Во контекст на најновите збиднувања на политичката сцена во Северна Македонија и претстојните настани и посети на високи државни претставници на меѓународната заедница, побаравме коментар од универзитетската професорка и колумнистка, Емилија Целакоска.
На прашањето на ЦИВИЛ МЕДИА, како ја коментира политичката ситуација и влијанието на домашните, регионалните и меѓународните чинители во наредниот период, Целакоска вели дека интерес ќе привлече неофицијалната информација за „нон пејперот“ чие потпишување би значело дека нема да се коалицира со партија која нема јавно да изјави дека во првите 6 месеци од новиот мандат нема да ги направи уставните измени.
„Од сите настани што допрва ќе се случат во врска со нашиот Европски пат (посебно самитот на лидерите на Западен Балкан во недела во Скопје и доаѓањето на Џим О’Брајан и високите претставници од Брисел), специјално е интересна токму неофицијалната информација за барањето на меѓународниот фактор за потпишување на „нон пејпер“ со некој вид ветување дека не би коалицирале (се мисли постизборно) со партијата која нема јавно да изјави дека во првите 6 месеци од новиот мандат нема да ги направи уставните измени“, вели Целакоска.
Таа нагласи дека тоа би значело дека патот до ЕУ веќе не зависи од ВМРО-ДПМНЕ, но треба да се следи и како ќе се одвива предизборното коалицирање.
„Во превод, продолжетокот на Европскиот пат да не зависи повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. Ова може да се нарече и „операционализација“ на проценката на Џејмс О’Брајан за некупувањето ни автомобил од такви луѓе. Се разбира, ДУИ (но и другите партии со етнички предзнак) ќе треба да се од збор и со гаранција, како што и досега се покажаа, како на пример во брзиот одговор на блефот на ВМРО-ДПМНЕ за влегување во Влада со цел да се спроведат потребните Уставни измени – „без ДУИ“ – „Важи, без ДУИ!“, истакана Целаковска.
„Но, сега е комплициран период за аналитиките на партиите, најмногу во однос на коалицирањето. Да се надеваме дека аналитиките на СДСМ се во ред кога пресметале дека ефектот на коалицирање со ДУИ го надминува отпорот на граѓаните кон таква коалиција, но ДУИ веројатно смета дека така премногу се бара од неа врзано да „гарантира“ за Европската иднина. Можеби ДУИ се надева дека ВМРО-ДПМНЕ ќе даде јавна гаранција за промена на Уставот во првите 6 месеци?“, изјави таа.
Сепак, според неа, моменталното „Не“ на ДУИ да влезе во предизборна коалиција најверојатно е барање на други гаранции од проевропските партнери.
„Сегашното несложување на ДУИ за предизборна коалиција со СДСМ е, веројатно момент на барање на други гаранции од своите проевропски партнери, а не дефинитивен став, бидејќи и тие сигурно имаат аналитики слични и симетрични на оние од СДСМ за предизборна коалиција. Асиметријата во аналитиките е сигурно голема кај ВМРО-ДПМНЕ и Левица, при што ВМРО-ДПМНЕ секако е заинтересиран да ја апсорбира Левица, но Левица досега се прикажуваше како некаква „трета“ опција, различна ем од проевропскиот фронт, ем од ВМРО-ДПМНЕ. Јасно, доколку не ги замајувала своите членови и симпатизери“, заклучува Целакоска.
Биљана Јордановска