Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Акцијата во Грчец е показател дека интеграцијата во ЕУ придонесува за зајакнување на борбата со криминалот

Зајакнатата оперативна соработка со Европол, која, според ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше исклучително важна за акцијата во Грчец, само покажува дека процесот на интеграција на земјава во Европската Унија во огромна мера ќе придонесе за зајакнување на битката против организираниот криминал и корупцијата, бидејќи со партнерска поддршка, многу полесно и поедноставно ќе може да се разобличуваат сите шеми, пишува денеска „Либертас“ во анализата со наслов „Тие на кои не им се допаѓаат ‘црните листи’, рестриктивните мерки и апсењата во Грчец не покажуваат пркос кон САД, туку кон сопствената татковина“.

Во анализата на порталот се наведува дека влезот во групата „Лимит“, која е всушност истражен тим од земјите членки на ЕУ (Франција, Белгија и Холандија), обезбедува ефектуирање на политичката волја за конечна пресметка со оваа банда преку користење на сите информации и податоци од базата на Скај платформата. Оваа апликација за комуникација ја користат најголем дел од високопрофилираните криминалци ширум светот, а преку неа и групата од Грчец ги договарала сите активности. Токму преку неа со помош на партнерите од Европската Унија, детектирани се 16 припадници од оваа група.

Контактите на лицата не биле само локални, туку и меѓународни, со врски и конекции по европските транспортни коридори и во државите од Јужна Америка, од каде се набавувале наркотиците. За спроведувањето и изработката на сеопфатен план за кинење на таа мрежа не недостасувале политичка волја. Таа е јасно искажана и при првиот обид со акцијата Планина во 2021 година, која поради поткажувачи во системот, а не поради самиот систем, е пробиена.

Според најавите, сега на површина ќе изелзат сите инволвирани лица кои им помагале, а биле вработени во државните институции, како во МВР, министерства, агенции, судството и обвинителството.

Од Законот за рестриктивни мерки се вознемируваат тие за кои американските власти имаат докази дека учествувале во криминални активности

Стравувањата дека со измените на Законот за рестриктивни мерки и санкционирањето на лицата кои ќе се најдат на американската црна листа, го нагризуваат суверенитетот се нерационални, а се базираат на одредени лица или групи кои се вознемирени од можноста за законско санкционирање на лицата за кои американските власти располагаат со докази дека учествувале во криминални активности или активности со кои се загрозува мирот и безбедноста на граѓаните, пишува порталот „Либертас“.

Во анализата се наведува дека загриженоста дека пресумпцијата на невиност ќе биде доведена под знак прашалник е нелогична, особено ако се има предвид фактот дека и досега функционираше законско решение кое се однесуваше на рестрикции врз основа на правни акти од ЕУ или од Обединетите нации.

„Во случајов, со додавањето на САД, всушност се дава поголемо значење на нивните напори и заложби за покрепа на државава во справувањето не само со корупцијата и криминалот, туку и со поттикнувачите на конфликти кои можат да влијаат на стабилноста, како во земјата, така во регионот и пошироко“ се вели во анализата на Либертас.

На американската црна листа се наоѓаат повеќемина македонски државјани, но ниту еден од нив не подлежи на каква било санкција од домашните власти. Со измените, правосудните органи ќе бидат приморани да интервенираат и да ги проверат наводите стасани од Вашингтон и да донесат мериторна одлука.

Зачлени се на нашиот е-билтен