Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

НЕ – за преплаќање на отпадот под автомобилската церада

Самонаречените „победници“ уште сега, особено оние форматирани во воинствена моронска толпа на анти-ЕУ понудувачите, осмелени во безобразно јавното кинење на следствата и правилата на резонирање, т.е. во ширењето моронство, имуни на самотестирање, го користат зборот „победа“ на неосновано разделувачки, дискриминаторен начин – начин за кој нема место во едно општество.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Веќе подолго време, не само овој народ, туку светов е подложен на континуирана изборна кампања. Постојано се врти зборот „победа“, небаре се работи за континуирана спортска забавна програма. Лично, во контекст на избор на повеќегодишен предводник на политики (треба ли да споменувам овде дека по дефиниција, би требало политиките да служат за бенефит на граѓаните), жестоко сметам дека е грд, дури и навредлив. А и кога е имплицитен, новинарите не се стеснуваат да го преупотребуваат неговото навивачко-спортско значење. Уште повеќе, некои од нив се изгубуваат во таа имплицитност со неодговорното пишување „само“ на социјалните мрежи како нерегулиран личен простор (како што ги правдаат од ЗНМ нивните „само“ не-медиумски мрежни не-продукти вредни колку за специфичен вид шољи). Или, пак, под рефлекторите со таканаречени „прашања“ на пресови, со очигледно наместени сондажи или дебати (или плукачки натпревари?), кога, всушност, не прават ништо друго освен обелоденување на својот облог за „победа“ на ВМРО-ДПМНЕ. За противтежа, социјалдемократите од редови на пратениците или владините службеници, го користат истиот збор за себе. Ботските бригади на Левица, во недостаток на институционална сила, шират уште поимперијалистичка конотација на „победа“ со моронски нишки на нарации за истребувачка војна.

Не претерувам со зборот „моронски“, бидејќи дефиницијата на морон е баш разумна – да го цитирам канадскиот професор по економија и колумнист Пјер Лемју (Pierre Lemieux) – морон е 1) оној кој смета дека  може и Х, и не-Х, да се двете вистина; и 2) оној кој прави обратна транзитивна врска меѓу X и Z (можеби и се прави наудрен за транзитивност или навистина не ја регистрира), кога постои врска од Х кон Y и од Y кон Z. Самото име „Левица“ за крајно десничарски наративи и националистички мотиви е веќе моронство по критериумот 1), а критериумот 2) го исполнуваат генeрички, според начинот на кој се создадени да бидат божем левичарски, а да им рапортираат на десничари, односно, ако судиме од шефовите и ботовите, се трудат да се уште подесно од ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, иако ботовите, вклучувајќи им го и шефот, нѐ забавуваат со пародии од нив самите (оти ќе стрелале, ликвидирале, итн.), токму ним можеме да им заблагодариме за тоа колку зборот „победа“, во смисла на избори, е пополнет со значење на негирање на самиот демократски процес, т.е со отпад. Односно, позитивните значења често не допираат до умот и срцето без напор, па тука се негативните да нѐ предизвикаат да направиме инверзија на темното, за да согледаме што е светлото. Немаше да измислиме збор за ден ако не знаевме што е ноќ.

Користењето на зборот „победа“ во изборна конотација, укажува на одреден вид на „зелендарство“ во однос на значењето на тоа што, вообичаено веќе, се нарекува „победа“. Како незрелост, помешана со простаклук, воедно истакнувајќи ја натпреварувачката или воената смисла на зборот. Второво е според речникот на пародично-претерувачките Лемју-морони, но во светов некои сериозно сфаќа вакви морони, па конфликтот „ние версус тие“ се заострува навистина до убивање. Во таква „победа“ нема место за нас, не-натпреварувачките и не-претерувачките граѓани, особено ако ние сме тие кои гласаме или не. Излегува дека оној што добива гласови (а и оној кој не добива!), божем прави нешто во тие 12 часа, а не ние, кои всушност гласаме или не! Ама што правиме ние со гласањето/негласањето – му носиме ли победа на политичарот лично?! Или бираме опција која сметаме дека нема да нѐ малтретира во секојдневниот живот во наредните неколку години, или уште подобро, можеби и да стори нешто што ќе важи за сите, а не само за избраници што му носат лични гласови? Притоа, велам „гласање/негласање“ заедно, бидејќи во Донтовиот (D’Hondt) метод според кој се одредуваат „победниците“, и негласачите всушност гласаат кога фактички не гласаат. Негласачите се најпарадоксалната, трагично искористена жртва во оваа ситуација, бидејќи уште пред да го извршат својот акт на негласање, тие имаат чувство на искористеност доколку гласаат, а не сфаќаат дека токму негласањето многу подобро се искористува од „играчите за победа“ во ситуација кога сепак излегуваат 6-цифрени бројки кои им носат гласови.

Ние дури и се уверивме во 2017 г. дека значењето зад зборот „победа“ во смисла на избори – не се однесува на број на освоени пратенички столчиња (итн. за другите типови на избори). Нема победа, туку ние граѓаните купуваме ваучер на аукција од одредена „продавница за бенефити“, при што и оние кои не дале од валутата наречена глас, а имале право и можност, редовно го одредувале исходот од која продавница ќе се „делат бенефити“ на сите нас, го знаеле тие тоа или не (веројатно не). Изборите повеќе личат на една голема аукција, тендер, а не битка. Граѓаните се купувачите, но не само со валутата глас: Самото нивно присуство на гласачкиот список е валута на плаќање на „добрата“ што политичарите ги ветуваат, гласале или не. Евидентно, во сите демократии, на процесот му се случува ефектот на „каење после купување“ (Buyer’s remorse), не само кај нас. Демократијата сама по себе нема алатки да направи противтежа на овој ефект, а кој резултира со намалување на излезноста, со што процесот губи од демократскоста по дефиниција. (Мислам дека противтежа би направиле некои пазарни принципи или од теоријата на игри – но нека проучуваат експерти). Паралелно со тоа, нас, граѓаните нѐ следи и ефектот на „проклетство на победникот“ (Winner’s curse), добро познато кај наддавачите на аукциите. Тој ефект кај изборите – гледани како аукција – е ефектот на преплаќање на нешто што не вреди толку според нормите. Кај аукциите тоа се случува кога заради недостаток на информации, внимавајте, а и од емоционални побуди – се плаќа неразумно висока цена за некој предмет! Нели личи на изборна „победа“? На пример, треба ли да ја споменуваме скопската несреќа? Таа „победи“, но проклетството на „победникот“ е врз нас, Скопјани, бидејќи тие што ја гласаа и тие што не гласаа, му ја „купија“ на цело Скопје!

Така, доаѓаме до причинско-последичните врски, поточно вистинската арена каде што се одвива борбата „ние наспроти тие“. Кои сме ние, а кои се тие? Екстрактот е во малку смешната изрека „Постојат две категории луѓе – оние кои ги делат луѓето на две категории и оние кои не го прават тоа“. Имено, како нормални, не-натпреварувачки и не-претерувачки граѓани сите сакаме мир, секојдневие, а не потреси и затоа таква поларност ние-тие, особено очи в очи – не ни е природна. Природно и посакувано ни е сите да сме „ние“, да си помагаме, заради и што не живееме во дивина, туку заедно, во општество, со комплицирани правила и заедничка инфраструктура. Веројатно, заменката „тие“ би имала помалку грубо значење да не беа овие големи и чести аукции наречени избори, каде што неизбежно некои несмасно жонглираат со категориите „ние“ и „тие“ за сопствен профит. Главните маркетиншки пораки се засновуваат на Лемју-моронштина од тип 1 – истовремено и стеснување, и проширување на двете категории „ние“ и „тие“(секој ден различно), на тотално неодбранливи основи, во принцип – на основите за дискриминација. Аукциите се почнати по 1991 г. и веќе почнува да нема врска со демократија, бидејќи демократијата не би требало да е слепа на ниедна основа за дискриминација. Значи, како граѓани, со самото присуство во избирачкиот список учествуваме во задолжителен процес кој, веќе очигледно, скоро формалистички се нарекува демократски, бидејќи е прекршено најзначајното демократско правило – да не може да се пренесуваат дискриминации во системот. А што да правиме кога понудувачи на аукцијата се еден куп дискриминатори што рекламираат и ни продаваат машини за дискриминирање што би нѐ дискриминирале со години, и масовно, и поединечно, откако ќе си ги купиме нивните ветувања!?

Како што и погоре тврдам, а и независно секој може да се увери, одговорот на ова – да не се гласа – не е одговор, бидејќи негласачот така е уште повеќе искористен и злоупотребен дури, бидејќи веќе е дел од гласачкиот список. Одговорот е токму во граѓанското преземање на значењето на зборчето „победа“ како потенцијал, како спрега со самото себе во самоисполнувачко пророштво на граѓанските потреби, а не таа моќ да се дава на понудувачи кои уште па и не кажуваат што продаваат. Како што се смешните церади на ВМРО-ДПМНЕ, со отпад под нив во контура на фин автомобил. Ах, да, и ќе сме виделе во 21 часот по аукцијата, за да ни стане појасно дека тој отпад – не стигнува во ЕУ. Не стигнува никаде. Отпад под автомобилска церада, преплатен со гласови и не-гласови.

Значењето на зборчето „победа“ не смее да се однесува на конкретни личности, односно структурите како понудувачи во аукцијата (партии и здруженија). Не гласам за да победи овој-оној, ниту не не-гласам оти сите-се-за-никаде. Нека се. И се. Но, како може воопшто да дозволиме да „победи“ понудувач – тоа е апсурдно, па ние не сме ничии соучесници во понудувањето на исполнување на наши потреби, па сами себеси не би си нуделе, особено не мачки во вреќи!

Победа може да се смета само исполнување на потреба која служи за чиста корисност на најшироката маса граѓанство, а не – земи од едни – дај им на други. Така си е, без оглед колку и кои граѓани се под ефектот на настојчиво верување во нешто што докажано нема причинско-последична врска. Мислам на моронштини како што е „губење на идентитет“ – моронска фраза од тип 1 и 2, а заради додавање на имиња на уште народи од скоро нулти проценти во Устав. Зборот „победа“ да се однесува барем на зголемување на шансите за постигнување на опиплива сеопшта корист како што се бенефитите од стандардите и фондовите на ЕУ – без оглед на процентот на граѓанство што е импресионирано од моронство кое му носи, лично, директна штета. А и без оглед на уште понастојчивите морони во своите погрешни уверувања (погрешни – на најосновно причинско-последично ниво) кои уште посилно запнуваат со бесмисленостите кога им се укажува дека се бесмислено празни, дека се дебело во, на пример, „идентитетски“ заблуди, ако воопшто го разбираат концептот за идентитет.

Зборот „победа“ има значење само ако е употребен за и заради бенефитот на сите – само тогаш сите би станале „ние“. Самонаречените „победници“ уште сега, особено оние форматирани во воинствена моронска толпа на анти-ЕУ понудувачите, осмелени во безобразно јавното кинење на следствата и правилата на резонирање, т.е. во ширењето моронство, имуни на самотестирање, го користат зборот „победа“ на неосновано разделувачки, дискриминаторен начин – начин за кој нема место во едно општество. Но, се гледа, сепак, значењето на зборот „победа“ им е како жежок компир, па ја предаваат таа моќ на лидерот – дресер кој им ветува поединечно бонбончиња, како на мајмунчиња. Спротивставување на оправданото тежнеење на Македонија кон ЕУ – оправдано во секоја нормална резонска смисла? Не им е гајле. Бонбончето им вреди. Ако треба, не неразумно, туку нека наликува лудачко гребење, кинење и гризење (како на некои медиумски „производи“). Дополнително, ако не го гледаат сеопштиот бенефит од, на пример, Преспанскиот договор, тогаш се губитници во сета смисла на значењето на тој збор, нека биде јасно засекогаш.

Зачлени се на нашиот е-билтен