Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Година за позитивен историски пресврт или уште една година на пропуштени можности

Ренесансата во македонско-бугарските односи е на дофат, но неопходна е добра намера, храброст и вешта навигација од двете страни

Пишува: Тони ПОПОВСКИ

Остварувањето на заложбата од насловот на колумната за предуслов има остварување на национално единство. Впрочем и не случајно, националното единство е содржано во вториот дел од името на најмасовната македонска политичка партија која има неповторлива можност истото да го демонстрира на начин што ќе даде одлучен придонес за заштита на државниот и национален интерес на Македонците и на другите делови од народи во нашата заедничка Република.

Во што се состои можноста за позитивен историски пресврт? Кус одговор би бил во надминување на неколку клучни табуа. Но дека тоа не е едноставно, сведочат низа години на пропуштени можности.

Неопходно е национално единство за носење на уставните измени. Со нив, конечно и решително ќе исчекориме во преговорите за пристапување кон Европската Унија, со реална перспектива да се зачлениме за седум години отсега. Доколку сме подготвени да си ја завршиме домашната задача, преговорите неминовно ќе резултираат со позитивна внатрешна трансформација на јавниот сектор и поврзаните услуги бидејќи процесот е заснован на детални патокази со одредници за реализирање на реформи кои неоправдано ги забавуваме или одлагаме веќе долго време. Низ преговорите, најефикасно ќе се адресираат лукративно – коруптивните врски помеѓу државата, приватниот сектор и судството, и ќе се превенираат дополнителни последици, бидејќи тоа е суштинската одредница за наш напредок, а истата зависи само од нас.

Процесот на преговори е алтернатива на дефицитот на spiritus movens – духот во нас кој придвижува. Придвижувајќи се кон ЕУ заедно со целосно посветената Албанија и Црна Гора која е регионалната локомотива во моментов, неминовно ќе го придвижиме Западниот Балкан кон ЕУ. Нашето придвижување ќе осигура синхронизиран напредок со тој на Украина и Молдавија, и изодување на тој пат низ меѓусебно охрабрување и несебично помагање. На овој начин и со целосна посветеност, ќе придонесеме за враќање на ентузијазмот за проширување на Унијата како и на довербата на уморната и скептична европска јавност. На регионот му треба успешна приказна, наспроти понатамошно заглавување во етно-центрични популистичи проекти. Од друга страна, на прогресивниот дел од Европската Унија во година на избори и стратешки одлуки, неопходни му се успешни приказни за поодлучна внатрешна консолидација околу вредностите на либералната демократија.

Нема вистинска причина да стравуваме од опструкции доколку нашата домашна реформска задача ја завршиме на квалитетен начин. Сепак, доколку некој се обиде да не блокира од причини неповрзани со европското право и стандарди, ќе се спротивставиме таму каде е место да се изложат аргументите и нашата одбрана, а тоа е втората бриселска маса после таа на НАТО, на која рамноправно седиме, односно Меѓувладината Конференција со ЕУ 27. Тоа не е игра на туѓ или неутрален терен, туку е игра на зеднички терен. Одлуката е на нас, односно дали воопшто сме подготвени да излеземе на терен и да играме на победа. Веќе е извојувана битката за македонскиот јазик со потпишувањето на Договорот за ФРОНТЕКС, а при влез во ЕУ, македонскиот јазик автоматски се превзема како официјален јазик за меѓународна употреба од нашиот Устав, и следствено станува еден од официјалните и рамноправни јазици на ЕУ. Половични решенија наспроти полноправно членство, политички хороскопи и чекање на Годо да донесе подобра преговарачка рамка, не оди во прилог на нашиот национален интерес.  Членството во ЕУ е на дофат, но неопходна е храброст, резон и вешта навигација.

Поврзано со претходното, неопходно е национално единство за да ги поставиме односите со Бугарија на здрава, продуктивна и одржлива основа. Најкус пат до таа цел е целосно меѓусебно прифаќање и уважување на сите оние кои имаат македонска свест, кај нас, во Бугарија и во дијаспората, без оглед на примарното, рамномерното дуално или секундарното етничкото определување во сопствениот интимен простор. Историските околности го имаат разделено нашиот народ, чии делови се вклопени како значајни супстрати во соседните нации.

Ова особено се однесува на Бугарија каде бројот на етничките Бугари по потекло од различни делови на географска Македонија е особено значаен и пропорционално е значајно нивното влијание врз политичките одлуки со децении наназад. Патот кон искрено пријателство и добрососедство не е можно да се изгради без емоционално помирување меѓу луѓето кои потекнуваме од Македонија. Минатото но и сегашноста која е обременета со витални и сами по себе анахрони – етноцентрични доктрини кои ги одликува упорност и на моменти фанатични обиди за проектирање на сопствениот идентитет врз другиот и поинаквиот, треба да го замениме со иднина на меѓусебно прифаќање и почитување, и тоа такви какви што се чувствуваме и определуваме, без остаток и предрасуди. Неодговорно е да им ги пренесеме овие децениски непродуктивни недоразбирања на новите генерации етнички Македонци и Бугари. Неопходни се позитивни гестови на двете страни и приоритетен поглед кон заедничката иднина во ЕУ, наспроти минатото. Ренесансата во македонско-бугарските односи е на дофат, но неопходна е добра намера, храброст и вешта навигација од двете страни.

Во пресрет на големиот христијански празник Божиќ – денот на Христовото раѓање, вистински момент е да се навратиме и на потребата од единство на православните верници кај нас и во рамки на водството на МПЦ-ОА, а со цел да се овозможи целосна и недвосмислена афтокефалност и ефективно интегрирање на  нашата црква во соборното семејство на православни цркви, на рамноправна основа. Голем историски исчекор е направен со прекинот на децениската изолација и воспоставувањето на канонското единство со другите православни цркви, но согласно со  воспоставениот ред и канонски правила претстои завршниот чин на доделување на томос за афтокефалност од страна на  Вселенскиот Патријарх. За да тоа се случи, треба да се изнајде одржливо решение за именување на нашата црква кое ќе биде пошироко прифатливо, покрај решавање на неколку други, претежно организациски прашања. Одлуката на Вселенскиот Патријарх да ја прими нашата црква во канонско единство најдиректно ја зајакнува нашата државност, а поддршката за именување на нашата црква како Охридска архиепископија е јасна потврда за континуитетот на вековните христијански традиции на населението на нашата територија.

На овој пробив се надоврзува и минатогодишната заедничка богослужба на Архиепископот Стефан и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, на македонски јазик како клучна детерминанта на македонскиот етнички идентитет. Решението не е во прифаќање на полу-томоси и ставање на недокрај решени прашања во наводници односно под црковниот тепих на неодредено, односно во одлагање на потрагата по рационално решение. Решението е на дофат доколку се следат низа примери на именување на црквата со уставното име на државата, дел од нив и во поблиското или подалечното соседство. Охридска Архиепископија – Православна Црква на Северна Македонија е можно решение за уникатна – единствена православна црква под тоа име со предоминантна заедница на верници – етнички Македонци, решение кое истовремено ќе обезбеди уживање на благодетите од целосното интегрирање во заедницата на православни цркви и ќе создаде можност за наше директно влијание врз црковните но и други поврзани политики. За да тоа се случи, како и претходно,  неопходна е добра намера, придвиженост од резон, храброст и вешта навигација.

Изборот и одговорноста се првенствено наши. Или ќе одлучиме да продолжиме да живееме со табуа и пропуштени можности во надеж за подобри околности, или ќе бидеме доволно мудри, храбри и рационални да извлечеме максимум за етничките Македонци и деловите од другите народи кај нас, под овие околности.

Треба да знаете
Moже да ве интересира