Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Нови романи на Фросина Пармаковска и Тина Иванова, ТВ серија „Знам како дишеш“, уметнички перформанс на АКТО

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме нови романи од домашни авторки, ТВ серија и уметнички перформанс. Гледајте, читајте, слушајте…

Книга: Роман „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска

Новиот роман „Сѐ уште можам нешто да сторам“ во издание на „Или-Или“ (книга бр. 226 во едицијата ПРОаЗА) е роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме, таква каква што ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење.

Како и во другите романи на Пармаковска, и во овој роман се доминантни психологизацијата на главнот и останатите ликови од една страна, но и личните подеми, падови и резултирачкиот раст, созревање на главниот лик од друга страна. Ова е роман за суштинската промена однатре, промена која настапува како резултат на силни и длабоки потреси, искрени соочувања со Себеси, долги разговори во себе низ бројни непроспиени ноќи, роман за чудесното, соништата и постојаното поместување на границата помеѓу тие два света: реалното и чудесното.

„… јас никако не успевав да се ослободам од чувството дека исчезнувам. Кога почнував да зборувам, моите зборови наместо до ушите на присутните, се протнуваа низ еден, за нив недостапен тунел, излегувајќи токму на лисјата од дрвата пред нас, патуваа носени од ветрот преку грмушките што го обрабуваа тревникот во нашиот видик, сѐ до излезот на паркот, право во контејнерите на уличката. Исто беше и со мојот лик, моето тело што се замрзнуваше и стануваше само рамка од неподвижна слика, толку несмасно потпрена на штиците од клупата, што сите околу мене се наведнуваа и ги искривуваа вратовите само за да ја избегнат додека се обидуваат меѓу себе да се гледаат. Тие избегнуваа да гледаат во мене, ме заобиколуваа како да бев јас некаква препрека. А јас, без мојот глас и присуство и без само мојот образ, немоќно тонев во лулката која висеше на дебел синџир и осцилираше помеѓу ѕидот на конфузноста во кој сите тие денови си ја удирав главата и оној на бесот поради моето исчезнување што сега толку моќно ја обземаше секоја во мене присутна клетка.“ – извадок од романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“.

Фросина Пармаковска (Скопје, 1985 г.), дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска литература, на Културолошки студии. Авторка е на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“, „Одбројување“ (добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017 г.) и „На враќање“.

ТВ серија: „Знам како дишеш“ на Јасмила Жбаниќ и Дамир Ибрахимовиќ

Обвинителката и самохрана мајка Невена се мачи да балансира со работата и семејството кога нејзиниот најнов случај, самоубиство на тинејџер, кое се случува во нејзиното соседство. Блискоста со настанот за Невена станува буквален и болен: дали нејзиниот син Дино е вмешан во булингот на тинејџерот што довел до трагичниот чин?

ТВ серијата во шест епизоди „Знам како дишеш“ („I know your Soul“ е англискиот наслов) во босанско-херцеговска продукција на креаторите Јасмила Жбаниќ и Дамир Ибрахимовиќ ја следи обвинителката Невена (Јасна Ѓуричиќ) низ неколку криминални случаи, кои се преплетуваат со нејзините лични предизвици: справувањето со тинејџерските проблеми на синот Дино (Лазар Драгоевиќ), кој сака да стане музичар-рапер; разводот со сопругот Харис (Ермин Браво), западнат во долгови што ги исплаќа Невена; препирањата со шефицата Виолета (Јелена Кордиќ-Курет); топло-студениот однос со колегите Џанџо (Мирвад Куриќ) и Кемал (Кемал Ризвановиќ); безусловната поддршка од школската другарка Амра (Јасна Жалица) и неочекуваната романса со Саша (Борис Исаковиќ), исто така школски другар, која можеби ќе прерасне во нова животна љубов; сведочењето на трагедиите на жртвите и нивните родители, кои колку и да се дел од описот на професионалниот ангажман, не можат така лесно да се избришат, како онаа на семејството на Кемал (Изудин Бајровиќ)…

Милјето на сторијата е денешното Сараево, лишено од „виктимизираната“ димензија (жртви и џелати од војната на почетокот на деведесеттите години), со потенцирање на урбаните слоеви по кој беше познат градот како епицентар на одлична поп-рок музика, театарски претстави и наградувани филмови. „Знам како дишеш“ на многу суптилен начин се „пресметува“ со таа романтична историја на градот, поставувајќи ги прашањата зошто така лесно исчезнала и каква ќе биде неговата и иднината на неговите жители.

Сценариото на серијата е на Јасмила Жбаниќ, наградувана режисерка („Quo Vadis, Aida?“ пред две години освои номинација за „Оскар“ за најдобар странски филм) и Елма Татарагиќ, која меѓу другото и е добро позната на нашата публика по соработката со сестрите Лабина и Теона Митевски. Режисери на епизодите се инвентивните Ален Дрљевиќ и Нермин Хамзагиќ.

ТВ серијата „Знам како дишеш“ имаше светска премиера на 80. Биенале во Венеција во септември годинава, а може да се погледне на HBO Max.

Книга: Промоција на романот „Се чини сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“ од Тина Иванова

На 16 декември (сабота) со почеток во 19 часот, во Аудиокултура, ќе се одржи промоција на новиот роман на Тина Иванова под наслов „Се чини сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“.

Промотор на книгата ќе биде новинарот, писателот, активистот за човекови права, г. Џабир Дерала. Промоцијата ќе биде збогатена со настап на двајцата извонредни пијанисти Дино Имери и Дуња Иванова.

„Се чини сè уште постои љубов или: Љубов во време на Корона“ е приказна за љубовта помеѓу еден маж и една жена. Од една страна, зборува за љубовта помеѓу Ана и Дениал, љубов помеѓу христијанка и муслиман, за онаа чиста, искрена, невина љубов, речиси нереална – опишувана во некој класичен роман. Од друга страна, пак, приказната третира уште една верзија на љубов или ,,нељубов”, како контрапункт на среќната, полетната, безграничната, безусловната, полна со радост, а тоа е онаа грдата, измамничката, полна со сомнежи, непочитување, тага. Дел од времето на дејствието, како што укажува и самиот наслов, се случува во периодот кога бевме заробени под плаштот на Ковид 19. Локацијата е Скопје, градот кој дише во наративот како едно соединение со ликовите.

Но, во суштина, книгата зборува за предрасудите, пред сè, за религиските, а со тоа и за социјалните судови, за неразумните однесувања и за искривеностите во верувањата, наметнати од религиските авторитети помеѓу луѓето, кои се провлекуваат низ одредени дијалози и размислувања на главниот лик Ана. Низ размислите, во дел од случувањата на Ана, на нејзиниот емотивен живот како жена, се јавува аспект на одредена потиштеност и резигнираност на една разведена жена и сите стравови кои се наметнуваат од статусот, како и за соочувањето со тоа во едно труло општество. Таа го наоѓа својот пат кон Бога, пат, којшто го наоѓа со помош на најголемиот композитор на сите времиња Јохан Себастијан Бах.

Приказната се чита во еден здив, а вметнати се и неколку песни, кои се врзивно ткиво на навидум одделните сегменти и коишто ја сликаат женската емотивна состојба од неколку различни перспективи.

Тина Иванова (1976, Скопје) е музиколог и продуцент, со долгогодишно искуство во новинарството, а зад себе има и шест пишани изданија. Петнаесет години е дел од културната рубрика на „Утрински весник“ од неговото формирање (1999), најпрвин како новинар и музички критичар во културната рубрика, а од 2007 до 2012 година и како нејзин уредник. Пред тоа работи во Македонското радио на Првата програма во редакцијата за сериозна музика, потоа во Музичкото радио Канал 103 како музички соработник и во Македонската информативна агенција. Во моментов е продуцент во Македонската филхармонија, каде од 2020 до 2023 година беше на функцијата директор.

Авторка е на книгата „Документ 103“ која претставува публицистички труд за музичкото радио Канал 103, за која ја доби престижната државна награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во 2012 година. Добитничка е и на наградата „Урбан“ за промовирање на урбаната култура, награда на Институтот „Урбан“.

Тина Иванова е авторка и на романот „Кругови“, чиј издавач е издавачката куќа „Или-Или“ (2013). Авторка е и на монографскиот труд „Михајло Николовски-нашиот Папа Франк“ по повод 80 години од раѓањето на истакнатиот македонски композитор и педагог, за која ја доби престижната награда „Панче Пешев“ од Сојузот на композиторите на Македонија.

Иванова е ко-автор на монографијата „70 години Македонска филхармонија“, напишана по повод 70 години од постоењето на најстарата македонска национална институција, и на електронската книга „Седум мали портрети на седум големи композитори“ (2015).

Уметнички перформанс: „Весна и Власта, кон достоинството (на стареењето)“

Перформанс „Весна и Власта, кон достоинството (на стареењето)“ на уметниците Власта Делимар и Весна Стилиновиќ за затворање на АКТО 18. Перформансот ќе биде изведен на 16 декември (сабота), на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности, со почеток во 19 часот.

Весна Стилиновиќ и Власта Делимар замислија заедничка претстава во која низ елементарен ерос ги поврзуваат нивните сличности, но и разлики. Но, тие преку ова пријателство не сакаат да бидат едно, тие сакаат да бидат две. Весна има 78 години, а Власта 67. Весна е актерка, додека Власта е изведувачка. Весна и Власта одлучија нивното стареење да биде успешно, активно и здраво стареење, бидејќи старењеето не значи пропаѓање, туку зголемување на сопствениот потенцијал. Затоа, да се старее значи да се расте.

Современата геронтологија на различни начини се обидува да ја подигне свеста за стигмата на општеството кон стареењето и старите личности и ни нуди различни можности за подобрување на начините на живот. Фотографиите на Весна Стилиновиќ се приказ на трансформацијата низ која таа во својата актерска кариера често станувала некој друг. Меѓутоа, нејзиниот нов простор на нова егзистенција ѝ „подарил“ нов простор за слобода што некако ја довел во примарната форма на духот, во исконскиот живот што го придвижува нејзиното битие при најмало навестување на движење.

Исконскиот живот ја сака темнината, а примарното својство на генијалниот живот е упорната еластичност што Весна успева да ја задржи во последната трансформација.

Фото-видео материјалите на Власта Делимар како место за сеќавањата и сопствената митологија на секојдневието низ неизбежностите на егзистенцијата, како што се сексуалноста и еротиката, се пат до врвот на спознавањето и достоинственото стареење. Бидејќи не смееме да го заборавиме правото на оргазам и над 60 години.

Изведбениот проект е резултат на пријателството и соработката на две уметници – Весна Стилиновиќ и Власта Делимар. Весна и Власта го избираат стареењето како тема на нивната соработка. Како и многу други природни, неизбежни биолошки факти, оваа животна возраст е социјално и економски стигматизирана и маргинализирана. Културата на младоста, брзината и напредокот тешко ја прифаќа неизбежноста на промените и ја отфрла природноста на животните циклуси. Овие жени, уметници, се среќаваат и се соочуваат со стареењето од лична перспектива, доведувајќи го во прашање сопствениот живот, работа, но и емоционалните и психолошките позиции во кои моментално се наоѓаат. На овој начин, оваа претстава станува документ за времето, моментот, личноста и стигмата, но и извртување на парадигмата што го дефинира стареењето како нешто непожелно – со својата неумоливост – скандалозно, срамно, означувајќи го самиот факт на постоењето со тешко-сварливата болка што ја наследуваме со доаѓањето во светот. Несовршеноста, несоодветноста на животот, тиранијата на телото што нѐ прави само една етапа во времето и просторот, секогаш во потрага по подобри, потрајни и посвети модалитети на измисленото јас.

Настанот е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Министерството за култура на Република Хрватска, Факултет за работи што не се учат (ФРУ), Факултет за драмски уметности (ФДУ) – Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново