместо неа ќе ја примат нејзините деца, кои во присуство на норвешкото кралско семејство ќе го прочитаат говорот кој Мохамади успеала да му го пренесе на семејството од затвор.

Жестока противничка на задолжителниот „хиџаб“ со кој жените мора да ја покриваат косата на јавно место и смртната казна во Иран, 51-годишната Наргес Мохамади ќе штрајкува со глад „во знак на солидарност со верското малцинство Бахаи“, соопштија денеска нејзиниот брат и сопруг на прес-конференција во Осло.

Бахаи заедницата, најголемото верско малцинство во Иран, е цел на дискриминација во многу сектори на општеството, наведуваат членовите на оваа заедница.

„Наргес Мохамади денеска не е тука со нас, таа е во затвор и ќе штрајкува со глад во знак на солидарност со верското малцинство“, изјави нејзиниот помлад брат Хамидреза Мохамади. Сопругот на активистката, Таги Рахмани, потврди дека тоа е гест на солидарност со малцинството Бахаи.

Во октомври беше соопштено дека таа е добитник на овогодинешната Нобелова награда за мир за „борбата против угнетувањето на жените во Иран и борбата за унапредување на човековите права и слободи за сите“.

Таа е едно од главните лица на забранетото движење „Жени, живот, слобода“ во Иран каде, поттикната од минатогодишната смрт на 22-годишната Махса Амини по нејзиното апсење во Техеран затоа што не ја покривала косата со „хиџаб“, жените ги фрлаа шамиите, ја потстрижуваа косата и масовно демонстрираа.

Мохамади, потпретседателка на Центарот за човекови права во Иран, моментално отслужува 10-годишна затворска казна. Беше апсена вкупно 13 пати, пет пати осудена и осудена на вкупно 31 година затвор. Таа беше осудена и на 154 удари со камшик, иако не е познато дали таа казна е извршена.

Зачлени се на нашиот е-билтен