Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Како ЕУ ја промени Хрватска?*

Ништо не функционира толку ефективно проевропски како влезот во ЕУ. И ништо не го разгорува антиевропското расположение како бескрајното чекање.

Дејан ЈОВИЌ**

Хрватска на 1 јули ја одбележа, а може да се каже и ја прослави десетгодишнината од влезот во Европската унија. Тоа беше добра можност да се истакнат позитивните и негативните страни на тој настан, што го направија и власта и опозицијата.

По тој повод, поранешниот (првиот) хрватски комесар во Европската комисија, Невен Мимица, изјави дека влезот во ЕУ е фаќање на „последниот вагон од последниот воз“ на пат кон Брисел. Хрватска отсекогаш се залагаше за индивидуален пристап и паничеше поради „групирање“ со другите земји од Западен Балкан, верувајќи дека таквото групирање ќе ја забави или дури и целосно ќе ја спречи. Од денешна перспектива, кога навистина гледаме дека ниту една земја не влезе во Унијата по 2013 година – можеме да кажеме дека таквата одлука имаше смисла, барем што се однесува до самата Хрватска. Тоа не беше добро за регионот, ниту за ЕУ, но беше добро за самата Хрватска. Во неа денес на тоа влегување се гледа како на правилна одлука, за која, сепак, беше потребно да се „проголтаат“ голем број „жаби“, да се употреби фраза изговорена од Зоран Ѓинѓиќ во поинаков контекст. Една од нив беше непопуларното прифаќање на меѓународната арбитража со Словенија, што го блокираше завршувањето на преговорите десет месеци во 2008 и 2009 година. Хрватска ја прифати арбитражата затоа што мораше, а потоа ја искористи првата можност да излезе од неа. Имаше повеќе вакви непопуларни мерки.

Во Хрватска се сака да се каже дека со влезот во НАТО и ЕУ, земјата ја постигна својата последна голема цел. Претходните две, постигнувањето меѓународно признавање и реинтеграцијата на територијата, беа постигнати во деведесеттите. Но, тогаш – поради скептицизмот на тогашниот претседател Фрањо Туѓман кон ЕУ, која ја сметаше за премногу слична на Југославија и премногу либерална, и поради недоволната соработка со Хашкиот суд и со самата ЕУ – дојде до застој. Поради зголемениот авторитаризам во земјата, поради прекумерниот национализам во непосредните години по војната, а потоа и поради отфрлањето на регионалната соработка и отфрлањето на терминот „Западен Балкан“, Хрватска не успеа да влезе во Унијата не само со десетте земји кои ѝ се приклучија во 2004 година, туку и со Бугарија и Романија во 2007 година. Ова последниво беше особено лошо примено во Хрватска. Многу Хрвати од високо гледаа на тие две земји (иако не знаеја многу за нив), сметајќи дека е неправедно што ја „прескокнаа“ Хрватска. На почетокот на оваа година – кога влезе во Шенген зоната, а Романија и Бугарија не – се врати чувството дека е вратено „мило за драго“.

И главните медиуми потенцираа дека десетгодишното членство во ЕУ било многу успешно. Во специјалното издание на „Вечерњи лист“ објавено по тој повод, беше посочено дека Хрватска само од 2020 до 2026 година добила – или треба да добие – повеќе од 20 милијарди евра неповратна финансиска поддршка од европските фондови. Тоа е 36 отсто од нејзиниот БДП во 2019 година. Особено големи средства беа издвоени за обнова на регионите погодени од земјотресот. Пред десет години хрватскиот бруто домашен производ по жител беше 59, а сега е 73 отсто од просекот на целата Унија. (Додуша, за тоа придонесе и помалиот број жители на кои се дели овој БДП). Владата на Андреј Пленковиќ вети – а тоа беше истакнато како можеби недостижна цел кога ХДЗ повторно победи на изборите во 2020 година – дека до 2030 година Хрватска ќе достигне до 75 проценти од европскиот просек. Се чини дека тие очекувања ќе бидат надминати. Пленковиќ и неговата ХДЗ следната година ќе ја градат својата изборна кампања на ова, со надеж дека ќе добијат трет последователен мандат, а потоа ќе успеат да го победат Зоран Милановиќ на претседателските избори. Претходно сметаат на добар резултат на европските избори, во јуни следната година.

Економските аналитичари посочуваат дека просечната нето плата годинава е за 40 отсто повисока од 2013 година и покрај економските проблеми што ги донесе пандемијата. Пензиите се зголемени за 36 отсто. Учеството на извозот во вкупната трговија се зголеми од 42 на 55 отсто од националниот производ. Приходите од туризмот се зголемија од седум на 13 милијарди евра годишно, но порасна и извозот на стоки, од 10 на 24 милијарди евра. Дури 70 отсто од јавните инвестиции во Хрватска се финансираат со пари од европските фондови, а земјава од ЕУ добила 10,7 милијарди евра повеќе отколку што ѝ платила на Европската унија во овие десет години.

Ништо не ги поттикнува толку антиевропските чувства како бескрајното чекање…

Сето ова му овозможи на премиерот Пленковиќ, кој ја гледа европската ориентација на Хрватска во голема мера како своја заслуга, да заклучи дека во неговиот сега седумгодишен мандат се случи голема и неповратна трансформација. Еден од неговите пратеници, Иво Давор Штиер, неодамна објави есеј/книга „Излез од периферијата“, во која го идентификува „преместувањето од периферијата до јадрото на Европската унија“ како следната голема национална цел. Пленковиќ, кој е многу популарен во европските партии со конзервативна ориентација – и кој имаше активна улога во процесот на избор на Урсула фон дер Лајен за претседател на Комисијата – веројатно се гледа себеси како можен кандидат за една од водечките позиции во Унијата, можеби веќе по европските избори во 2024 година.

Западните дипломати во Загреб шпекулираат дека тој, доколку сака, може да стане или комесар за надворешна политика или дури и претседател на Европскиот совет. Со оглед на тоа што Хрватска веќе има поранешна министерка за надворешни работи, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, на позицијата генерален секретар на друга важна европска организација – Советот на Европа, заземањето на уште една важна европска функција треба да овозможи понатамошна трансформација на Хрватска како мала земја во „мала сила“. Мала сила е, зборувајќи со политиколошки речник, мала земја која има поголемо влијание отколку што би се очекувало од нејзината големина, население или економска сила. Не треба да заборавиме, имено, дека денес Хрватска сочинува помалку од еден процент од вкупното население на ЕУ, а само 0,42 отсто од вкупниот европски БДП.

Од друга страна, оваа годишнина беше искористена и за укажување на некои (донекаде) негативни процеси кои можат да бидат последица на членството во Унијата. Ова се однесува, пред сè, на демографските движења. За овие десет години земјата загуби околу 400.000 жители, десет отсто од она што го имаше пред влезот во ЕУ. Посебно заминуваат луѓето од посиромашните региони, особено од Славонија. Разликите во развојот помеѓу богатиот Јадран (кој живее од позиционираните рентиа, изнајмување имот на Јадранот или користење други предности на туризмот) и посиромашниот исток се зголемуваат, па многумина се иселуваат од областите каде што би било најпотребно да се остане. Делумно поради ова, невработеноста падна под 100.000, што е рекордно ниско ниво. Дознаките од странство, главно од хрватските работници кои работат надвор од земјата, се зголемија и достигнаа дури 4,25 милијарди евра во 2021 година, односно седум отсто од БДП. Владата, но и граѓаните се особено загрижени поради заминувањето на лекарите. Претседателот на Лекарската комора на Хрватска, Крешимир Луетиќ, неодамна објави дека за десетгодишното членство во Унијата, Хрватска ја напуштиле 1.141 лекар, а уште 856 од нив ги побарале документите потребни за заминување. Владата неодамна се согласи на големо зголемување на платите за лекарите, медицинските сестри и техничарите за да спречи понатамошно иселување.

Овој тренд не е специфичен само за Хрватска. Како што рече пред неколку години Душан Рељиќ, одличен познавач на европските и балканските услови, од моментот на влезот во Европската унија до 2020 година, од новите земји членки се иселиле вкупно над 24 милиони жители. Најразвиените и најголемите економии во ЕУ профитираа од овие миграции, додека земјите од поранешниот Исток изгубија – барем привремено – млади луѓе. Штиер и Пленковиќ можат да сонуваат, па дури и да планираат Хрватска да се приближи кон центарот, но сегашниот центар е тој што дополнително ги зајакнува своите капацитети, на сметка на сегашната (полу)периферија.

Поради заминувањето на младите – кои заминуваат со семејствата, а веќе не поединечно како работници на привремена работа во странство кои заминуваа во социјалистичката ера – населението старее, па така (наведува Дијана Јурасиќ во својата анализа објавена во „Вечерњи лист“) оние помлади од 14 години сочинуваат само 14,3 отсто од населението, додека оние над 65 години сочинуваат една четвртина. Не е невообичаено што токму Хрватска во Европската комисија го доби ресорот за демографија, кој го држи потпретседателката Дубравка Шуица. Сепак, таа сè уште не покажала појасна визија за решавање на ова прашање.

Можеби решението е во отворање на границите за странските работници, странскиот капитал и студентите. Откако влезе во ЕУ, а особено во последните неколку години, Хрватска стана атрактивна како дестинација за имиграција. Во последните две години, за прв пат, повеќе луѓе се доселиле во Хрватска отколку што заминале од неа. Хрватска во 2022 година издала 124.000 дозволи за престој и работа на странци, а оваа година се проценува дека оваа бројка ќе биде уште поголема – меѓу 180.000 и 200.000. Покрај тоа, странците купија околу 100.000 имоти во Хрватска – главно долж брегот – од кои 30.000 во последните три години. Економската аналитичарка Љубица Гатариќ неодамна објави дека денеска во Хрватска се регистрирани околу седум илјади компании во странска сопственост, во кои се вработени една петтина од оние кои работат.

Денеска во земјава нема сериозни политички партии и групи кои бараат некоја хрватска варијанта на „Брегзит“, некој „Хрегзит“. Одвреме навреме претседателот на Републиката, Зоран Милановиќ, кажува критички збор за Брисел

Поради населувањето на работници од подалечните региони, се создаде впечаток дека поголемите градови и места – особено на брегот – денес се повеќе мултикултурни и нешто повеќе космополитски отколку што беа до неодамна. Веќе не е невообичаено оние кои работат, особено во услужните индустрии, да зборуваат само англиски. Дури и во помалите градови покрај брегот – и на островите – можно е да се сретнете со странски семејства кои се преселиле и живеат таму.

Сето ова, навистина, значително ја промени Хрватска – најмногу на подобро. Иако граѓаните сè уште упорно тврдат (во анкетите на јавното мислење) дека земјата оди во лош правец, тоа е само вообичаено фолклорно кукање кое не произведува масовни протести, па дури и промени во гласачкото однесување. Граѓаните велат дека се оди во погрешна насока (само при целосното заклучување за време на пандемијата рекоа дека државата оди во добар правец!), но сепак најмногу гласаат за старите партии, најчесто за ХДЗ – и тоа без разлика на бројните корупциски скандали произведени под нејзино покровителство . Ним не им пречи што ХДЗ е законски осудена за извлекување пари од државни институции и државни фирми.

За голем број граѓани, ХДЗ сè уште има заслужен кредит со постигнување на „сите три главни цели“ опишани на почетокот на овој текст, од кои едната е влез во ЕУ. И без оглед на тоа што Хрватска во времето кога влезе во ЕУ, беше управувана од дуо од Социјалдемократската партија: Зоран Милановиќ како премиер и Иво Јосиповиќ како претседател. Иако сè уште победува, ХДЗ, сепак, веќе ја нема силата што ја имаше порано, па сега мора да коалицира за да остане на власт. Добра околност е што тој последен пат реши да го направи тоа не со десничарските и донекаде антиевропски партии, туку со партиите на националните малцинства, вклучително и со српската. ХДЗ под Пленковиќ бара стратешки партнер во центарот (либералмиот) и би прифатил некој од левицата – но кандидати (засега нема). Накратко, некои промени се случуваат, но постепено и еволутивно.

Поради сето ова, може да се каже дека Хрватска е задоволна што влезе во Унијата. Денеска во неа нема сериозни политички партии и групи кои бараат некоја хрватска варијанта на „Брегзит“, некој „Хрегзит“. Одвреме-навреме претседателот на Републиката, Зоран Милановиќ, кажува некои критички зборови за Брисел, предупредувајќи на опасностите од маргинализација, од тоа дека Хрватска не се сфаќа сериозно, туку да е третирана како неважна земја. Тој силно се противи на можното укинување на правото на вето за малите земји во Унијата. Самиот тој најавуваше дека би сакал да го спречи влезот на Шведска и Финска во НАТО со ставање вето додека Западот не даде посилни гаранции на „конститутивните народи“ во Босна и Херцеговина, но не го стори тоа. Освен него – чија критика кон ЕУ има врска со неговиот анимозитет кон Андреј Пленковиќ, како и со желбата да се истакне и да биде забележан како поинаков од другите – денес како критичари на ЕУ се појавуваат само самопрогласените суверенисти.

Ваквата маргиналност на евроскептичните групи во Хрватска, сепак, е во целосна спротивност со ситуацијата што доминираше во јавното мислење од 2003 до 2012 година. Хрватска, заедно со Словачка, беше најевроскептична од сите земји кандидати. Зборуваме за јавно мислење, а не за политичарите. Евроскептицизмот беше толку голем што во 2010 година хрватскиот парламент, Саборот, го промени уставот, така што веќе не беше задолжително за да важи референдумот на него да треба да излезат повеќе половина од запишаните избирачи. Ако не беше направено тоа, референдумот за влез во ЕУ ќе беше неуспешен. Кога се случи тоа, на 22 јануари 2012 година, на него учествуваа само 43,5 отсто од гласачите. Од нив 66,3 отсто беа за, а 33,1 отсто против влез во ЕУ. Значи, само милион и триста илјади од четири ипол милиони запишани гласачи гласале за влез во ЕУ. Ова е само 29 отсто од вкупниот број гласачи – иако оваа бројка треба да се земе со резерва, бидејќи подоцнежната ревизија на избирачкиот список покажа дека списокот содржи многу повеќе луѓе од реалниот број на гласачи. А сепак, излезноста на референдумот беше сериозен показател дека мнозинството граѓани или немаат став или сметаат дека се е веќе решено на друго место, па ништо не може да се промени. Во некои мои текстови ваквиот став го нареков еврорамнодушност.

Во 2007 година, 56 отсто од граѓаните веруваа дека Хашкиот трибунал „е формиран за да ги казни виновниците за распадот на СФРЈ, да се изедначат агресорите и жртвите и да се прикрие вистинската улога на некои големи сили во војната во поранешна Југославија“

Студениот однос кон Унијата беше резултат на неколку фактори, од кои најважни беа – чувството дека ЕУ (и „колективниот Запад“ воопшто) не се однесува праведно кон Хрватска, дека таа бара премногу од неа (особено во врска со судењата за злосторства извршени во деведесеттите), дека ЕУ не направи ништо за да ја спречи војната во Хрватска во 1991 година, дека е неправедно што Бугарија и Романија ја „прескокнаа“ Хрватска и дека Хрватите ќе живеат полошо кога нивната земја ќе се приклучи на ЕУ. Граѓаните се спротивставија и дека ЕУ дозволува Словенија да ја „уценува“ Хрватска, дека нема рамноправност во ЕУ, а Хрватска, која штотуку се извлече од Југославија, нема потреба да влегува во некој нов неизвесен експеримент. И навистина, беше тешко да се објасни зошто земјата за која нејзините политичари тврдеа дека е создадена по некој „илјадагодишен сон“ за независност, сега брза да отстапи дел од својот суверенитет на други.

Денешното читање на една студија објавена во тоа време, објавена од истражувачи на Факултетот за политички науки во Загреб, ги открива стравовите на голем дел од населението. Ставовите кон ЕУ во Хрватска во 2011 и 2012 година беа многу слични со ставовите на граѓаните на земјите кандидати од Западен Балкан денес.

Во таа студија („Хрватска и Европа: стравови и надежи“, уредена од Иван Шибер, објавена во 2012 година), авторите наведуваат дека веднаш по смртта на Фрањо Туѓман (кој почина во декември 1999 година), дури 75 отсто од граѓаните биле за влегување на земјата во ЕУ. Но поради заострувањето на односите со Хашкиот суд (во врска со судењата на Анте Готовина и на другите), како и поради првите „ултиматуми“ од ЕУ за тоа што смее и што не смее да се прави доколку се сака членство во ЕУ , поддршката за Унијата почна да се намалува во 2004 година, и тоа брзо. Истражувањето на Евробарометар од 2005 година покажа дека во тоа време само 28 отсто од граѓаните имаа позитивен став за ЕУ ​​(во Турција тој процент тогаш беше 61 отсто). Како што можеме да видиме од резултатите од референдумот седум години подоцна, малку беше направено во меѓувреме за да се зголеми поддршката за ЕУ.

Еден од авторите на таа студија, Небојша Блануша, наведува дека граѓаните во тоа време потенцирале две главни причини против влезот на Хрватска во ЕУ. Првиот беше стравот од губење на националниот идентитет. Во 2005 година, 49 отсто од граѓаните сметале дека Хрватите „ќе го изгубат правото на својот јазик“, што само по себе е апсурдно. Многумина стравуваа дека „објективно малата земја ќе го изгуби своето национално признавање и идентитет и дека процесите на глобализација ќе го доведат во прашање опстанокот на нејзиниот јазик и култура“.

Друг сет на стравови беше поврзан со економските процеси. Многумина стравуваа дека отстранувањето на протекционистичките бариери ќе ја „турне“ Хрватска во пазарна конкуренција во која не може да победи, туку само да загуби. Странците ќе купуваат недвижен имот на Јадранот и со тоа ќе станат вистински сопственици на Хрватска. Малите бизниси, особено земјоделските, но и комерцијалните, ќе пропаднат, бидејќи пазарот ќе се отвори за големите трговски синџири. Накратко, Хрватите стравуваа дека ќе живеат полошо, а не подобро, како резултат на влезот во ЕУ. И тоа очекување беше донекаде апсурдно, бидејќи ниту една земја што влезе во ЕУ пред Хрватска не пропадна економски.

Имаше, пишува Блануша, длабок јаз меѓу јавноста и елитата. „Граѓаните, многу повеќе од елитите, гледаат бројни, особено социјални, опасности во ЕУ за потенцијално ранливите групи и за земјата во целина“. Ваквите очекувања „содржат колективен страв кој ги обликува како единствен одговор заснован на националната идеологија, посоодветен за војна отколку за ситуација за евроинтеграција“.

Во тоа време, пред повеќе од десет години, граѓаните на Хрватска генерално веруваа дека Хрватска може – можеби уште побрзо – да се развива самостојно и дека не ѝ треба ЕУ. Тие се противеа на „економската колонијализација“. Во истражувањето спроведено од Ипсос, дури 70 отсто од хрватските граѓани меѓу 2006 и 2010 година изјавиле дека Хрватска е во подредена позиција во преговорите со Европската унија. Според Блануша, тие верувале дека ЕУ непотребно ги отежнува преговорите и имале впечаток дека земјата „залудно се труди“. Особено им пречеше Хашкиот суд. Во 2007 година, 56 отсто од граѓаните веруваа дека Хашкиот трибунал „е формиран за да ги казни одговорните за распадот на СФРЈ, да ги изедначи агресорите и жртвите и да ја прикрие вистинската улога на некои големи сили во војната во поранешна Југославија“. Една година претходно, дури 60 отсто веруваа дека ЕУ сака да ја „турне Хрватска на Балканот“. Во согласност со прилично распространетите теории на заговор (секогаш многу популарни во Хрватска), во 2010 година, 54,4% од граѓаните сметаа дека „ЕУ поставува големи барања од Хрватска и ја пушта Србија без никакви услови“, а 57,1% сметаа дека „ЕУ се обидува да ја изедначи улогата на Хрватска и Србија во Татковинската војна“ (името што се користи во Хрватска за војната од 1990-тите).

Како што можеме да видиме од овие податоци, денес речиси целосно „заборавени“ во Хрватска, но многу присутни (во обратна форма, во кој зборот „Хрватска“ може да се замени со зборовите „Босна и Херцеговина“, „Србија“ и сл.) на други места во регионот, дури и тогаш – пред повеќе од 15 години – постоеше цврсто верување дека ЕУ неоправдано долго време се колеба и дека зад ова одолговлекување се крие зла намера. Хрватите, исто така, сметаа дека ЕУ е еден вид „машина за асимилација“ која ги доведува во прашање националниот идентитет и традиција. Дополнително, мнозинството веруваше дека со влезот во ЕУ ќе живеат полошо. Дури 63 отсто рекле дека разликата меѓу богатите и сиромашните ќе се зголеми, а 53 отсто дека увозната стока ќе го уништи домашното производство. Парадоксално, дури 58 отсто веруваа дека влезот во ЕУ ќе ја зголеми опасноста од тероризам во Хрватска.

Кога ќе се разгледаат овие тогашни стравови од денешна перспектива, може да се каже дека во меѓувреме во голема мера исчезнаа. Од оваа перспектива се чини дека тие очекувања се промашени, да не кажеме и некоја полоша квалификација. Десетгодишното членство во Европската унија горе-долу ги отстрани повеќето од овие стравови од дневниот ред. Мнозинството граѓани денес веруваат дека членството во ЕУ има многу повеќе предности отколку недостатоци. Владата на Андреј Пленковиќ нагласува дека во меѓувреме земјата влезе и во еврозоната и во Шенген зоната, така што денес веќе не е само една од 27-те членки на Унијата, туку една од 15-те земји кои се истовремено во сите четири „големи“ интегративни групи: како членка на ЕУ, НАТО, Шенген и еврозоната. Со ова таа сака да каже дека земјата е позаштитена од кога било досега, а исто така и дека никогаш не била толку влијателна. Оние кои се плашеа за суверенитетот сепак и понатаму понекогаш истакнуваат дека одлуките се „донесуваат во Брисел“. Сепак, малкумина денес тврдат дека земјата го загубила својот суверенитет со влезот во Унијата. Напротив, се чини дека профитираше во економска, политичка и безбедносна смисла токму поради членството во ЕУ (и НАТО). Се покажа, барем така изгледа сега, дека членството во ЕУ, а веројатно и во НАТО, ја зголемува моќта на малите земји, а не ги намалува.

Сепак, како што видовме од хрватскиот пример, тешко е да се објасни пред да се влезе во Унијата. Ако пред околу петнаесет години Хрватска чувствуваше дека предолго чека и дека не ја почитуваат и уважуваат, и ако тоа уште тогаш го хранеше антиевропското расположение во јавното мислење, колку е тогаш тоа сега случај со земјите кои сѐ повеќе чувствуваат дека го чекаат Годо, кој никако да дојде? Ако во случајот со Хрватска доминираа разни конспиративни идеи и „теории“ во толкав сегмент од јавното мислење врз основа на оние „притисоци“ врз таа земја, што може да се каже за моменталната состојба во земјите од регионот, кои се сите изложена на многу поголеми надворешни притисоци отколку што беше Хрватска?

Ништо не функционира толку ефективно проевропски како влезот во ЕУ. И ништо не го разгорува антиевропското расположение како бескрајното чекање.

*Текстот е оригинално објавен во август 2023 година и преобјавен оваа недела.

**(Дејан Јовиќ е политиколог, професор на Факултетот за политички науки во Загреб. Текстот е објавен во магазинот „Велике приче“.)

Зачлени се на нашиот е-билтен