Богат опус на културно-образовни содржини годинава нè потсетија на безвременските дела на македонскиот великан, поетот Ацо Шопов, кои се одржаа по повод 100 години од неговото раѓање. Во чест на неговиот роденден, вечерва во Националната опера и балет (НОБ) премиерно ќе биде изведен балетскиот триптих насловен „Молитви на моето тело“. Токму оваа сценска изведба, како што вели за МИА ќерката на Ацо Шопов, Јасмина Шопова, ќе биде најуспешна можна спојница меѓу телото, сликата, музиката и зборот.
Овој балетски триптих, работен по идеја на костимографот Александар Ношпал, се базира на циклусот „Молитви на моето тело“ и е структуиран во три чина – „Раѓање“, „Преплетување“ и „Вознесување“ , кои заедно формираат една органска целина.
Јасмина Шопова, која воедно е преведувач и толкувач на поезијата на нејзиниот татко, но и потпретседател на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, појаснува дека пренесувањето на идејата на балетска сцена да се пренесе делото на Шопов е несекојдневен чин, а врската треба да се побара во човекот, сликата и музиката.
-„Молитвите на моето тело“, според зборовите на самиот автор, „ja содржат идејата на долго и неизводливо патување дo љубовта и барање нова смисла на зборот со која тоа патување нема да ни се стори бесцелно и неостварливо“. Пренесувањето на таа идеја на балетската сцена е само по себе несекојдневен чин, бидејќи главното орудие на поезијата е зборот, а главното орудие на балетот е телото. Која е врската меѓу нив? Веројатно треба да се побара пред сè во Човекот, но и во сликата и во музиката. Но она што е особено интересно во овој проект е фактот што циклусот „Молитви“ е директно поврзан токму со телото и со зборот, појаснува Јасмина Шопова за МИА.
Како што посочи, предизвикот зборот да се „преведе“ во музика и движење на телото е она на кое вечерва ќе одговори креативниот тим од 17 члена кој го создаде балетскиот триптих „Молитви на моето тело“.
-Познавајќи го тимот, убедена сум дека сценската изведба на „Молитвите“ гледана како целина – од драматургијата до сценографијата, преку музиката и изговорените поетски сегменти вградени во неа, кореографијата, костимографијата, филмските интервенции и графичкиот дизајн – ќе биде најуспешна можна спојница меѓу телото, сликата, музиката и зборот, појаснува таа.
Поддршка за одбележувањето на стогодишнината дојде и од УНЕСКО
По повод 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ во текот на целата година иницираше и инспирираше активности, во кои беше вклучена и Јасмина Шопова. Поддршка на активностите даде и Организацијата за образование, наука и култура на ОН – УНЕСКО.
Во рамки на активностите, вчера беше објавена дел од поезијата на Шопов на словенечки јазик, а со ова бројот на книгите од и за нашиот поет, објавени во текот на оваа година, дојде до осум. Од нив четири се објавени во земјата а четири надвор од неа – САД, Полска, Тунис и Словенија , а во подготовка е книга препеви и во Србија.
-Содржините на „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, се многубројни, разновидни и богати. Со вчерашното објавување на избор од поезијата на Шопов на словенечки, бројот на книгите од и за нашиот поет, објавени во текот на оваа година, дојде до осум! Од нив четири се објавени во земјата а четири надвор од неа – САД, Полска, Тунис и Словенија – а во подготовка е книга препеви и во Србија. Кон тоа треба да се додадат уште неколку повеќејазични публикации за Шопов како и антологии на дела инспирирани од неговото творештвото и неговиот лик, во кои земаат учество меѓу другите и ученици, средношколци и студенти, додаде Шопова.
Како што потсети, не смее да се заборави ни периодиката: обемни блокови посветени на Шопов излегоа во странски списанија и весници, како Nuovi Argomenti“, Италија, „Apulée“, Франција, „El Nuevo Herald“, САД, и меѓународни ревии – вклучувајќи ги „Asymptote“ и „The Macedonian P.E.N.“, а во нашата држава речиси не постои литературно списание во кое не се одбележа неговиот јубилеј.
Бројот на настани со кои се чествуваше Шопов е исто така импозантен. Од Париз до Штип, неговиот роден град кој постхумно го прогласи за почесен граѓанин, преку Белград, Битола, Будмпешта, Букурешт, Загреб, Истанбул, Лондон, Љубљана, Охрид, Скопје, Торонто и други, во голем број места кај нас и во светот.
Шопова за МИА вели дека на најразлични и секогаш достојни начини му се оддаде почит на македонскиот класик, а со тоа и на македонскиот јазик, на македонската литература, на македонската култура и, во крајна линија, на македонската нација. Настаните, како што појасни, биле од културен, од педагошки и научен карактер, така што во нив беа инволвирани и многу млади уметници и студенти, што придонесе творештвото на Шопов да се доближи уште повеќе до новите генерации.
Според Шопова, целосната слика за јубилејната година на Шопов е задоволителна, при што потенцира дека државата достојно му се заблагодари за сите негови напори својата земја да ја афирмира во најшироки можни рамки.
-Ова би било најкраткото можно резиме за јубилејната година на Шопов, која се одбележа на национален и на меѓународен план, и која беше медиумски ивонредно покриена, не само во Македонија, туку и во повеќето од споменатите земји, така што целосната слика е повеќе од задоволителна – ќе си дозволам да го употребам зборот величенствена. Во 2023 година, Македонија достојно му се заблагодари на Шопов за сите негови напори својата земја да ја афирмира во најшироки можни рамки, вели Шопова за МИА.
Во однос на позначајните активности кои се одржаа оваа година а кои нè потсетија на важноста на делото на големиот основоположник на македонската современа книжевност, Јасмина Шопова го спомена фактот што ученици од гимназијата „Јосип Броз Тито“ и студенти од Педагошкиот факултет во Битола, или студенти од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, во Скопје, но и учесници на Семинарот за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при УКИМ препејуваа стихови од Шопов на голем број јазици, вклучувајќи го и корејскиот.
-Морам да признаам дека ми е тешто да ги издвојам позначајните од понезначајните активности бидејќи, според мене, фактот што ученици од гимназијата „Јосип Броз Тито“ и студенти од Педагошкиот факултет во Битола, или студенти од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, во Скопје, или пак учесници на Семинарот за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при УКИМ препејуваа стихови од Шопов на голем број јазици, вклучувајќи го и корејскиот (го давам само примерот на „најегзотичниот“, кој е истовремено и мајчиниот јазик на Лоан, еден од четирите правнуци на Ацо Шопов) е исто толку важен колку и фактот дека дваесетмина еминентни професори и културни работници од тринаесет земји и три континенти учествуваа на меѓународниот симпозиум посветен на Шопов во УНЕСКО, на 21 март годинава, потенцира Шопова.
Исто така, како значајна ја потенцираше и целодневната програма во УНЕСКО на Светскиот ден на поезијата, но и 50. јубилејна Меѓународна конференција на МСМЈЛК при УКИМ што се одржа во септември, а на која беа претставени над 20 трудови за Шопов.
-Како најзначајни, ќе ги споменам целодневната програма во УНЕСКО на Светскиот ден на поезијата, Зимска школа во јануари и 56. Летна школа во август, кон кои би сакала да ја додадам и 50. јубилејна Меѓународна конференција на МСМЈЛК при УКИМ што се одржа во септември, на која беа претставени над 20 трудови за Шопов. Би сакала да се потсетиме и на меѓународната конференција која ја организираше Филолошкиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во мај, како и на чествувањето на Шопов на овогодишните Струшки вечери на поезијата во август, чиј главен иницијатор и долгогодишен двигател, но и прв претседател во 1962 година, бил токму нашиот поет. На овогодишниот струшки фестивал беа промовирани книгите „The Long Coming of the Fire = Долго доаѓање на огнот“ (Deep Vellum, Далас), „Z najstarszego i najczystszego światła słonecznego = Од најстара и најчиста сончевина“ (Univeritas, Краков) и „Избор од песните на големиот македонски поет Ацо Шопов“, на арапски (Куќата на поезијата, Керуан, Тунис), информираше Шопова за МИА.
Мултимедијалниот пристап како најсоодветен за ширењето на поетскиот збор
Што се однесува до разновидноста, Јамина Шопова ја потенцираше мултимедијалноста во пристапот кон творештвото на Шопов. Таа потсети и на фактот дека неговата поезија беше „присвоена“ не само од литературната и академската фела, туку и од уметници од најразлични области, како ликовните уметности, анимираниот филм, музиката, балетот.
Во тој контекст, Јасмина Шопова потсети дека покрај поетскиот перформанс во УНЕСКО што се одржа во март и веќе споменатиот балет на НОБ на тема „Молитви на моето тело“, беше поставена и мултимедијалната уметничка изложба „Во пет и седумнаесет“, во рамките на овогодишните „Скопски урбани приказни“ во јули, во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Ова покажа дека истоимениот текст на Шопов за скопскиот земјотрес не изгубил ништо ниту од својата убавина, ниту од својата драматичност, ниту од својата актуелност.
Дека поезијата на Шопов е преводлива на сите можни медиуми, според Јасмина Шопова, покажа и омнибусот четири анимирани песни на Шопов под наслов „Небиднина“, со кој се отвори годинешниов фестивал на европски анимиран филм „Флипбук филм фестивал“ во текот на месец август во Скопје. Неодамна омнибусот го доби и своето прво меѓународно признание – најиновативен анимиран филм на фестивалот „Анимаком” во Билбао, Шпанија.
-На оние кои не успеаја да ги видат филмовите пред тие да тргнат по фестивалските патишта низ светот, им ја препорачувам двојазичната графичка книга „Небиднина – Not-Being“ (Флип бук букс, Скопје), која ги содржи четирите песни од Шопов и цртежи од анимираните филмови. Оваа книга е објавена точно 60 години по оригиналната „Небиднина“ од Шопов, која претставува своевиден судбоносен крстопат во развојот на македонската поезија, вели Шопова.
Несомнено, како држава успеавме да му посветиме доволно внимание и благодарност на македонскиот великан, но иако сме свесни за неговиот ангажман во македонската книжевност, многу малку знаеме во однос на неговата посветеност и животот во кругот на најблиските.
Шопов кажа сè што имаше да каже токму низ поезијата
Јасмина Шопова за МИА појаснува дека широката публика најчсто го познава Шопов како еден од основоположниците на македонската современа книжевност, како автор на „Очи“, „Во тишната“ и „Небиднина“.
Таа потенцира дека содржините на јубилејната 2023 година овозможија тој да ѝ биде претставен и од многу други помалку познати аспекти, односно како ангажиран градител на нашата државност, како општественик кој од најраната младост енергично се борел за признавањето на нашиот идентитет во југословенски, регионални и светски рамки, како неуморен борец за правата на сите народи слободно да го користат својот јазик и да ги остваруваат своите културни права во рамките на еден разнолик но единствен свет, чиј заднички именител е човекот.
-Широката публика имаше, значи, можност да „се запознае“, сто години по неговорото раѓање, со еден голем хуманист, според кого Човекот, без разлика на неговите идеолошки и верски уверувања, бојата на неговата кожа или јазикот на кој се изразува, ја инкарнира најскапоцената вредност во светот. Реков „без разлика на неговите идеолошки и верски уверувања“, но сега морам да внесам барем една битна нијанса. Под „идеолошки убедувања“, Шопов ги подразбирал оние што не му се спротиставуваат на дигнитетот на човекот, а тоа значи дека категорично ги одбивал и ги отфрлал оние идеолошки уверувања кои во себе носат било каква форма на национализам, ксенофобија, расизм или фашизам, додава Јасмина Шопова.
Што се однесува до посветеноста на Ацо Шопов, Јасмина Шопова потенцира дека нејзината мајка, животната сопатничка на Ацо Шопов, Светлана Шопова, неодамна објави книга разговори со Иван Антоновски под наслов „Од онаа страна на Небиндината“ во издание на „Дијалог“, во која на повеќе од 200 страници се присеќава на моменти од неговиот личен, творечки и општествен животот, обелоденувајќи на тој начин непознати или подзаборавени страници од нашата понова историја.
-Не би можела накратко да ги резимирам тие долги и многу интересни разговори, но можам да ги цитирам нејзините последни зборови. На прашањето на Антоновски „Остави ли Шопов аманет? (…) Или и тој е во некоја од песните што останаа само во него…“, Светлана Шопова одговара: „Не, не остави запишан аманет, не би личело тоа на него. И не верувам дека си замина од овој свет со аманет што останал во неговите ненапишани песни. Неговиот аманет се песните што ги напиша за ‘горештиот сон’, за љубовта и неспокојот, за оваа земја ‘изрована од несон и себенаоѓање’, за ‘младоста, мечтите, надежта − она што е вечно во секој човек’.“, објаснува Јасмина Шопова за МИА.
Исто така, таа потсети и на нејзината книга „Песна над песните“. Тоа е прв избор од неговата поезијата во кој неговите размисли за литературата и за општеството, како и критичките осврти кон неговото творештво, се појавуваат како кратки одеци на песните.
-За да се добие покомплетна слика за интимната и творечката личност на татко ми, би ја додала, без лажна скромност, и книгата што јас ја објавив годинава под наслов „Песна над песните“ (Сигмапрес, Скопје). Тоа е прв избор од неговата поезијата во кој неговите размисли за литературата и за општеството, како и критичките осврти кон неговото творештво, се појавуваат како кратки одеци на песните. Неговите искази као и извадоците од анализите на македонските и странски толкувачи отвараат разнострани насоки за читање и толкување на неговата поезија. А Ацо Шопов кажа сè што имаше да каже токму во – со – низ поезијата, објаснува Шопова за МИА.
Бисера Трајковска
Фото: МИА архива/архива на Јасмина Шопова