Поддршката на Грција во напорите за отпочнување на разговорите за кипарското прашање, ја повториле грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и шефот на дипломатија Јоргос Герапетритис на одвоените средби што денеска ги има со специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН за кипарското прашање Марија Ангела Холгуин Куелар, јави дописничката на МИА од Атина.
Холгуин Куелар е во посета на Атина во рамките на првиот круг контакти со цел одново да започнат разговорите за конкретното прашање.
Од кабинетот на грчкиот премиер информираа дека Мицотакис ја повторил неговата поддршка „за напорите за продолжување на разговорите за кипарското прашање врз основа на рамката утврдена со соодветните резолуции на Советот за безбедност на ОН“.
Истите позиции ѝ ги пренел и министерот за надворешни работи, кој според грчкото МНР, истакнал дека преговорите треба да бидат врз основа на дво-зонска, дво-комунална федерација, но и дека е „неопходно да се направат сите можни напори за да се постигне фер и одржливо решение врз основа на меѓународното право и европските вредности“.
-Министерот за надворешни работи упати порака дека решението на кипарското прашање во овој контекст ќе создаде услови за стабилност, мир и економски развој во целиот Источен Медитеран, соопштија од грчкото МНР.