Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Украина е првото име на слободниот свет

Бранко ТРИЧКОВСКИ

Прелетав преку мал милион тези за војната во Украина.

Повеќето имаат некаква основа, не се, како би рекол, скроз откачени.

Освен оние што доаѓаат од Москва.

Тие ми се како цртежи што ги изработуваат децата во кремлинската градинка.

Захарова, Лавров и оној шнауцер Медведев.

Путин е како шеф на царистичките јаслички.

Во говорот пред Парламентот го потврди тој статус со убава шкрабаница.

За Специјалната операција што прв пат ја нарече војна.

Со мрсни бои.

Запад е виновен, САД, Европа…

Русија се бори против војната!

Блаблабла.

Со строг глас, аплаузи и мачнина која ги пробива алгоритмите на злото и на сите во Москва им кажува дека се во говна.

Но, мислам дека рационализациите кон кои се стремат луѓето, мора да почнат од Големата експлозија на мешавината од царизам, мистицизам, историцизам, фундаментализам, империјализам, експанзионизам, нацизам и фашизам, во допирот со неограничената моќ на еден човек да одлучува за судбината на светот и за неговото уредување.

Особено за уредувањето кое некое мамурно утро му се видело неправедно за Русија.

И, се разбира, во финалниот тач со неговата одлука да тргне тие работи да ги преуредува со ракети, тенкови и човечки животи.

Во неограничени количества.

Геополитиката и новиот светски поредок тука не се никаква висока, недоловлива за обичниот човек политика, туку се последица на лошата ментална столица на првиот човек на Руската федерација.

Нема тука никаков ум.

Планетата е натопена во говната на Владимир Владимирович.

На толку крв која е испиена како расолница за неговата мачнина, не гледам зошто не би биле вака народски отворени.

Друга работа е што Путин јадел пред да му се исере на светот: Боршч, црна свиња, елен, ајкула, фазан или мечка.

Или некој од олигарсите што се лизгаат од џамови.

Епиката на глупоста со која тој се судри со Украина, со светот и со самата Русија, е без преседан.

Тие се обидуваат да го заебаваат и заплашуваат Запад со судбината на Наполеон, но просто е несфатливо како не можат да прокужат дека во улогата на францускиот цар и тоа не пред Кијив туку пред некои села во Донбас, не е Наполеон, туку е Тој, рускиот претседател, Владимир Владимирович Путин.

И со германските тенкови сакаат да пливаат во историски ресентимани, но и тука е нејасно како не можат да видат дека шеесеткилометарската колона тенкови што изгореа пред Кијив не беа тенкови со крст туку со буквата З. Повеќе руски тенкови, топови и животи се оставени во замрзнатата украинска земја отколку што има компири во подрумите на Кремљ за случај на нуклеарна војна.

Во напаѓачка смисла поглупав поход, ако така може да се нарече руската агресија, од инвазијата на Путин, мене ми се гледа само слоновското форсирање на Алпите од страна на картагенскиот фелдмаршал Ханибал, а во одбранбен поглед, поразите на Русите се поглупи и од поразот на Инките во судирот со Пизаро и неговите конквистадори.

Со тоа што руските катастрофи никогаш нема да ја добијат романтичната нијанса на епиката.

На почетокот на агресијата врз Украина руските пропагандисти и највисоките функционери мислеа дека ќе ја префрлат одговорноста за војната и ќе ја зачукаат топката во кошот на Запад со прашањето: А како би реагирале Соединетите држави ако Мексико или Канада би сакале да влезат или веќе се во зоната на руското влијание?

Или, замислете, ако поднеле апликации за членство во Организацијата на независните држави?

Ха, сигурно би одговориле со војна, ете го тој одговор што, на тие што го поставуваа прашањето, им висеше во воздухот, демек се подразбираше, но работата беше и е во тоа што во актуелните идејни и геополитички, вредносни и културни поделби, овие две држави се подалеку од Русија отколку од планетата Мелмак.

Со други зборови, прашањето за Канада и за Мексико е бесмислено, но прашањето зошто Украина не сака да биде со односно под Русија, не е бесмислено.

Во него се крие големо парче од суштината на проблемот.

И, не само што не сака да биде геополитичка, културна и национална екстензија на Москва, туку уште сака и да влезе во НАТО и во Европската унија.

Не во Организацијата на независните држави.

Зошто бара за себе неруски културен, политички, вредносен и безбедносен контекст?

Што е тоа што НАТО и ЕУ го имаат, а Москва го нема?

Ширењето на НАТО и ЕУ на исток никогаш не бил израз на антируските агресивности на Европа и САД, туку политички избор и интерес на државите и народите кои ја одбраа таа опција, меѓу другото и поради лошите искуства од блиските односи со Москва, како и од стравот дека можат повторно да паднат во нејзината прегратка.

Тоа значи дека реактивните причини за руската агресија врз Украина се апсолутно невалидни, измислени, пропагандни.

Фукујама пишува дека на вистинска закана не беше изложена безбедноста на Русија, туку нејзиниот политички модел. Тој, Путин, сметаше и смета, дека либералната демократија е и инаку осудена на пораз, но дека е посебно неприкладна во словенскиот свет. Слободна Украина ја демантираше таа теза и затоа мораше да биде елиминирана.

Во тој поглед, има уште еден многу сериозен аргумент: Консолидацијата на Русија по крајот на Советскиот сојуз и катастрофалната транзиција со Елцин не беше можна без силното влијание на односите со Европа и САД во сите области, од финансиските интервенции во времето на Елцин, преку економската соработка, технолошките инјекции на развиениот Запад, во сферата на инвестициите  итн. Или без европските потрошувачки и плаќачки капацитети во однос на руските ресурси. Многу помалку на визиите и политиките на Путин како што се обидува да ги прикажува работите московската пропаганда. Русите излегнаа од затворениот свет, почнаа да инвестираат на запад, да живеат на запад, да ги школуваат своите деца на запад. И да прифаќаат нови културни и животни модели, вредносни системи кои за светот на путинистичкиот царизам почнаа да се пројавуваат како опасни вируси.

Тоа е третата, исто така, вредносна и реална, причина за агресијата врз Украина, односно за војната во која, така таа беше најавувано, ќе треба да се смачка Запад и да се воведе антилиберланото, автократско и „праведно“ царство на чело со Русија.

Се покажа дека пијаните амбиции на рускиот цар се во судир со потенцијалите на Русија и со расположението на светот. Посебно, со спремноста на Украина и на украинскиот народ да се борат за својата држава и за својата слобода и за слободата на својот избор.

Подвиг без преседан, не само во поновата историја.

Тој отпор, проследен со неверојатни жртви, ќе ја задржи основната композиција на западната цивилизација, посебно вредносниот аспект, демократијата, слободата, правноста. Со нужни прилагодувања, се разбира. Пред поразот на Путин постоеше најстрашната опасност: неединството на Запад од една страна и поврзувањето на рускиот царизам со новата десница во САД и во Западна Европа и формирање на цел еден светски антилиберален блок заедно со Кина. Мислам дека таа опасност е значително намалена затоа што по поразите во Украина, значително е ослабната моќта на централата во Москва, а на другата страна, руската опасност го консолидираше западното единство. Фасцинантни се неговите брзи прилагодувања. Развојот на настаните, маестралното водство на Бајден, им ветува на демократите уште еден мандат во Белата куќа. Посетата на Кијив и говорот во Варшава имаат паралели само со посетата на Кенеди на Берлин пред 60 години. И двата настана претставуваа триумфален израз на западната борба за слободата.

Слабее позицијата на Орбан, новиот фашизам на Мелони се судира со реални проблеми и сфаќа дека без светот на слободна Европа нема никакви шанси. Поразот на Русија ќе створи нов геополитички амбиент за решавање на преостанатите прашања во Европа, како што е пршањето на интеграцијата на Западниот Балкан со признавањето на Косово, симнувањето на бугарското вето за Македонија, испумпувањето на додиковските амбиции на Република Српска итн.

Развојот на ситуацијата, на еден парадоксален начин, ќе овозможи, да се надеваме, позитивни промени и во самата Русија. Нема Русија да ја денацифицира Украина, туку ќе се случи обратното, Украина ќе ја денацифицира и депутинизира Русија. Која ќе мора да сфати дека легитимната цел да биде јака и моќна, не е работа на територијалноста, тоа е застарено видување, туку прашање на технологијата, на економијата, на културата и уметноста, на умот.

Особено на ослободувањето на рускиот човек од подредувањето на својот живот на животот и целите на империјата, од филозофијата во која тој е ништо, а Русија е сè, од ставот дека животот нема смисла, ако нема за што да умреш.

Јас во говорот на Путин видов знаци дека тој е свесен за ситуацијата, односно дека сите цели на Специјалната операција се промашени: Украина не само што не е поразена, туку оди кон победа, Запад не само што не е уништен, туку ги збива своите редови и се консолидира безбедносно, енергетски, економски, со не мали жртви, се разбира, војна е, митот за руската војска е уништен, Русија е изолирана, тој е изолиран, Лавров не може да појде ниту до веце во Тула, НАТО не е одбиен од границите на Русија, туку е приближен, царот е прилично голичок и сè би дал да може да се врати во статусот од пред една години, но тоа не е можно. Во едно царот е во право: распаѓањето на Русија не е исклучена работа, имено, поради Русија, поради поведението и констелациите во државата и во општеството. Русија ги загуби преговарачките кредити. Мислам дека пролетната офанзива на Украинците ќе ја доведе ситуацијата на теренот во склад со катастрофалните преговарачки позиции на Москва и дека по таа основа ќе се дојде до договор и до крај на војната. Со зачувување на територијалниот интегритет на Украина проследен со функционални отстапки за Русија (Севастопол, правата на Русите на целата територија, посебно таму кај што се мнозинство).

Централното прашање е како поразот на Путин да не се претвори во неконтролирано расточување на империјата. Затоа што таму нема ниту приближно нормални политички процеси. Сè е узурпирано од една тесна елита. Но и во тој блок веќе се јавуваат судири на кремлински структури со олигархиски субјекти и другите делови на општествената елита.

Запад може веднаш да ги даде сите безбедносни гаранции за Русија, но Русија не може да даде ништо, затоа што ја има уништено довербата во себе. Но, мислам дека овој пораз кој сега се камуфлира со тралалајки какви што беа оние во говорот на Путин, ќе отворат односно веќе имаат отворено процеси кои ќе водат кон една поинаква внатрешна композиција на Русија и кон поинаков однос на Русија кон светот и на светот кон Русија, се разбира.

Некој предлагаше Русија да биде центарот на некаква Источна Европска унија, мултиетничка и мултикултурна и милтирелигиозна структура, поцентрализирана од ЕУ, прилагодена на тамошните културни модели, но во основа модерна, демократска, правна целина. Тоа би била основа на долготраен мир и просперитет.

Сега е важно да продолжи помошта на Украина. Водени од ставот дека во Украина се води и војната за Европа и за слободниот свет. Украина мора да се реинтегрира. Нема поважен критериум за праведен крај на војната. Но, тој не е единствен. Мора да се оди кон процесуирање на одговорните за страшните злосторства, десетици илјади убиени, измачувани, силувани, „филтрирани“. Разорени градови и села, инфраструктура. 13 милиони внатрешно раселени и емигрирани Украинци. И, конечно, веќе сега мора да се крене со прашањето за обновата на земјата чија нација која ќе ја славиме како спасител на Европа.

Слава Украини!

Светскиот поредок ќе претрпи измени, но мислам дека во тие измени ќе има и многу позитивни работи.

Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот. | Извор: FRONTLINE

Зачлени се на нашиот е-билтен