Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Роман на Урошевиќ, филмови на Ристески и Пејовски, ликовна изложба на Лубарда, ТВ серија „Законот според Лидиа Поет“

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме по едно дело од музиката, литертурата, театарот, телевизијата и филмот. Гледајте, слушајте, читајте…

Книга: Роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од академик Влада Урошевиќ

Приказната во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ почнува летото 1898. Во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот XIX век и тукушто родениот XX век – Никола се враќа од своите студии на Ecole supérieur de pharmacie во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки.

На прв поглед животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола. Приказната за еден прстен купен во Старата скопска чаршија го втурнува Никола во низа настани чиешто потекло, смисла и цел не му се целосно јасни…

Влада Урошевиќ (17.10.1934, Скопје) е еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци, творец во речиси секој жанр и секоја форма: поезија, расказ, роман, есеј, патопис, книжевна и ликовна критика, книжевна теорија и превод.

Професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при УКИМ, работел и како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје и како уредник на списанието „Разгледи“. Неговото творештво е обемно и разновидно. Почнувајќи со „Еден друг град“ (1959), објавува 11 збирки поезија, како и шест романи: „Вкусот на праските“ (1965), „Мојата роднина Емилија“ (1994), „Дворскиот поет во апарат за летање“ (1996), „Дива лига“ (2000), „Невестата на змејот“ (2007), „Маџун“ (2018). Зад себе има три книги записи и патописи, повеќе книги со критиките и есеите за македонските писатели и две книги за фантастиката во сликарството.

За својот книжевен и преведувачки опус е именуван за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред од Владата на Република Франција. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, хрватски, француски и шпански.

Романот на Урошевиќ е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Филм(ови): „Снежана на крајот умира“ и „Мими“

Ако досега не сте ги погледнале македонските играни филмови од најновата продукција, „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески и „Мими“ на Даријан Пејовски, тогаш следниве денови имате добар повод да го сторите тоа.

„Снежана на крајот умира“ е дебитантски игран филм на Кристијан Ристески, кој фестивалскиот живот го започна пред една година на „Слемденс“ во САД (фестивал на независни филмови), а со неговата македонска премиера се затвори минатогодишното, 43-то издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Седумте ликови во филмската сторија по сценариото на Ристески живеат во време и простор кои се во конфликт со нивните вредности. Откако ќе ѝ вети на својата најдобра другарка, која е на смртна постела, дека ќе се грижи за нејзиниот син, Снежана станува „мајка“ на Боби, 20-годишен наркоман. Маја е „волк самотник“, не комуницира „очи в очи“ со луѓе, а Игор е „риба надвор од вода“, има Аспергер синдром. Иако Боби и Маја не би требало да имаат прилика да се сретнат, тие се сретнуваат и се вљубуваат. Никола, Горазд и Дејан се другари од детство, „маалска екипа“ која се мачи да се прилагоди на овој нов свет, дехуманизиран од виртуелната комуникација, релативизацијата на моралот и агресивната инвазија на политиката врз нивните животи.

Одлични актерски креации на Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Тино Костадиновски и Давид Јанакиев.

„Мими“ на сценаристот и режисер Пејовски е психолошка драма за девојка која потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Работи во трафиката кај својот вујко и повремено ќе се заинтересира за некој од муштериите. Се запознава со екстровертната  Сара и меѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во многу повеќе од искрено дружење без обврски. Минатото, болно и таинствено, заради кое побегнала во метрополата, пополека ѝ се враќа на Мими, ја мачи и опседнува.

Главните улоги ги толкуваат Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски и Владимир Петровиќ. Вториот игран филм на Пејовски имаше премиера на филмскиот фестивал „Синедејс“ во Скопје.

Мими“ е на програмата на Кинотека на 25 февруари (сабота), 20:00 ч., а „Снежана на крајот умира“ на 28 февруари (вторник), 18:00 ч.  

ТВ серија: „Законот според Лидиа Поет“

Самиот Нетфликс ја опишува оваа вистинска приказна инспирирана од борбата за женските права во Италија како тешка, период (историска) драма, која го раскажува животот и професионалната кариера на Лидиа Поет, првата жена адвокатка во Италија.

Како година на производство на серијата „Законот според Лидиа Поет“ (Тhe law according to Lidia Poet) е запишана 2023, а во описот креаторите Гвидо Иукулано и Дејвид Орсини истакнале дека ова е филмувана вистинска приказна. Во главните улоги настапуваат Матилда Де Анџелис, Едуардо Скарпета, Пјер Луиџи Пасино. Серијата е снимена на внимателно избрани локации и ентериери кои се адекватни на годините од 19-тиот век, кога всушност адвокатката Лидиа Поет се борела за својата професионална позиција во доминатно машко општество.

Нејзината вистинска биографија вели дека таа е родена во 1855 година во селото Траверс, комуната Переро, во Италија, а ги положила своите правни испити на Универзитетот во Торино. Правничката диплома ја стекнала во 1881 година. Две години подоцна, во 1883 година се стекнува со звањето адвокат и била запишана во листата официјални адвокати на Италија.

Следните две години практикувала форензика во канцеларија на адвокат и помагала на седниците на трибуналите. Потоа биула подложена на теоретско и практично испитување на Редот на адвокатите од Торино и со 45 од можни 50 гласови била впишана во списокот на адвокати (albo degli avvocati) на 9 август 1883 година. Сепак нејзиното прогласување за адвокат не поминало мирно, наишла на жестоки реакции на видни правници, особено на јвните обвинители кои ја застапувале тезата дека на жени не смее да им се дозволи да ја облечат судиската тога.

Сето ова има предизвикано широка дебата, но една од главните поддршки Лидиа Поет ја добива од 25 весници, кои имале голема читателска публика, а при тоа застанале на нејзина страна, односно изразувале силна поддршка за учевство на жените во јавниот живот.

Ликовна уметност: Изложбна на Петар Лубарда во Музејот на современата уметност – Скопје

После подолго време, во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, јавноста ќе има прилика да ги види сите дела на Лубарда од Колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на неговите изложби и донациите. 

На изложбата ќе биде претставен сликарскиот опус на Петар Лубарда, најзначајниот уметник и еден од најистакнатите сликари на територијата на поранешна Југославија од втората половина на 20 век.

Во октомври 1963 година, Петар Лубарда ги подарил сите 26 дела од неговата изложба во Ниш, подоцна изложени и во Скопје, со што тој станал еден од првите и меѓу најголемите дарители на МСУ – Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела, помеѓу кои 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварели и десет цртежи кои опфаќаат две и пол децении од кариерата на уметникот (1942-1966).

„Изградена како заеднички потфат на авторот и Музејот, оваа колекција на репрезентативен начин го претставува развојот на уметничкиот израз на Лубарда, а според квалитетот и обемот претставува една од најзначајните и најобемните збирки на дела. Приврзаноста на Лубарда за специфичниот црногорски пејсаж и љубовта кон старата култура, кон судбоносните и историските теми, може да се проследат преку неговите дела од колекцијата на МСУ. Она што e особено значајно во неговиот уметнички израз е неговото драматично чувство за светот како целина во корелација со географските, социјалните, политичките и културните слоеви на местото на потекло, како и неговата епска ширина, неговата глобална визија и уметноста на спојување на националното и универзалното. Неговиот фигуративно-асоцијативен експресионизам е исполнет со медитерански импулси преточен во подеднакво рудиментирани, интензивно обоени апстракции. Лубарда на впечатлив начин ги вклучува локалните теми и мотиви и ги трансформира низ формалната игра со визуелните елементи, вградувајќи ги во стремежот за универзалното“, велат кураторите Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски. Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.

Петар Лубарда (1907–1974) во меѓувоениот период студирал сликарство во Белград и Париз, а од 1932 година до неговата смрт во 1974 година живеел во Белград. Неговиот особено експресивен фигуративен стил, кој се граничи со асоцијативна апстракција, му донесе широко меѓународно признание, вклучително и една од трите меѓународни откупни награди за сликарство на Биеналето во Сао Пауло во 1953 година.

Изложбата ќе биде отворена на 1 март (среда) во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје и ќе биде отворена до 31 март 2023 година.

Избрале: С.С., Љ.А.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново