Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Проектот INTER SPEM ET METUM, (Помеѓу надеж и страв) на Славица Јанешлиева на 60. ликовна сесија на Венециското биенале 2024

„Ни претставува особена чест и задоволство да Ве информираме дека и овој пат, довербата да бидеме носители на националното знаме на престижната манифестација со 120 годишна историја La Biennale di Venezia, ни беше доделена нам како институција по 9 пат. На 60. ликовна сесија на Венециското биенале 2024, Република Северна Македонија ќе биде претставена со проектот INTER SPEM ET METUM, (Помеѓу надеж и страв/Between hope and fear), на нашата уметничка Славица Јанешлиева. Комесар на проектот е д-р Дита Старова Ќерими, директор на НУ Национална галерија на Република Северна Македонија, а куратор е д-р Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија на Република Северна Македонија. Локација на павилјонот е истата како и последните две сесии на 59. ликовната изложба, како и на последното архитектонско издание, т.е. Scuola dei Laneri, кое се наоѓа на одлична и прометна локација Santa Croce 131 A.“, велат од Националната галерија.

Овогодинешната тема на 60. едиција на традиционалното, престижно Венециско Биенале, во дисциплината ликовна уметност е „Странци насекаде“ или STRANIERI OVUNQUE – FOREIGNERS EVERYWHERE, под кураторство на Адриано Педроса. Како што вели самиот куратор концептот се однесува на глобалната состојба која се карактеризира со бројни кризи поврзани со движењето на поединци низ земји, нации, територии и граници. Овие кризи ги истакнуваат опасностите и предизвиците поврзани со јазикот, преводот и етничката припадност и ги откриваат варијациите и нееднаквостите под влијание на фактори како што се идентитетот, националноста, расата, полот, сексуалноста, богатството и слободата.

Краток опис на проектот

Концептот INTER SPEM ET METUM кој го развива Славица Јанешлиева преку својот контекстуално-визуелен паноптикум тргнува од едноставната детска бајка на Ханс Кристијан Андерсен „Грдото пајче“ од 1844, која колку е важна за правилен развој на детската психологија, како една од првите морални приказни од детството, толку е круцијална и во развивање на свеста кај возрасните за сопствените капацитети, вредности и посебности. Позната низ целиот свет, па дури и често користена за учење на странскиот јазик на имигранти кои се доселуваат во друга земја. Приказната „Грдото пајче“ уште од детство не соочува со другоста/различноста, со чувството да си странец. Односно со прифаќањето или неприфаќањето на различните. Без разлика дали различноста е полот, изгледот, појавата, однесувањето, болест, националност, религија, јазик, политичко убедување… Дали се раѓаме со свест за националност, религија, јазик?

Зарем ова не е идеалот кон кој сите се стремиме кога е мултидимензионално убавината во прашање? Сите ние имаме грди делови со кои треба да се соочиме повторно и повторно. Сите ние во еден или друг момент се чувствуваме сами во светот. Тогаш еден ден не излегуваме толку убави однадвор, туку почнуваме да зрачиме со чувство на припадност одвнатре. Сфаќаме дека има место за нас на оваа планета, место кое цело време чекало на нас. Гледаме дека нашите стравови не се ништо друго освен сенки.

Оваа концептуална матрица сосема адекватно го допира идијосинкретизмот на СТРАНЕЦОТ насекаде, во мене, во тебе, во нив, во нас.

Претходните претставувања:

1997 – 47. Биенале во Венеција, „Македонија пред Ѓото – Македонија денес“, Анета Светиева;

2001 – 49. Биенале во Венеција, „Ноќни визии“, Јован Шумковски;

2003 – 50. Биенале во Венеција, „Интегрализми“, Жанета Вангели;

2009 – 53. Биенале во Венеција, „50 или 50“, Гоце Наневски;

2011 – 54. Биенале во Венеција, „Досие – Шлепер“, Колектив „Зеро“;

2013 – 55. Биенале во Венеција, “Silentio Patologia”, Елпида Хаџи Василева;

2015 – 56. Биенале во Венеција, „Ние сите сме сами во ова“, Христина Иваноска и Јане Чаловски;

2022 – 59. Биенале во Венеција, “Landscape Experience“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска.

Зачлени се на нашиот е-билтен