„Како што се движиме на остварување на нашата стратешка цел, важно е да се препознаат придобивките кои ќе ги добиеме од членството во Европската Унија. Важно е вие да разберете, да знаете кои се можностите кои ќе ги добиеме. На кој начин квалитетот на нашиот живот ќе биде подобар. Членството ќе не воведе во една нова ера исполнета со соработка, иновации, одржливи практики, потикнувајќи изградба на силна и меѓусебно поврзана енергетска инфраструктура, отпорна на шокови, стабилна во испораката на електричната енергија и енергетска сигурност“, рече Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на отворената трибина за граѓаните од кампањата ,,Ние сме Европа“, посветена на темата – енергетикa во Куманово.
Тој посочи дека ЕУ ќе значи енергетски безбедна иднина која ќе биде изградена во здрава животна средина. Тој се осврна и на извештајот на ЕУ за финансискиот влог за Западен Балкан, со кој на нашата држава и се даде можност да ги искористи придобивките уште пред да станеме полноправна членка на ЕУ.
„Станува збор за Планот за раст на Западен Балкан, со кој шест милијарди евра, се наменети за земјите од регионот. Од овие средства на нашата земја и се достапни околу 850 милиони евра, од кои дел ќе се насочат кон правична енергетска транзиција. Трансформација и зелена транзиција на целиот овој сектор. Ние сме лидери на целиот Балкан со инсталирани преку 600 мегавати соларни електрани и приклучени на мрежа кои веќе произведуваат струја“, рече Битиќи.
Тој се осврна на 2019 година кога сме имале само 17 мега вати. Тоа нашата реалност, рече Битиќи и посочи дека целта не е само оваа транзиција да се случи и да имаме повеќе фотоволтаични централи, ветерници и други извори на обновлива енергија, туку сето ова овозможува да биде спроведено на праведен начин.