Трите декади во борбата за името се неправда. Уникатна соседска и меѓународна неправда. Но, потсетија и соговорниците во спомнатото ТВ интервју, дека на нашиве инаетџии, а во контекст на спорот, поранешната американската државна секретарка Кондолиза Рајс им рекла дека ништо никогаш не е вечно
Пишува: Зофран ИВАНОВ
Поради одредени неточности на овие редови ме поттикна синоќешното телевизиското интервју на претседателот на државата за Канал 5 телевизија. Практично, дебатниот едночасовен амбиент со непримерно наметлива полемика на водителот спрема соговорникот и претпоставките, повеќе импресиите, искажани од соговорниците, според кои македонската дипломатија низ годините, во спорот со Грција, испуштила многу шанси да извлече поповолен резултат од овој со Преспанскиот.
Сепак, мислам дека за оваа сè уште премногу чувствително прашање е нужен поскромен, пореален, а со тоа и пообјективен пристап. Оттука, ова е само скромен (можеби и субјективен) обид за малку поголем исчекор кон реалното на темава.
Имено, факт е – впрочем, никој никогаш до сега тоа не го одрекол ниту пак материјално го аргументирал – дека во спорот со Грација за нашето име, земјава некогаш имала подобар и за нас поприфатлив предлог.
Тоа реално не се случило никогаш. Никогаш Македонија во спорот за името со Грција немала подобар предлог од ова сегашното, веќе уставно. Никогаш. Сите варијанти предложени од грчката страна секогаш биле „ерга омнес“. Секогаш.
Во ‘92-та во Лисабон, тогашниот Европски Совет, сегашната Европска Унија, дури и целото име ни го избриша, Македонија, па нешто покасно за во ООН, со помош на Американците, ни беше вратено барем она утешителното, уставно за по дома. За надвор пак, под влијание на моќната грчка дипломатија и на нејзините традиционални влијателни поддржувачи, нè почестија не само со ФИРОМ, туку и со две обврзувачки резолуции, чија примарна цел беше Македонија да го адаптира своето државно име во дослух со и по волја на Грција. Значи ФИРОМ за колку, толку идентитетски да не заталкаме како ничија земја, туку да сме барем прибрана држава под закрила на генералната меѓународна асамблеја. Сè друго се само клевети, фалби, приказни и политички поени.
Нашите предлози за нашето име за надворешна употреба се влечкаа цели две и пол децении и не мина ниту еден. Повремено ќе излеташе некоја оптимистичка формулација од влијателни светски или грчки дипломати, но никогаш, ама баш никогаш, грчката дипломатија не покажала некаков сигнал на добродушност и разбирање за нас. Ниту пак нејзините меѓународни пријатели, вклучително и од ООН именуваните посредници Сајрус Венс и Метју Нимиц кои, освен во своите приватни тефтерчиња, ниту еден од мноштвото свои идеи и предлози не ги ставија на ниту еден службен документ макар во некаква работна верзија, а камоли да го сторат тоа со потпис и печат од нивна страна, па уште на некаква таква конкретност да ја навлечат и грчката дипломатија.
Идентично и во Букурешт, на НАТО самитот во април 2008-та. И таму се отиде со предлог-флуид форсиран од наша страна, а премолчуван од грчка. Тоа што кај нас се пропагираше име само за надворешна, кај нашите јужен сосед се преведуваше како ерга омнес. Но, тоа ехо овде не звучеше убаво за домашните популистички политички уши.
Впрочем, сè до Преспанскиот, кој на темава е единствениот формално правен документ, Македонија никогаш не беше во можност да одбие било каков материјализиран предлог. Ова од проста причина што ниту еден од мноштвото кои само вербално или само како некакви нон-пејпери непотпишани од никого и незаверени никаде, се тркалаа во дипломатските кругови, во политичките и во јавноста, не беше службен документ. Не се појави акт за кој Грција дала виза. Ниту еден. Секое тврдење дека нештата се одвивале поинаку е само обична историска фантастика.
Да скратам, трите декади во борбата за името се неправда. Уникатна соседска и меѓународна неправда. Но, потсетија и соговорниците во спомнатото ТВ интервју, дека на нашиве инаетџии, а во контекст на спорот, поранешната американската државна секретарка Кондолиза Рајс им рекла дека ништо никогаш не е вечно.
Па, ете, бидејќи тоа е несоборлив факт, ајде и малку оптимизам во насока на некои идни поскорешни или подалечни случувања. Во некаква нова пост воено катаклизмична реорганизација на светот, на пример, по некоја евентуална трета е можно некоја нова и со поинакво име ООН. И во такви некакви нови меѓународни околности, можеби би ѕирнал зрак надеж името да ни го вратат.
Ова, секако, доколку би имало кому да го вратат. (ЦивилМедиа)