Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Полиграф“: Кој објавува проруски дезинформации за протестите во Белград и шарената револуција?

На 3 јануари 2024 г., порталот „Република“ објави текст со наслов „Eксперт за шарени револуции споредува: Taктиката од Киев се употребува во Белград“.

Во текстот, „Република“ всушност пренесува изјави од интервју со рускиот професор Андреј Викторович Манојло, објавено на рускиот пропаганден канал „РТ Балкан“ на српски јазик на 27 декември 2023 година. Во интервјуто, зборувајќи за опозициските протести, Манојло тврди дека „Во овој случај, сценариото што се развива во Белград е многу слично на класичната обоена револуција што веќе се случи во Србија во 2000 година.“

Но, Манојло не зборува воопшто за „шарена“, туку за „обоена револуција“, односно, порталот „Република“ погрешно го претставува како експерт за „шарени револуции“. Освен тоа, Манојло прави споредби на настани од Србија во 2000 година и во 2023 година, но во насловот не се прави споредба со Србија, туку пропагандно се акцентира дека „Тактиката од Киев се употребува во Белград“.

И неколку дена претходно, на 29 декември 2023 година, порталот „Република“ во насловот „Кристофер Хил: Не поттикнуваме „шарена револуција“ во Србија“ погрешно и тенденциозно го преведуваше изразот „обоена револуција“, искривувајќи ја изјавата на амбасадорот на САД во Србија, кој воопшто не споменува „шарена револуција“.

И проверувачите на факти од „ЕУвсДисинфо“, на 4 јануари 2024 го оценија како дезинформација тврдењето дека „Странски сили се обидоа да поттикнат обоена револуција во Србија“. Според „ЕУвсДисинфо“, станува збор за проруски дезинформациски наратив, со кој популарните протести се врамуваат како обоени револуции предводени од Западот.

Како што објави ИМА во неколку анализи, вакви проруски дезинформациски наративи се користеа и за напади кон опозициските протести во Македонија во 2015 и 2016 година, со неосновани споредби за насилно „Украинско сценарио“, „обоена револуција“ и „македонски Мајдан“.

Наспроти ваквите пропагандни дезинформации, всушност, насилство против институциите и пратениците имаше при обидот за спречување на демократската промена на власта од страна на провладините демонстранти на 27 април 2017.

Затоа, ваквите проруски пропагандни наративи може да се оценат како дезинформации, чија  цел е да се делегитимираат опозициските протести во Белград, но и протестите од „Шарената револуција“ во Македонија, кои придонесоа за демократски промени во земјава.

Зачлени се на нашиот е-билтен