Претседателот Стево Пендаровски вели дека неодамнешното двојно грозоморно убиство на површина го извлече фактот дека дел од радикалните структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици, посочил Пендаровски вчеравечер во обраќањето на конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Пендаровски посочил дека времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава и дека за жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок.
-Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации. Неодамнешниот трагичен настан кој заврши со двојно грозоморно убиство, на површина го извлече занемарениот факт дека дел од овие радикални структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици. Затоа сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневно политички калкулации, истакнал Пендаровски.
Пендаровски ја посочил важноста на одбележувањето на 75 годишнината од донесувањето на Универзалната декларација за човекови права од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, токму на овој ден во далечната 1948 година, кој од тогаш се одбележува како меѓународен Ден на човековите права.
-Седум и пол децении подоцна имаме право да бидеме горди на промените кои во светски рамки се случија во однос на заштитата и промоцијата на човековите права и слободи во однос на стартната основа од која тргнавме. Треба да имаме предвид дека почетокот на борбата за човековите права беше само неколку години по ужасните страдања во Втората Светска Војна за кои одговорноста ја имаа тоталитарните и репресивни режими како што беа нацизмот и фашизмот, истакнал претседателот на конференцијата.
Тој навел дека епохата на глобалното демократско назадување низ која проаѓаме како своја прва жртва ги има човековите права и слободи како на национално, така и на меѓународно ниво.
-И покрај тоа што на регионално и глобално ниво постојат повеќе меѓународни организации чија што примарна надлежност е, меѓу другото, заштитата на човековите права, како што се Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ, но и судски институции како Меѓународниот кривичен трибунал со надлежност да ги гони најтешките прекршувања на човековите права, се чини дека времето на глобалниот консензус за човековите права е зад нас, а надоаѓа една нова ера на војни, репресија и авторитарни режими, нагласил Пендаровски.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакнал дека човековите права не се привилегија, помодарство или идеолошка конструкција. Тие, како што посочил, се неотуѓив дел од човековото битие, цивилизациско достигнување и услов за мирот во светот и опстанокот на човештвото.
– Во таа смисла, сите критики што доаѓаат од националистите или т.н. суверенисти од различна идеолошка провиниенција дека човековите права се креација на западниот либерализам се само изговор за легитимирање на домашната репресија, или за случаите на надворешна агресија, навел Пендаровски.
Според него, напредокот и благосостојбата на нациите и меѓународниот мир се можни само ако нациите ги почитуваат индивидуалните и колективните човекови права и никако поинаку.
-Нашата држава преку сопственото искуство постави значајни стандарди за почитувањето на човековите права во нашиот регион и пошироко. Иако и нашето општество не беше имуно на национализмите на почетокот на деведесетите години од минатиот век, сепак, Македонија уште од почетокот на својата независност одлучи дека ќе гради општество на еднакви и слободни граѓани со почитување на индивидуалните и колективните човекови права и слободи, вели Пендаровски.
Тој потсетил дека во времето на еуфоријата на градење на етнички држави ние донесовме устав кој почива врз граѓански основи, но и со изразен сензибилитет за мултикултурниот карактер на македонското општество.
– Токму оваа стратешка одлука во 1991 година беше еден од најважните аспекти што ни помогна да ја избегнеме војната, а новата држава да добие поширока меѓународна верификација и легитимитет, додал Пендаровски.
Според него, Охридскиот рамковен договор од 2001 година постави стандарди за заштита на колективните права на заедниците кои и по повеќе од две децении сè уште се сметаат за исклучителен пример за градење на мултикултурна демократија не само во регионот, туку и во Европа.
Клучен дел од договорот, како што вели Пендаровски, е заштитата и промоцијата на правата и идентитетот на сите заедници, независно од нивната бројност или политичка претставеност. И тогаш и сега сум убеден дека тој нов општествен договор ни овозможи да ја зачуваме државата и мирот и да градиме заедничка иднина.
-Сепак, времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава. За жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок. Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации, истакнал шефот на државата.