Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Безбедноста на младите во ноќниот живот

Безбедноста на ноќниот живот во Македонија младите го оценуваат како средно безбеден со оценка 3  на скалата од 1 до 5 . Но и покрај тоа дури  66.4 % од испитаниците имале непријатно искуство при ноќните излегувања

Пишува: Влатко ДЕКОВ*

Минатата година  здружението ХОПС- Опции за здрав живот – Скопје спроведе истражување на тема безбедноста на младите при ноќните излегувања.  Ова тема досега воопшто не е истражувана во нашата земја а според мене е многу значајна па решив оваа колумна да ја посветам на резултатите од ова истражување во кое учествувале 119 млади луѓе од цела Македонија.

Безбедноста на ноќниот живот во Македонија младите го оценуваат како средно безбеден со оценка 3  на скалата од 1 до 5 . Но и покрај тоа дури  66.4 % од испитаниците имале непријатно искуство при ноќните излегувања. Од испитаниците кои имале непријатно искуство, 69,6 % имале непријатно искуство со други посетители на настанот, 50,6 % имале непријатно искуство со полиција а 41.7 % со обезбедувањето на настанот. Негативно искуство поврзано со употреба на психоактивни супстанци имале 19 % од испитаниците. Само 30 % побарале помош или поддршка кога имале непријатно искутво во текот на ноќните излегувања и при тоа во зависност од проблемот најмногу побарале помош од пријателите на кои им веруваат, од обезбедувањето или од граѓанските организации. Интересно е што дури 37 % од испитаниците се запознаени со програмите за намалување на штети од употреба на дроги кои ги спроведуваат граѓанските организции а 9, 24 % користеле услуги од овие програми.

85 % одговориле дека се грижат за сопственото здравје и безбедност во текот на ноќните излегувања. Најчести начини за тоа како се грижат се следниве:  внимаваат да излегуваат со познати луѓе, во доцните часови не се враќаат пешки туку со такси, користат супстанци во умерени количини, пијат повеќе вода,  нарачуваат пијачки во шише или лименки кои сами можат да ги отворат.  Од оние 15 % кои рекле дека не се грижат за сопственото здравје и безбедност при ноќните излегувања, најголем дел причината за тоа ја лоцираат во тоа што употребуваат поголема количина на психоактивни супстанци кои ги прави да бидат нерационални,  негрижливи, релаксирани и помалку внимателни.  

Од 119 испитаници 59 или речиси 50 % рекле дека при ноќните излегувања употребуваат психоактивни супстанци, од нив 75 %  тоа го направиле во последниот месец а само 2 од нив или 3,4 % пред повеќе од 12 месеци.

 Загрижувачко е дека  само 37, 8 %  редовно користеле  кондом при вагинален  сексуален однос , односно 46,8%  редовно користеле кондом при анален сексуален однос а само 9 % редовно користат кондом при орален сексуален однос.

Некои клучни недостатоци кои постојат за да се решаваат проблемите на младите при ноќните излегувања во Македонија се следниве:

  • Недоволна соработка со локаните власти кои немаат ниту знаење ниту разбирање за решавање на прашањата поврзани со ризичното однесување на младите во текот на ноќните излегувања.
  • Зголемен број на рации и упади од страна на полицијата во кафулињата и ноќните клубови каде излегуваат младите и вршат претрес со цел изнаоѓање на недозволени психоактивни супстанци. Тоа доведува до нарушување на правото на слободно движење и намалување на довербата кон државните институции. Исто така оваа однесување на полицијата доведува до тоа да се организираат нелегални забави или пак журки во домашни услови како и афтер парти на кои се употребувааат супстанции но на кои не можат да се даваат услуги и информации од страна на граѓанските организации бидејќи нивното организирање е во тајност. На тој начин ризичното однесување кај младите е поголемо. Често пати журките се организираат во вили и куќи многу подалеку од градот и постои опасност да не се даде соодветна помош доколку се има потреба од неа заради далечината. Од друга страна младите немаат информации дали некој од ноќните клубови е казнет заради точење на алкохол на малолетници.
  • Се е поголем број на млади кои развиваат зависност од коцкање. Навечер излегуваат во казина и таму ги минуваат ноќите.  Цените не се многу високи и за 10 -15  евра освен можност за коцкање добиваат и бесплатен пијалок а во некои места и можност нешто да каснат . Често пати тоа се малолетници кои најмногу ги користат услугите на електоронските казина кои ги има речиси на секој чекор. Овие казина им изготвуваaт пропусници на малолетниците со лажни податоци дека се полнолетни. Очигледна е манипулацијата и криминалот кој го организираат тие. Како по правило до  казината има сервиси за брзи кредити.
  • Неможност да се работи за малолетници кои употребуваат дроги без согласност на родителите.  Бројот на малолетници кои употребуваат дроги е прилично зголемен посебно во овој постковид период.
  • Во туристичките места каде младите одат на летување секојдневно е појавата на  употреба на алкохол на јавен простор – улици, паркови и сл и пијанството е многу видливо. Голем број од овие млади лица се малолетници кои дошле сами на одмор без присуство на родители.
  • Не постојат програми за тестирање на дрогата –drug checking
  • Нема програми за намалување на штети од употреба на амфетамини и клубски дроги.

*Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

(Трн)

Зачлени се на нашиот е-билтен