Врвен државен приоритет на овие генерации е да продолжат преговорите со ЕУ до точка од која нема враќање назад. Останатото ќе го решаваат идните генерации кои ќе седат на маса со сојузниците ЕУ и НАТО
Пишува: Ерол РИЗАОВ
Можеме да здивнеме со олеснување бидејќи македонското истражувачко новинарство ја откри големата тајна на историскиот ручек кој траел рамно четири часа, тринаесет минути и 25 секунди кога премиерот Димитар Ковачевски задоволен ги испратил своите гости Зоран Заев и Али Ахмети. Го платил цехот, а оставил и голем бакшиш, бидејќи вештите готвачи успеале среде зима да подготват извонредна турлитава како главно јадење.
Покрај вкусната ориентална мешавина на зеленчуци со разни зачини и повеќе видови меса со задолжителните 72 бамји, на менито имало повеќе предјадења, салати од шопска до грчка. Како десерт биле послужени македонска салата и баклава. За аперитив шкотски„чивас регал“ „уплашен“ со малку сода, а со јадењето се густирале тиквешки вина од Барово и од Лепово, а за дижестив француски коњак „курвоазие“. За сиктер е послужено кафе американо без шеќер.
Големото открите од мистичниот ручек – вечера, без музика, пред љубопитната јавност која има право да ја знае вистината што јаделе и пиеле овие тројца политичари што е од несомнен јавен интерес, е во македонската салата?! Новинарскиот подвиг е откривањето на фактот дека уште пред повеќе од сто години Французите ја направиле првата македонска салата „ла салад маседуан“. И замислете, таа не била од печени пиперки, домати, кромид и лук, што е наша вековна заблуда, туку од егзотични овошки со непознато потекло и затоа била сервирана како десерт пред американското горчливо фајронт кафе.
Така, Ковачевски, Заев и Ахмети ја отворија сезоната зима – пролет на тајни и јавни средби, кои во овие неколку месеци, некаде до средината на мај, ќе имаат голема фреквенција не само во Македонија, туку на целиот Западен Балкан.
А, како што стојат работите ќе има повеќе средби и договарања и кај нас и во соседството и низ Европа, но и во Вашингтон. Додуша, средбите јавни, или тајни, никогаш не ни недостасувале, но овојпат, ако се поврзат меѓу себе, иако се одржуваат на разни места и во различни околности најавуваат иста цел. А тоа е – без разлика на изборните резултати на парламентарните избори во Македонија да се дадат обврзувачки гаранции за продолжување на преговорите со ЕУ, за остварување на реформите кои ќе означат редовно членство во европското семејство. Веќе не важат ветувања само со зборови и условувања со промена на договорите со соседите, или промена на прифатената преговарачка рамка од ЕУ.
Што ќе се готви во црната дупка на Балканите?
Која е таа гаранција од која ќе нема остапувања која ќе произлезе како неминовност? Ако погледнеме повнимателно на едно друго мени од една друга кујна каде се подготвуваат рецептите што ќе се готви во светот, во Европа, па и во црната дупка на Балканите, до крајот на ноември, а според некои и многу порано – до почетокот на летото, може со поголема сигурност да се навести што нѐ очекува и во двата случаи. Прво, што ќе се случува ако продолжат преговорите со ЕУ и второ, со што ќе се соочиме ако продолжи самоблокадата на државата, без да се има каков било рационален одговор зошто тоа се прави и зошто се втурнува Македонија во неизвесна иднина.
Не постои сериозен политичар, партиски лидер и одговорна влада која не знае дека главна предизборна цел во кампањата на претседателот Џо Бајден и на демократите во делот на надворешната политика на Америка ќе биде да се најдат решенија за војната во Украина, на Блискиот Исток во Газа, а меѓу другото и за земјите на Западен Балкан со забрзување на нивните евроатлански интеграции.
Гледано од аспект на настаните од 1948 година до денес, трајно решение за мир меѓу Израел и Палестинците е невозможна мисија.
Заложбите на Америка кои јавно се соопштуваат се за праведно решение со формирање на палестинска држава, која под одредени услови нема да претставува опасност за Израел. Но, тоа може да се одрази негативно на изборните резултати на Џо Бајден, се разбира, ако таа американска поддршка за трајно решение не е само декларативна како заложба за мир.
Познавачите пак на ова со децении горливо прашање велат дека меѓу Израел и Палестинците не е можно да се дојде до решение од кое ќе бидат задоволни двата народа, туку најверојатно многу повеќе страни. Значи, можно е некое „решение“ кое ќе го остави ова жариште само времено покриено со пепел. Секогаш кога ќе има потреба, пепелта е лесно да се отстрани и жарта да потпали нов оган.
Во Украина пак, како и секоја војна, еден ден ќе заврши со мировен договор, ако не е целта Украина да биде европска Газа. Проценките на светските геополитички експерти се дека на крајот, на заедничка маса Русија и Америка ќе одлучуваат кога и како ќе заврши војната. Тоа се проценките за претпоставките што ќе се случува пред изборите во Америка. Сосема друга работа е што ќе се случува по изборите ако победат демократите и Џо Бајден добие втор мандат. Уште подраматични промени се можни ако победат републиканците, а Доналд Трамп по вторпат стане претседател на Америка. Во Европа и во целиот свет околу овие прашања се кршат копја и се прават разни стратегии, оти кога Америка ќе кивне, Европа, па и голем дел од светот, добиваат треска.
Кога кукавиците продаваат храброст
Иако Западен Балкан е една мала невралгична алка која не носи големи поени во предизборието во Америка, сепак има свое значење во еден ваков актуелен геополитички период на две светски војни да се постигне решение кое овие земји дефинитивно ги сместува во западниот блок на сојузници на ЕУ и на НАТО. Чин кој може да се прикаже како успех за превентивно спречување од голем пожар на едно потенцијално жариште кое може да биде опасно бидејќи е опколено како гноен чир со земји членки на НАТО и на ЕУ.
Ова се тие факти кои треба да ги чукнат во глава македонските политичари кои се јуначат пред јавноста и буквално секојдневно лажат дека ќе постигнат подобри решенија за продолжување на преговорите со ЕУ. Кукавиците кои со децении одбиваат многу поповолни услови, сега продаваат храброст дека не прифаќаат понижувачки диктати и со примитивен популизам прикажуваат јунаштво под јорган планина прашувајќи стопати дневно која е цената на ваквото понижување, а не ја гледаат огромната загуба што Македонија пред цели две и пол децении не стана членка на ЕУ и на НАТО поради тој лажен патриотизам. Никогаш никој не пресметал колкава е цената што Македонија ја плати со ова децениско задоцнување во своите евроатлантски интеграции. Таа катастрофална штета не е пресметана, бидејќи и не може да се пресмета, оти таа математика не се изразува само во пари, туку во застој во сите области во развојот на едно демократско општество, кое своите 25 илјади квадратни километри досега требаше да ги претвори во рајска градина, со комплетна инфраструктура и безбеден и квалитетен живот на граѓаните, со прифатени европски вредности во сите области, почнувајќи од образованието и науката , преку културата до економијата, здравството, земјоделството, екологијата…
Малите европски држави, нови и стари членки на ЕУ, имаат извонредни предности за побрз развој на сите овие области. Од нашиот регион најдобар пример е Словенија, која е приближно колку Македонија, но е бајаги над просекот на земјите членки на ЕУ. Ќе кажете, со право, дека Словенија и во нашата поранешна држава Југославија предничела во многу области, но сепак од времето на преговорите со ЕУ и по редовното членство има извонредно брз развој кој веќе ја изедначува со стара Европа. Македонија никогаш нема да ја стаса Словенија, но може да тргне по тој пат да ги намалува разликите ако за тоа има цврста политичка определба и вистинска храброст да се донесат одлуки кои се во интерес на сите граѓани.
Човек со здрав разум просто е неможно а да не се праша: како е можно политичари од парламентарни партии, избрани од граѓаните, кои добро ги знаат сите овие работи и кои во своите партиски програмски определби го имаат ставено како стратегиски државен интерес членството во ЕУ, да бидат против и да ја блокираат сопствената таковина на тој пат заблудувајќи ја јавноста до степен дека направените отстапки се предавство на националните интереси. Која е таа политичка доктрина и итарпејовска итроштина да не ѝ се соопшти на јавноста која е нивната цел, освен освојување на власта.
Со убави зборови купуваат волови
Гаранциите со убави зборови да купуваат волови се сведени на флоскулите – прво ќе ги поништиме штетените и предавнички договори со соседите Грција и Бугарија. Потоа уследи корекција во стилот – ќе направиме подобри договори. Сега стасавме до таму дека со Грција нема да чепкаме ништо, ама со Бугарија повторно ќе преговараме ако може нешто да ублажат, па макар тоа било и мала козметика која ние ќе ја прикажеме како голем успех.
Ете, затоа е тешко оваа бучкуруш стратегија на ВМРО-ДПМНЕ да се каже јавно, бидејќи сите што се излажани дека ќе има нови поповолни договори ќе ја сфатат играта на Христијан Мицкоски дека целото јунаштво во откривање на државните непријатели ќе се сведе во прифаќање на ратификуваните договори во Собранието и во нивно спроведување. Тоа соочување со излажаните граѓани е оставено по извојување на изборната победа ако дотогаш мнозинството граѓани не ја разберат големата измама, па сигурната победа не се претвори во изборен дебакл.
Уривањето на тој ѕид кон Европа што го гради ВМРО-ДПМНЕ може да се случи ако стасаат точните информации и вистината до над 65 проценти од граѓаните на Македонија кои се определени за членство во ЕУ. Конкретните чекори од страна на ЕУ, кои веќе се насочени кон економскиот раст на земјите од Западен Балкан, на што сме сведоци деновиве, како и оние што набргу ќе уследат и кои не се само од финансиска природа, може да предизвика многу луѓе да ги согледаат работите од еден друг агол – дека е неопходно сами да одлучат за иднината на државата на избори и да не го препуштаат тоа на неизвесност.
Дури ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ги прифатат договорите со соседите и преговарачката рамка усвоена од ЕУ каква што е, без промени, доцнењето и можни непредвидени геополитички престројувања ќе предизвикаат ненадоместлива загуба и испуштање на последниот вагон од последниот воз. Ризикот од таквиот исход не е нереален. Одговорни политичари не можат да играат со интересите на државата како на рулет. Сведоци сме на многу непредвидени работи кои се случија во изминатите неколку години, од светската пандемија до две светски војни и голема преселба на народите кои предизвикаа тектонски промени.
Кога големите сили ќе седнат на зеадничка маса, тргнувајќи пред сѐ од сопствените интереси, малите држави можат да послужат како монети за поткусурување. Историјата е полна со такви настани. Голема среќна околност е што Македонија, иако со големо задоцнување, стана членка на НАТО, што мора да се има предвид при секои прекројувања на граници. Затоа врвен државен приоритет на овие генерации е да продолжат преговорите со ЕУ до точка од која нема враќање назад. Останатите работи кои не ни се допаѓаат ќе ги решаваат идните генерации чии претставници ќе седат на заедничката маса со своите сојузници ЕУ и НАТО.
Има многу работа за сите доколку вистински се сака Македонија. (Дојче веле)