Опозицијата, која одби да прифати да се промени Уставот, спинува кога тврди дека причината не била тоа, туку огромната корупција во власта. Власта, пак, кога оценува дека за сè е виновна опозицијата, спинува, затоа што заборава дека во неинклузивен процес донесе одлука да ја прифати таквата обврска којашто земјата сега не може да ја исполни
Теофил БЛАЖЕВСКИ*
Во моментов може да се детектира двоен спин околу резултатите од Советот на ЕУ, односно повторното „извисување“ на земјата да ги започне пристапните преговори со ЕУ. Опозицијата, која одби да прифати да се промени Уставот, спинува кога тврди дека причината не била тоа, туку огромната корупција во власта. Власта, пак, кога оценува дека за сè е виновна опозицијата, спинува, затоа што заборава дека во неинклузивен процес донесе одлука да ја прифати таквата обврска којашто земјата сега не може да ја исполни, без оглед на апсурдноста, лагите и маркетингот што го прави опозицијата кога зборува за причините за одбивањето да се смени Уставот, пишува Вистиномер во својата анализа.
Текстот го пренесуваме во целост:
Од двата спина, прво го рецензираме оној на опозицијата, искажан во ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека не Уставот ами корупцијата била причина за блокадата од ЕУ:
Спин: Во однос на изјавата на Ковачевски дека нема отворање на поглавјата поради некаква проруска коалиција можеме да заклучиме дека дефинитивно ја промашил терапијата.
Отворање на поглавјата нема, не поради ВМРО ДПМНЕ туку поради епидемијата од корупција, и потрошените 500 милиони долари за некакви реформи после кои корупцијата расте, наместо да се намалува.
Нема преговори поради неказнетиот криминал, поради тендери за коридори чии подизведувачи се партиски фирми на власта, поради соларното броило и ширењето на бизнисите на Ковачевски и неговиот кум, поради милионите од РЕК и редица други скандали.
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ -Соопштение/веб; датум – 14.12.2023]
Контраспин: Најголемата парламентарна партија во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ за незапочнување на преговорите со ЕУ зазеде цврст став дека лага е дека непромена на Уставот била причината и дека највиновна е власта поради огромната корупција и неказнивоста во земјата – став што е спин.
Овој спин додуша има различни форми, па така потпретседателот Александар Николоски изјави дека не само што не се чувствуваа виновен, туку е горд што успеале да спречат промена на Устав по бугарски диктат (интервју за Клик Плус од 14.12.2023), додека Антонио Милошоски во разговор за МТВ избра форма дека власта е виновна што прифатила нешто што не може да испорача. Но, веднаш после овие избрани објаснувачки форми, генералниот став на сите од ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и ставот што го рецензираме – партиското соопштение – е дека непромената на Уставот не е суштинскиот проблем зошто С. Македонија не добила зелено светло да ги започне преговорите со ЕУ, туку тоа е поради огромната корупција што е стимулирана од СДСМ и ДУИ.
Станува збор за извртување на вистината, иако е точно дека земјата има голем проблем со корупцијата и со владеење на правото, што е впрочем јасно забележано во последниот извештај на Европската унија од крајот на 2023, а неодамна беше потенцирано и од американската амбасадорка Анџела Агелер, кога соопшти дека Кочо Анѓушев е на т.н. „црната листа“ на Стејт Департментот.
Спинот се состои во тоа што на последниот Совет на ЕУ кој денеска (15.12) заврши во Брисел, во однос на проширувањето е заклучено многу кратко, дека датумот за преговори преку втора меѓувладина конференција ќе биде закажан веднаш штом бидат направени уставните измени:
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
- Европската унија е подготвена да ја заврши фазата на започнување на пристапните преговори со Северна Македонија веднаш откако земјата ќе ја исполни својата заложба (обврска-н.з) за завршување на уставните измени, како што е забележано во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, во согласност со внатрешните процедури. Европскиот Совет ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие (уставни-н.з.) промени.
Ова се наведува во документот заклучоци што го издаде Европскиот совет, со формален наслов: „Украина, проширувањето и реформите“
Постојат и други заклучоци, но тие произлегоа од самитот ЕУ-Западен Балкан, како и заклучоци од Советот за општи работи – ГАК, каде што, пак, покрај Уставот се нотира и успешното завршување на скрининг процесот што траеше повеќе од една година, ама повторно и таму како основна причина е наведен Уставот.
Според тоа, наведувањето на состојбата со корупцијата како причина за незапочнување на преговорите со ЕУ за членство е спин од страна на ВМРО-ДПМНЕ .
Спинот на СДСМ (и ДУИ) – за сè е виновна опозицијата!
Од друга страна, власта вината за целиот неуспех ја фрла врз опозицијата и тоа е најизразено преку изјават на премиерот Димитар Ковачевски, во која може да се најдат елементи на спин:
Спин: …Можевме да дојдеме и победнички, гласно и јасно да кажеме дека ние продолжуваме со отворање на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ и дека го продолжуваме нашиот евроинтеграциски пат. Но, се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО ДПМНЕ и ЛЕВИЦА.
[Извор: A1 ON.мк – Ковачевски прес;датум – 14.12.2023]
Контраспин: Точни се наводите на премиерот Ковачевски, кој во име на претседател на Влада, но и лидер на владејачка партија вели дека „можевме да дојдеме победнички, гласно и јасно да кажеме дека ние продолжуваме со отворањето поглавја…
И вистина е, дека доколку ВМРО-ДПМНЕ се согласеше да гласа за промената на Уставот, услов преземен од земјата во Преговарачката рамка со ЕУ во 2022 година, Северна Македонија сега ќе имаше договорено формално започнување на преговорите и отворање на кластерот Фундаменти од преговарачкиот процес.
Но, исто така е точно тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ, дека со таквиот чекор преземен од државниот врв во 2022 година – согласување со Преговарачката рамка, каде има поставено услов промена на Устав поради билатералните односи со Бугарија – државниот врв или власта презедоа обврска која навистина не можат да ја исполнат. Што ја докажува грешката на власта што одлуката ја донесоа без поширока консултација со опозицијата и експертската јавност и цивилниот сектор или во неинклузивен процес.
Така што, во ставот на власта изразен преку зборовите на премиерот, сепак има спин, т.е. извртување на вистината. Зашто, точно е тоа дека Уставот не се промени поради противењето на опозицијата – без оглед на неоправданоста, апсурдност и лагата во дел од аргументи што ги дава – ама точно е и тоа дека власта не успеа да го испорача ветеното бидејќи преговарачката рамка беше прифатена без пошироко изграден консензус. Па затоа, дел од вината за вчерашната блокада во Брисел ја носи и власта, со што изјавата на Ковачевски што ја рецензираме може да ја оцениме како изјава со елементи на спин.
Преземено од Вистиномер.мк