Војната меѓу Израел и Газа им нанесе сериозна штета, често и со фатални последици по новинарите откако Хамас го започна својот невиден напад против Израел на 7 октомври, и Израел објави војна на милитантната палестинска група, започнувајќи со напади врз блокираниот Појас Газа.
Почнувајќи од 18 јануари 2024 година, прелиминарните истраги на Комитетот за заштита на новинарите покажаа дека најмалку 83 новинари и медиумски работници се меѓу повеќе од 25.000 убиени од почетокот на војната на 7 октомври – со повеќе од 24.000 смртни случаи на Палестинци во Газа и на Западниот Брег и 1.200 смртни случаи во Израел.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) изјавија за новинските агенции Ројтерс и Франс прес дека не можат да ја гарантираат безбедноста на нивните новинари кои дејствуваат во Појасот Газа, откако тие побараа гаранции дека нивните новинари нема да бидат цел на израелски напади, објави Ројтерс на 27 октомври.
Новинарите во Газа се соочуваат со особено високи ризици додека се обидуваат да го покриваат конфликтот за време на израелскиот копнен напад, вклучувајќи разурнувачки израелски воздушни напади, прекин на комуникацијата, недостиг на снабдување и големи прекини на електрична енергија.
До денешен датум (18 јануари 2024) потврдена е смртта на 83 новинари и медиумски работници: 76 Палестинци, 4 Израелци и 3 Либанци.
Пријавени се 16 повредени новинари, 3 новинари се пријавени за исчезнати, а уапсени се 25 новинари. Повеќекратни напади, закани, сајбер напади, цензура и убиства на членови на семејствата, се наведува во извештајот на Комитетот.
Комитетот за заштита на новинарите, исто така, истражува бројни непотврдени извештаи за други новинари кои биле убиени, исчезнати, приведени, повредени или загрозени, како и за оштетување на канцелариите на медиумите и домовите на новинарите.
Објавениот список вклучува имиња врз основа на информации добиени од извори на КЗН во регионот и извештаи од медиумите. Ги вклучува сите новинари вклучени во активноста за прибирање вести. Не е јасно дали сите овие новинари го покривале конфликтот во моментот на нивната смрт, но од Комитетот велат дека ги вклучиле во пребројувањето додека во меѓувреме се истражуваат околностите во кои го загубиле животот. Списокот се ажурира на редовна основа.
Подготви: Д. Тахири (ЦивилМедиа)