Противењето на Орбан за потенцијалното членство на Украина во ЕУ наликува на неговата конфронтација со Брисел за миграцијата во 2015 година. Но овој пат стратегијата пропадна и тој сега е поизолиран од порано
Пишува: Иван КРАСТЕВ*
„Има еден човек – Виктор Орбан – дали некој воопшто слушнал за него?“, праша Доналд Трамп на еден од неговите неодамнешни митинзи, мислејќи на унгарскиот премиер. „Тој е веројатно еден од најсилните лидери во светот. Тој е лидер на Турција“.
Лапсусот на Трамп предизвика потсмев, но на чуден начин тој беше во право. Амбициите на унгарскиот лидер се многу подалеку од владеењето со земја со 10 милиони жители. Орбан сака да биде лидер на новата Европа. Оваа желба беше јасно видена во пред две недели во Брисел.
Пред последниот самит на лидерите на ЕУ имаше зголемена загриженост дека Орбан ќе стави вето на отворањето на пристапните преговори со Украина, иако ќе се согласи да гласа за буџетот на ЕУ, кој вклучува пакет помош од 50 милијарди евра за Киев. На крајот се случи спротивното.
По агресивниот испад против Киев, Орбан ја напушти просторијата каде што се одлучуваше за проширувањето на ЕУ. Ова овозможи едногласност на Европскиот совет. Неколку часа подоцна, тој стави вето на усвојувањето на бараната буџетска поддршка за Украина.
Иако самитот беше уште една демонстрација на изолацијата на унгарскиот премиер, тој исто така покажа дека иако Орбан повремено сака да ја напушти просторијата, тој нема амбиции да ја напушти ЕУ. И ако ЕУ не може да го реши својот проблем со Орбан, ризикот од дополнителна фрагментација и политичка парализа расте. Крајно време е европските лидери да ја препрочитаат историјата на падот на Хабсбуршката империја и клучната улога што ја одиграа Унгарците во него.
Европските лидери сега погрешно го толкуваат Орбан како што погрешно го читаат рускиот претседател Владимир Путин во 2022 година. Тие претпоставија дека тврдокорните позиции на Орбан во суштина се преговарачка стратегија – начин да се извлечат повеќе пари од Брисел. Но, овој пат не се работеше првенствено за пари, туку за идниот облик на ЕУ.
Орбан ја гледа 2024 година како револуционерен момент кога комбинација на фактори може да ја промени траекторијата на Европа. По една деценија кризи, Европејците се деморализирани и недоверливи кон своите влади. Екстремната десница е во подем. Миграцијата повторно е на врвот на политичката агенда. Неуспехот на украинската контраофанзива ги подгреа сомнежите дека Киев ќе може да ја врати територијата окупирана од Русија.
Унгарскиот премиер се надева дека ќе ја искористи лидерската криза во ЕУ. Неговиот трик изгледа рационален, бидејќи Урсула фон дер Лајен е при крај на својот мандат како претседател на Европската комисија, а Германија е парализирана од ригидноста на нејзината институционална култура. Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон претрпе голем политички пораз кога неговиот предлог-закон за миграција беше отфрлен во парламентот. Што се однесува до традиционално клучните француско-германски односи, тие се претворија во токсичен коктел на нервирање и депресија.
Вообичаено е политичарите да повторуваат одлуки што им донеле успех претходно. Противењето на Орбан за потенцијалното членство на Украина во ЕУ наликува на неговата конфронтација со Брисел за миграцијата во 2015 година. Но овој пат стратегијата пропадна и тој сега е поизолиран од порано. Се покажа како погрешна пресметката дека источноевропските лидери ќе се плашат оти ќе им се намалат средствата поради Украина, а оние од Западна Европа ќе одбијат да интегрираат уште една голема земја од истокот.
Клучно е да се разберат причините за поразот на Орбан. Европските лидери разбираат дека блокирањето на патот на Украина кон ЕУ би била симболична победа за Путин. Само силните безбедносни гаранции и ветената европска иднина би можеле да ги убедат Украинците да прифатат територијални отстапки во одреден момент.
Парадоксално, фактот што некои од идеолошките сојузници на Орбан од десницата сега се во владата го ослабна неговиот став да зборува за народот против елитите. Лидерите како италијанскиот премиер Џорџа Мелони се обидуваат да го зголемат своето влијание во ЕУ покажувајќи подготвеност да соработуваат со блокот, наместо да го парализираат.
Махинациите на Орбан се совпаднаа и со враќањето на Доналд Туск на функцијата премиер на Полска. Ова е уште една лоша вест за Орбан. Присуството на Туск значи дека унгарскиот лидер повеќе не може да тврди дека зборува во име на Источна Европа и го потсетува на сопствената политичка ранливост. Многу аналитичари го гледаа поразот на сојузниците на Орбан од партијата Право и правда на неодамнешните избори во Полска како пораз на самиот Орбан.
Во неодамна објавената книга за стратешките приоритети на унгарската влада, истоименикот и близок советник на унгарскиот премиер, Балаш Орбан, ја опишува омилената стратегија на Будимпешта како „хусарски рез“. Историски гледано, задачата на хусарите била да нападнат први, обично против многу посилен непријател. Нивниот успех, тврди Балаш Орбан, зависел од идеалната можност за таква тактика. Во спротивно, побројниот противник на крајот ќе ги сомеле. Токму тоа се случи во Брисел пред две недели. Но, сè уште не е јасно дали неуспехот на „хусарскиот рез“ на Орбан беше привремен или траен.
*Иван Крастев е претседател на Центарот за либерални стратегии од Софија и постојан соработник на Институтот за хуманистички студии во Виена. Текстот е првично објавен во „Фајненшел тајмс“. (Независен)