Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тројка во посета на „тројката“ и мирна Босна

Проблемот е што сите во Босна и Херцеговина се свесни за важноста на иднината, но политичката ирационалност никогаш не била помодерна како во последните триесет години

Пишува: Драган МАРКОВИНА*

Долго време Босна и Херцеговина не беше предмет на суштински интерес на т.н меѓународната заедница и Европската унија како нејзин суштински дел. Делумно тоа беше затоа што на сите им беше јасно дека влезот на Хрватска во ЕУ во 2013 година едвај помина и дека тогаш сите знаеја дека тој е последен за подолг период, а делумно затоа што Европската унија беше убедена дека работите во Босна и Херцеговина ќе се развиваат прогресивно по инерција, поради фактот на присуството на високиот претставник и меѓународните дипломати со важна улога во тоа, и на крајот делумно поради фактот што ваквото меѓуетничко дистанцирање, како што е сега, не беше толку изразено, ниту се чинеше дека е изгледен нов воен конфликт или толкава блокираност на земјата, односно државата и нејзините функции.

Поради ова, луѓе од третиот ешалон на дипломатијата доаѓаа во Босна и Херцеговина, па дури и кога по долги години тие увидуваа колку се блокирани земјата и општеството, тоа обично ќе го соопштеа на светот и на сопствените работодавци кога ќе биде предоцна и кога повеќе не беа тамуја држеа функцијата Висок претставник.

Инаку, интересно е тоа ненадејно прогледување по заминувањето од функцијата.

Работите многу веројатно, што се однесува до меѓународната заедница и нејзината пасивност, би останале исти, и покрај целосната блокада на земјата и паразитизмот на политичките елити на сопствените максималистички барања и последователниот пораст на меѓунационалните тензии кога не успеваат да ги реализираат, ако не се случеше рускиот напад на Украина и не сфатија дека областа на она што тие го нарекуваат Западен Балкан, односно преостанатите југословенски земји, освен Словенија и Хрватска кои влегоа во Европската унија, плус Албанија, наеднаш стана меко геополитички стомак со широко распространето влијание на Русија.

И за целиот регион, но особено за Босна и Херцеговина, тоа стана добра вест среде лоши вести, што се појави како последна реална шанса државата некако да профункционира и земјата да влезе во Европската унија.

За да не бидат работите толку едноставни, тоа што во самата Унија се борат претставници на старото разбирање кои не се склони кон никакво проширување и благодарение на тоа инсистираат условите да се спроведат до последен детаљ, против претставници на оние кои ја разбираат опасноста од новата геополитичка реалност и неопходноста од заокружување на Европската унија со нови проширувања.

И токму затоа Босна и Херцеговина стана главната надворешнополитичка сцена на ЕУ оваа недела, и токму затоа тројката што дојде во посета на земјата беше составена од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и премиерот кој е најклон кон Босна и Херцеговина и проширувањето, а тоа е Хрватска, и премиерот на онаа која е најмалку склона на тоа – Холандија. Метафорично кажано, европската тројка дојде во посета на властите во Босна и Херцеговина, каде коалицијата т.н. Тројка (СДП, Наша партија и Народ и правда) сочинуваат важен дел од власта, надевајќи се дека ќе воспостават мирна Босна и ќе ја принудат владејачките да спроведат барем минимум реформи и законски решенија во следните шест недели, за да им се даде причина за отворање преговори.

На сите им е јасно дека ова е последната реална шанса. Исто како што на сите им е јасно дека доминантните национални политики на трите конститутивни народи гледаат на содржината и иднината на Босна и Херцеговина сосема поинаку, и дека никакви интервенции на Високиот претставник нема да помогнат бидејќи секој што на крајот би ги заменил ќе дејствува од истите позиции.

Затоа охрабрува ненадејно пронајдената кооперативност на Милорад Додик, пред сѐ, а потоа и на останатиот дел од владејачката коалиција на државно ниво, да договорат минимум ставови и да се донесат очекуваните закони, од изборниот па натаму. Прашање е, се разбира, дали тоа ќе се случи, пред сè поради атмосферата која не е наклонета кон компромиси, потоа затоа што искуството покажува дека секој пат сличен чекор напред беше миниран и на крајот затоа што со човек како Милорад Додик никогаш не знае. Накратко, овој договор, чии делови излегоа во јавноста, има големи шанси да биде поткопан од бошњачката јавност, пред сѐ оние собрани околу СДА, кои во него, за прашањата за изборниот закон и за составот на Уставниот суд, како и при секој компромис, гледаат како препуштање на државата на Човиќ и Додик, а можеби и од некои западни дипломати, па дури и од самиот Милорад Додик, кој никогаш не пропушташе можност да закочи која било работа.

На крајот, неизбежен факт е дека постои тнр. Хрватско прашање, односно прашањето за избор на член на Претседателството, што го потенцираше Пленковиќ избегнувајќи да отиде во Претседателството и да се сретне со Жељко Комшиќ и нуикакво туркање под тепих нема да го реши ова прашање. Исто како што е нескриен фактот дека и самата Република Хрватска лобира во насока на концептот на ХДЗ и тоа го прави доста успешно.

Меѓутоа, луѓето кои се грижат за иднината на Босна и Херцеговина, за постојан мир во неа, за функционалноста на државата и нејзиното дефинитивно сместување во западниот свет, особено во овие геополитички околности, реално немаат избор. Тие можат да ги прифатат овие околности и компромисот со кој не се согласуваат и да добијат реална можност Босна и Херцеговина да се приклучи на Европската унија во блиска иднина. Или можат да направат сѐ за да го уништат тој компромис, што ќе резултира со огромна неизвесност и иднина која воопшто нема да биде мирна. А и тогаш ќе бидат уште подалеку од целите кои номинално ги заговараат во внатрешната организација на државата. Проблемот е што сите се свесни за тоа, но политичката ирационалност никогаш не била помодерна како во последните триесет години.

*Драган Марковина е хрватски историчар. Текстот изворно е објавен во „Пешчаник“.

(Независен)

Зачлени се на нашиот е-билтен