Во обликувањето на политичкиот избор, а особено емоционалниот избор, суштински фактор е медиумското покривање и ширењето на информации кои значително влијаат врз избирачите
Тони ПОПОВСКИ
Бидејќи за три месеци од сега ќе треба да гласаме, релевантно прашање е што поконкретно ја факторира нашата одлука да го дадеме гласот за одредена политичка понуда или дел од нас да одлучиме да се водржиме од гласање. Одговорот не е едноставен бидејќи одлуката ја носиме навидум свесно и рационално но низа научни истражувања потврдуваат дека на крај одлучуваме рефлексно односно несвесно поведени од сопствените емоции.
Во политичките науки има консензус дека конечниот политички избор сепак е претежно емоционален избор. И во тоа не би имало ништо лошо доколку изборот е заснован на позитивни емоции, но најчесто е спротивното, односно изборот го засноваме на негативни емоции и гласаме „Против“ наместо „За“.
Оттаму и фокусот во политичката понуда сè повеќе се става на поттикнување на наклонети емоции за сопствената понуда преку генерирање не ретко и на егзистенцијален страв од сценарио со евентуален избор на понуда на соперникот, страв кој треба да мобилизира решителен отпор кај нашите избирачи. Тоа е и клучната причина зошто се водат т.н негативни политички кампањи и ќе продложат да се водат се додека не го унапредиме нивото на политичка писменост и култура, и следствено нашите очекувања од политичарите.
Парадоксот во либералната демократијата (не само кај нас) е дека и покрај тоа што емотивно посакуваме помалку поделби и повеќе позитивна и релаксирана политичка атмосфера во општеството, за возврат и скоро без исклучок, а особено во изборните периоди го добиваме сосема спротивното: тензии, меѓусебни обвинувања и оцрнувања, непријателства и политичка борба на живот и смрт со постојан ризик да се случи и реално-политички поттикнато насилство.
Емоционалното во изборот е првенствено поврзано со партиската припадност каде функционира начелото на лојалност кон групата, а во позадина најчесто е клиентелистички однос мотивиран од лични амбиции за економски просперитет како и просперитет на најблиските, но и страв дека таа егзистенцијална перспектива ќе ја снема доколку нашата политичка опција биде поразена. Овој аспект е особено присутен во држави со нагласено партизиран јавен сектор и пазар придвижен од претежно партиски контролирана држава, а каде спротивставените партиски лојалности многу често предизвикуваат исклучување на неистомисленици, опструкции и застој на клучни реформски и социо-економски процеси кои треба да резултираат со просперитет за сите.
Нареден крупен фактор за политички избор е нашата перцепција за личните карактеристики на кандидатите, дали тие ни се допаѓаат односно дали побудуваат позитивни емоции кај нас. Оттаму и поттикот на кандидатите да ни се допаднат, но истовремено колку е можно повеќе да се дискредитираат противкандидатите, по однос на нивните лични квалитети, лидерски вештини и интегритет, со цел да не ни се допаднат. Последично, но истовремено парадоксално, кога ќе завршат изборите не мал број од избирачите понесуваат впечаток дека сите политичари се дискредитирани и дека политиката е морално и етички „нечиста“ професија, па оттаму и заклучокот дека не вреди да се учествува во изборниот процес. Ова, пак, создава „ѓаволов круг“ каде континуитетот на негативните кампањи пропорционално ја намалува излезноста на изборите, а со тоа и легитимитетот на владеењето.
Секако, фактор на политички избор е и колку се поистоветуваме со ставовите на кандидатите по однос на прашања кои најнепосредно не’ засегаат но до проблем доаѓа кога изборите наместо да бидат натпревар на политики во доменот на економијата, здравството, екологијата, образованието и социјалната заштита, се’ фокусирани на емоционални прашања за стратешкиот правец на државата, и дилемите поврзани со компромисите при изодување на тој стратешки правец па дури и негово напуштање.
Стратешкиот избор станува нагласено емоционален избор поради вредносната позадина и можните последици од лош избор и социо-економско или идентитетско-културолошко назадување но и ризици по безбедноста, како ризици кои партиите во натпреварот си ги префрлаат едни на други. Големо мнозинство од избирачите сакаат стабилност но предизвикот настанува во момент кога партиите започнуваат меѓусебно да се портретираат како фактор за дестабилизација.
Оттаму и потребата од демонстрирање на умереност и избегнување на драстично скршнување од стратешки правци и цели, односно реафримирање и зацврстување на консензусот за стратешките цели пред да се оди на избори, и враќање на политичкиот натпревар во доменот на понуда на секторски политики. Впрочем, од анкетите согледуваме дека избирачите првенствено сакаат да слушнат како ќе се адресира невработеноста, инфлацијата и како ќе се обезбеди севкупната социо-економска и внатрешно политичка стабилност, односно како избирачите ќе го остварат личниот економски интерес и како кандидатите ќе управуваат со економијата. Дури потоа доаѓа интересот за други идеолошки и културни убедувања, човековите права и сл. Во овој контекст и потребата да се прилагоди политичката понуда на возраста, полот, етничката припадност и социо-економскиот статус на избирачите, а со цел да се задоволат колку е можно повеќе од нивните приоритетни потреби.
Во обликувањето на политичкиот избор, а особено емоционалниот избор, суштински фактор е медиумското покривање и ширењето на информации кои значително влијаат врз избирачите. Начинот на кој се прикажуваат кандидатите во медиумите, како и информациите што гласачите ги добиваат преку различни канали, најнепосредно ја обликуваат нивната перцепција за кандидатите. Оттаму и одговорноста на медиумите да овозможат фер присуство и непристрасно претставување на кандидатите, покрај платеното рекламирање.
Сите овие фактори кои влијаат на несвесното и свесното во политичкиот избор се меѓусебно поврзани, а релативната важност на секој од нив варира согласно со преференциите на индивидуата при гласање. Притоа треба да внимаваме дека на сложеноста и напнатоста на престојните претседателски и собраниски избори кај нас, покрај острата дебата за стратешкиот правец на државата негативно влијаат и може дополнително да повлијаат и надворешни настани, промени на политичката клима во ЕУ која влегува во избори за Европскиот Парламент но и целокупниот геополитички контекст кој во моментов го одликуваат две војни со поврзани ризици за ескалација. Би било мудро, политичарите да ги имаат предвид овие фактори дома и во опкружувањето, пред конечно да ја оформат политичката понуда и да одлучат за начинот на кој ќе ја комуницираат.