За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филмови, збирка песни, книга. Гледајте, читајте, слушајте…
Книга: промоцијата на збирката детски песни „Чичко маестро Џамбаз – во светот на децата“
На 3 февруари (сабота), со почеток во 12 часот ќе се оддржи промоцијата на книгата „Чичко маестро Џамбаз – во светот на децата“ во Дебар Маало, на улица „Орце Николов“, посветена на композиторот и диригент Александар Џамбазов.
Книгата во издание на „Арс Ламина публикации“ е дело на познатите македонски музички публицисти Бранка Костиќ-Марковиќ (автор на воведниот текст) и Марко Коловски (автор на фотографиите). Ова издание претставува збирка на песни од маестро Александар Џамбазов, еден од нашите најистакнати македонски композитори, диригенти и втемелувачи на македонската популарна и детска музика. Изборот на композициите, кој опфаќа 52 песни за деца од предучилишна и училишна возраст, е направен од страна на самиот Џамбазов за време на неговиот живот.
Како што вели авторката Костиќ-Марковиќ во воведот, насловот на збирката не е случаен. Сите „славејчиња“, поранешни солисти на познатиот фестивал на детска песна „Златно славејче“ и хористите на детскиот хор „Развигорче“, го нарекуваа својот диригент Александар Џамбазов, кој ги водеше низ живата фестивалска изведба, „Чичко маестро Џамбаз“. А тој возвратно, на шега, ги нарекуваше „златни гавранчиња“.
Песните издвоени во оваа збирка денеска претставуваат своевидни детски евергрини за сите генерации, а авторскиот тим и издавачот ценат дека изданието ќе биде и одлично дидактичко средство и извор на квалитетен дополнителен материјал за денешните одделенски и предметни наставници во реализирањето на наставата по музичко образование, но и на секој истражувач и љубител на детската песна, вклучувајќи ги и децата.
Оваа промоција ќе биде дел од еден поголем настан, „За Маестрото“, кој е во организација на синот на маестро Џамбазов, Игор Џамбазов и Општина Центар, по повод сеќавање на животот и делото на композиторот, токму на денот на неговиот роденден, 3 февруари.
На самиот настан ќе биде откриен и муралот со ликот на Александар Џамбазов, во срцето на Дебар Маало. За таа цел е подготвена и мала музичка програма во која заедно со дел од поранешните „Златни славејчиња“ и „Развигорчиња“ под диригентство на Запро Запров, ќе „оживееме“ четири детски евергрини, кои се вброени во изборот на нотографии во книгата. Тоа се безвременските песни на нашето детство, на детставата на многу генерации, „Песна за Скопје“ („Градот убав“), „За сите деца“, „Мојата учителка“ и „Еј, гулаби, гулаби бели“, за чија изведба специјално од Битола ќе допатува оригиналното „Златно славејче“ од 1972 година, Билјана Дамјановска Јанчевска.
БОНУС ВИДЕО Фестивал „Златно славејче“ 1986 година
Филм: „Персона“ на Ингмар Бергман
Во пресрет на 45-ото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и 50-годишниот јубилеј на Кинотеката на РСМ, во наредните неколку месеци фестивалот, Кинотеката и Центарот за култура Битола ќе организираат ретроспектива на култни филмови чии кинематографери се некои од досегашните лауреати на „Браќа Манаки“.
Во Кинотека филмовите од ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ ќе се прикажуваат секоја среда од 20:00, а во Центарот за култура Битола секој понеделник од 20:00.
Ретроспективата ќе започне на 7 февруари (среда) со филмот „Персона“ (Persona, 1966) на Ингмар Бергман, снимен од шведскиот кинематографер Свен Никвист, двоен оскаровец и добитник на првата награда „Златна Камера 300“ за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“.
Познатата театарска актерка Елизабет Воглер, по преживеаниот мозочен удар, запаѓа во состојба на шок и замреност. Воглер не е болна, туку едноставно избрала засекогаш да замолчи. Заедно со нејзината негувателна Алма заминуваат на еден остров и таму се развива интересен однос меѓу нив: колку што повеќе меѓусебно се конфронтираат во различни ситуации, толку повеќе се зближуваат. Кризата на идентитетот станува сè „покреативна“ со мешањето на двете личности во една персона.
„Персона“ е оценет како ремек-дело на филмскиот модернизам и како најекспериментално дело во опусот на Бергман.
Проекцијата на филмот е во Кинотека на 7 февруари (среда) од 20 ч.
Филм: „Зази во метро“ и „Милу во мај“ на Луј Мал
„Зази во метро“ (Zazie dans le Métro, 1960, 89 мин., колор, ДЦП) на Луј Мал (Louis Malle), по сценарио на режисерот и Жан Пол Рапно (Jean-Paul Rappeneau), со Катрин Демонже и Филип Ноаре (Catherine Demongeot. Philippe Noiret) е анархичното филмското деби на великанот на филмот и еден од највидните претставници на францускиот нов бран.
Филмот е заснован на култниот роман на францускиот писател Рејмон Кено (Raymond Queneau) во кој се опишани лудите авантури на 12-годишното девојче по име Зази за еден викенд во „градот на светлината“.
Зази е принудена да отпатува во Париз за викенд каде нејзината мајка треба да се сретне со својот љубовник. Таа е оставена на грижа на нејзиниот ексцентричен вујко. И со него и сама, Зази има неверојатен викенд. Се запознава со најразлични необични и чудни карактери и влегува во низа несреќи кои кулминираат во тепачка за храна во кафуле.
Проекцијата на „Зази во метро“ е во Кинотеката на 8 февруари (четврток) од 20 ч.
„Милу во мај“ (Milou en Mai, 1990, 107 мин., колор, ДЦП), по сценарио на режисерот и Жан Клод Кариер (Jean-Claude Carrière), со Мишел Пиколи, Миу-Миу, Мишел Душасо, Доминик Бланк, Хариер Валтер, Бруно Карет, Паулет Дубо (Michel Piccoli, Miou-Miou, Michel Duchaussoy, Dominique Blanc, Harriet Walter, Bruno Carette, Paulette Dubost), во фокусот на сторијата го има семејниот матријарх на мадам Виезак. Таа умира токму кога немирите и штрајковите ја зафаќаат земјата.
Нејзините најблиски, синовите Мило и Жорж со семејствата, доаѓаат на погребот. Додека ги слушаат вестите за револуционерниот бунт во Париз, членовите на семејството се расправаат за имотот и ги оживуваат долготрајните расправии. Но, немирите се закануваат да се прелеат во нивната заедница и тие не можат да ја закопаат мајка си…
Во овој филм Луј Мал на суптилен начин прави сатиричен омаж на револуционерната 1968 година и париските студентски бунтови.
Проекцијата на „Милу во мај“ е во Кинотеката на 9 февруари (петок) во 20 ч.
Книга: „Малиот бог на земјотресот“ од Петар Денчев
Издавачката куќа „Антолог“ во рамките на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“ го објави романот на современиот бугарски писател Петар Денчев, „Малиот бог на земјотресот“.
Романот на Денчев започнува како и многу други книги – со разделба. Една жена го напушта својот маж без некоја посебна причина. Го прави тоа старомодно, со белешка напишана на рака. Тој не изгледа изненаден, дури на почетокот воздивнува со олеснување дека не ѝ се случило ништо лошо. Така навлегуваме во светот на еден нереализиран филозоф кој е сопственик на цвеќарница. Во обид да ја открие мистеријата на исчезнувањето на неговата сопруга, презема трауматично патување во минатото – во својот гардеробер, среде руините на татковата куќа, по софиските улици, на брегот на Дунав, среде чаршијата во Скопје.
Преживувајќи го распаѓањето на љубовната врска, за да преживее по трагите на изгубеното, тој се става себеси на влезовите и излезите на сегашноста. Дали оваа интензивна потрага е во состојба да го надмине чувството за живот составено од страв и недостиг? Возможно ли е еден личен бог да го стабилизира свлечиштето на животот за да го забави напредувањето на лудоста, која ги претвора луѓето во машини?
Петар Денчев е писател и театарски режисер, роден е во Варна во 1986 година. Во 2010 година дипломирал режија на НАТФИЗ „Крсто Сарафов“. Дебитира со раскази и поезија кои веднаш се наградени и номинирани на разни конкурси. Со книгата „Онака како што маж бакнува жена која ја сака“ победува на конкурсот за нов бугарски роман „Развиток“ во текот на 2007 година, а ја добива и наградата на „Рајфајзен банка“ на конкурсот „Јужна пролет“ (2008).
Неговите театарски претстави поставени на сцените на големите театри во Бугарија гостувале на различни фестивали во Србија, Црна Гора, Романија и Косово, и оттогаш датира неговиот интерес кон земјите од поранешна Југославија. Автор е на збирката раскази „Приказни во минато време“ како и на експерименталниот роман „Тивкото сонце“. Има објавувано во сите големи бугарски весници и списанија како и во американското „The Litter Box Magazine“ и на хрватскиот сајт „Критична маса“. Негови најнови дела се „Малиот бог на земјотресот“ (2019) и „Превртување“ (2021).
Книгата на македонски јазик во превод на Душко Крстевски е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.
Избрал: С. Синадинов