Денеска во 21 часот во Котур ќе се одржи концертна промоција на деби албумот на составот „Строг пост“. Албумот воедно е и прв албум на новото музичко издаваштво на „Аксиома“, асоцијација која организира интердисциплинарни и мултиуметнички настани и проекти.
„Строг пост“ е трио составено од Филип Букршлиев (гитара/синтисајзер), Дени Омерагиќ (бас гитара) и Кристијан Новковски (тапани). Албумот кој го имаат подготвено, чиј извршен продуцент е Вангел Ноневски од „Аксиома“, осцилира на честопати невидливите граници помеѓу жанрови стонер рок, психоделичен рок, дум метал, пост рок, џез, амбиент и многу други.
Инаку, посебно или заедно, Букршлиев, Омерагиќ и Новковски свират и во Светлост, Taxi Consilium, Fighting Windmills, The Local Blue, групите на Јордан Костов, Филип Букршлиев трио, Palindrom и којзнае уште колку други неформални состави и фри-импров и џем сесии во скопските клубови.
Во 2021 година, Филип Букршлиев ја доби наградата „Најдобар млад џез музичар“ од светски реномираниот Скопски џез фестивал. Во 2019 година, Svetlost Odron Ritual Orchestra, во кој членуваат Омерагиќ и Новковски, го издадоа нивниот деби албум, кој подоцна беше избран од познатата музичка платформа Bandcamp меѓу најдобрите 15 џез албуми на светско ниво. Деби албумот на Taxi Consilium, ноар-џез составот на Букршлиев, слично беше избран од Bandcamp меѓу најдобрите џез албуми за месец мај 2021 година.
„Аксиома“, пак, е асоцијација за културна соработка и истражување, која организира интердисциплинарни и мултиуметнички настани/проекти, организира изложби и работилници за млади, издава книги од областите на современата естетика, ремикс културата, критичките теории и, како што велат тие, потајно навива современата авангардна музика да стане идеја-водилка на сите уметности.