Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ако продолжи кризата во Црвеното Море, ќе се влошат последиците во снабдувањето со храна

Ако не се смират актуелните воени и политички жаришта, особено на Блискиот Исток и во Украина, заедно со економските и климатските трендови во светот, 2024 година би можела да биде година на тешки глобални процеси и на недостиг на храна, енергија и други стоки

Мирјана ВАСИЛЕВА

Конфликтите во Црвеното Море ја нарушуваат глобалната трговија со снабдување на потрошувачите со храна. Според известувањата на странските агенциите од тој регион, Светската трговска организација алармантно предупредува дека храната скапува во контејнери поради конфликтите во овој регион. Оваа состојба веќе почнаа да влијае на испораките на производите, што може да влијае на инфлацијата, особено кога станува збор за храната се вели во најновиот извештај на Светската  трговска организација.

Бродовите натоварени со храна ги избегнуваат нападите на Хутите на оваа клучна бродска рута пловејќи околу Африка којашто е подолга и поскапа рута. Сепак, за разлика од стоките како што се гасот, нафтата и производите за широка потрошувачка, кои исто така се погодени, подолгото време на испорака може да ја направи лесно расипливата храна непрофитабилна за продажба.

Индустријата се соочува со сериозни предизвици. Италијанските извозници стравуваат дека кивито и цитрусот би можеле да пропаднат по пат, кинескиот ѓумбир станува поскап, а некои испораки на африканско кафе беа накратко одложени.

Ситуацијата предупредува на кревкоста на синџирите за снабдување со храна и доколку нарушувањата се влошат, тие би можеле да го запрат падот на цените на храната кои започнаа да се намалуваат после ковид кризата и првите удари и последици од војната во Украина.

Земјите како Уганда и Виетнам се големи извозници на кафе во Европа, а Црвеното Море е клучна артерија за таа трговија. Иако лесно расипливата храна често се транспортира во контејнери, некои компании од овие земји се откажуваат од транспортот со контејнери кога испраќаат кафе, што, според Виетнамската асоцијација за кафе и какао, може да го отежне ракувањето со залихите на места како пристаништа и да ги остави изложени на лоши временски услови.

Во обид да одговорат на тековните предизвици, увозниците се свртуваат кон Бразил за да обезбедат поголеми количини робуста, типот што се користи за производство на инстант кафе, менувајќи ги вообичаените увозни текови.

Розовата сол од Пакистан, исто така, ја илустрира ситуацијата кога клиентите стануваат претпазливи и воздржани во нивните одлуки за купување. Маџид Махбуб Парача, менаџер за меѓународна трговија во Шахпур Индустрис, рече дека неговата база на клиенти е намалена затоа што клиентите не се подготвени да платат повисоки трошоци за превоз, а трошоците за транспорт на контејнери во Европа пораснаа за четири пати.

Состојба на предизвици, предизвикани од  актуелната состојба на Блискиот Исток

Како што ескалацијата на израелската војна во Газа се шири во другите делови на Блискиот Исток сѐ повеќе се загрозени воспоставените трговски патишта и поморски патишта кои се протегаат низ тој регион во правец исток-запад поврзувајќи ја Азија со Европа и обратно.

Добрите познавачи на оваа проблематика оценија дека нападите на јеменските бунтовници Хути врз комерцијални бродови  како и конечниот воен одговор на поморската флота на меѓународната коалиција предводени од САД до позициите и капацитетите на Хутите на територијата Јемен, ја загреа атмосферата во Црвеното Море до крајност до тој степен што значителен број светски бродски компании – чии бродови кои не се поврзани трговија со Израел решија да престанат да пловат низ Суецкиот канал и да го пренасочат кон многу подолгата, стара рута преку јужна Африка, т.е. преку ‘Ртот Добра надеж. Тој го продолжува патот до Европа за дури 30 дена, во споредба со рутата преку египетскиот Суецки канал на север и теснецот Баб ел-Мандеб на југ од Црвеното Море, кој е контролиран од Јемен од исток и Џибути од запад, односно од африканска страна.

Суецкиот канал – кревко тесно грло

Суецкиот канал овозможува да се скрати пловидбата помеѓу источниот брег на Северна Америка и Европа од една страна и Африка и Азија од друга страна. Наместо да пловат околу јужниот брег на Африка и Р’тот на Добра надеж, бродовите го користат Суец како побрз и поевтин пат. Каналот е од клучно значење за транспорт на нафта и гас од регионот на Блискиот Исток до европските и пазарите на Далечниот Исток. Годишно низ Суец минуваат околу 25.000 бродови и превезуваат 12-13% од светската трговија и 30% од светскиот контејнерски сообраќај.

Стручните лица објаснуваат дека навигацијата низ Суецкиот канал е загрозена поради технички и геополитички причини. Техничките тешкотии се јавуваат поради прекумерниот сообраќај и релативно малата ширина од 205 метри и длабочината од 24 метри на каналот. Поради ова, каналот понекогаш станува тесно грло. Во март 2021 година, каналот беше блокиран шест дена поради контејнерскиот брод „Евер Гивен“, кој се заглави на средината на водниот пат поради силните налети на ветерот и го блокираше сообраќајот. Блокадата на една од најпрометните трговски патишта во светот значително ја забави трговијата. Најмалку 369 бродови чекаа на ред за да поминат со стока вредна 9,6 милијарди долари. Ако ова се повтори, повторно ќе има недостиг од храна, енергија, разни материјали и инфлација во погодените земји.

Но, геополитичките закани за Суец се многу поопасни. Во потесна смисла, тоа е војната меѓу Израел и Хамас, во нешто поширока смисла, тоа е конфликтот меѓу Израел и арапскиот и исламскиот свет. Во глобална смисла, навигацијата низ Суец е загрозена од геополитичките тензии меѓу САД и ЕУ со Русија и Кина

Колку состојбата стана сериозна сведочи и веста од пред неколку дена дека дури и танкерите со LNG на водечкиот светски производител на течен природен гас – Катара, престанале да пловат на тој простор.

ЕУ  и зависноста на енергенси и  од Блискиот Исток

И покрај тоа што веќе две годнини, откако почна руската агресија врз Украина, Унијата го суспендираше и увозот на руски гас преку директните гасоводи, гасот сè уште стигнува до Грција и Унгарија како ЕУ членки, а од Грција се дистрибуира дури и до другите членки на Унијата преку снабдување со гас и нафта од Блискиот Исток.

Оваа трговија со фосилни горива од Блискиот Исток до западните земји е интензивна, додека поморската рута преку Црвеното Море преку Суец е најекономична во однос на трошоците и времето на транспорт на карго.

Како што соопшти неодамна турската државна агенција Anadolu (AA), според информациите собрани врз основа на податоците од меѓународните локации за следење на бродови, најмалку 3 бродови со LNG кои припаѓаат на Катар направиле непланирано застанување во близина на брегот на Оман на почетокот на оваа недела, додека еден, исто така  катарски товарен брод со нафта, под името Ал Рекајат заглави среде Црвеното Море при тоа загрозувајќи ѓи глобалните синџири на снабдување со последици од можни недостатоци и галопирачка инфлација.

Кои се последиците на глобално ниво

Според проценките на ОЕЦД, ММФ и рејтинг агенцијата S&P Global, инфлацијата на глобално ниво во 2024 година би требало да изнесува 4,7%, но само доколку нема нови и не се интензивираат постоечките конфликти. За жал, се чини дека кризните жаришта нема да стивнат, па оттаму и песимистичката прогноза дека растот на светскиот БДП ќе биде само 2,9%.

Актуелните политички, економски и климатски трендови во светот и прогнозите на експертите покажуваат дека 2024 година би можела да биде година на тешки глобални процеси и недостиг на храна, енергија и други стоки. Така, во 2024 година обичните луѓе би можеле да продолжат да ја губат куповната моќ поради галопирачката инфлација и во исто време да не можат да купуваат дури и некои основни прехранбени производи бидејќи нема да ги има на полиците.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново